0.8 C
Скопје
00:25 - 22 декември, 2024

Иранскиот филм „Јалда“ ја крена публиката на нозе во Берлин

На годинешното Берлинале, во рамките на кое се одржува големиот Европски филмски маркет, за жал Македонија нема штанд иако изминатата година беше една од најуспешните за нас, а оваа година ја започнавме со две номинации за „Оскар“. Па сепак, кога препознатливоста е најголема и кога во Берлин се голем број македонски филмаџии, ние немаме штанд каде што би можело да се промовира сè што е ново, кое во овој момент во многу би им го олеснило развојот на новите проекти и би создало многу поголеми можности за комуникација и за поврзување. Но, тоа не значи дека нè нема, првенствено благодарејќи на индивидуалните успеси и ангажмани. Така, вчерашното фестивалско издание на „Варајети“ известуваше за новите проекти на македонските режисери Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, додека младиот Ханис Багашов, кој годинава е избран на Талент кампусот, доби многу важен грант за развој за неговото долгометражно деби, за што пишуваше „Скриндејли“.

Во „Варајети“ Кристофер Ворлиас ексклузивно најавува дека македонските режисери, кои имаа двоја номинација за „Оскар“ за документарецот „Медена земја“, Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, подготвуваат неколку нови проекти. Котевска, како што вели Ворлиас, работи на финансирањето на своето играно долгометражно деби со работен наслов „Човек против јато“, инаку приказна за судир на генерации кој е дотолку поголем поради сè поголемата разлика меѓу традиционалните вредности и рапидното менување на модерното живеење. Котевска е копродуцент на овој проект заедно со Стефанов, и како што е најавено, таа се надева дека снимањето ќе почне во 2021 година.

Тамара Котевска и Љубомир Стефанов

Тамара Котевска, исто така, е продуцент и косценарист и на омнибус од пет кратки документарци посветени на македонските атлетичарки, што го потпишуваат пет различни режисери. А Љубомир Стефанов моментно работи на развој на долгометражен анимиран филм за климатските промени со работен наслов „Swiss Laundry“.

Ханис Багашов, пак, чиј краток филм „Мишко“ помина одлично и беше на голем број фестивали, годинава е селектиран на Талент кампусот, каде што има 250 учесници од 85 земји, кои се избрани од 3.500 пријавени кандидати (а како што веќе пишувавме на кампусот годинава е и македонскиот актер Стефан Вујисиќ). Учесниците на кампусот имаат можност да се сретнат со многу големи автори и актери и да ги слушаат нивните предавања наменети специјално за Талент кампусот. Така, како што вели Багашов, имале средби со: култниот германски режисер Вим Вендерс, со една од најангажираните и најталентирани актерки, Кејт Бланшет, со почесната дама на Берлинале, Хелен Мирен, со годинешната оскаровка Хилдур Гуднадотир за музиката во „Џокер“, како и со тајванскиот автор Тсао Минг.

Во Берлин се случи уште еден извонреден настан за Багашов. Неговиот нов проект, долгометражното деби со работен наслов „Аиша“ е селектиран меѓу 16 проекти од 460 пријавени од 80 земји, на новата сесија на ЛИМ Less is more. А тоа значи дека Багашов својот филм ќе го развива на работилниците на ЛИМ кои ќе се одржуваат во: Полска, Франција и Литванија. Целиот процес на развој на проектот ќе трае 9 месеци. Инаку, овој проект на Багашов минатата година доби награда и за најдобар пичинг на ПриФОРУМ на фестивалот во Приштина. Багашов, кој е инаку најмлад учесник на двете програми, е сценарист и режисер на „Аиша“. А како што кажува, за учесниците на Талент кампусот нема ограничување за возраст, така што повеќето учесници имаат над 35 години. Додека на ЛИМ има учесници кои развиваат свој трет или четврти долгометражен филм. Навистина се гордееме со нивните успеси и со можноста да сме годинава дел од Берлинале на едно поинакво ниво, иако немаме филм во официјалната програма.

Но, секако, да не ја заборавиме програмата на Берлинале, иако годинава е навистина депресивна, барем кога зборуваме за главната програма. Но, затоа најголемите изненадувања изгледа доаѓаат од другите програми. Неверојатен е еден податок, дека најдобриот филм што го видовме досега, иранскиот „Јалда, ноќ на простување“ на Масуд Бакши, е вклучен во програмата за деца односно за млади над 14 години „Генерација“. Поради тоа веројатно многумина и би го прескокнале овој филм, кој буквално ја крена публиката на нозе во киносалите „Кјубикс“ што се наоѓаат на „Александерплац“.

„Јалда, ноќ на простување“ се вика реалното шоу кое оди на телевизијата во Техеран и на кое во живо осудените (најчесто) жени за убиството на своите мажи бараат простување од нивните роднини. Каква идеја, и за жал, вистинита. Филмот е инспириран од ова шоу и од приказните кои одат во живо на ова риалити шоу и кои се гледани од милионски број на гледачи што испраќаат пораки и имаат влијание на крајните одлуки. А она што е навистина за неверување, е дека целото шоу е најавувано како „радост на простувањето“, како најубавата ноќ во годината, како најважен настан кои ги менува човечките судбини. Замислете, секаде пишува „JOY“, додека ја гледате најголемата иронија на телевизијата, на која секако и е најважен рејтингот и успешноста на програмата.

А сето тоа, како што реков, е вистина и се одвива во живо. Маријам (Садаф Азгари) е млада, 22-годишна девојка која го убила својот 65-годишен маж. На суд е осудена и од затвор доаѓа директно на оваа емисија на која бара простување од неговата ќерка. Извонредно Бакши го води овој филм, чија цел, како што рече на крајот во разговорот со публиката, е да порача дека вакво нешто не смее да се случува, дека животот на луѓето не смее да биде третиран како шега. Инаку, за атмосферата да не зоврие додека се соочуваат убиецот и роднината на жртвата, телевизијата смислила да донесе некој познат актер кој ќе чита стихови и на свој начин ќе испрати порака колку е важно разбирањето и простувањето.

Организаторите навидум имаат цел да „помогнат“ и да соберат што повеќе пораки кои ќе влијаат на одлуката за простување на присутниот роднина, кој во тој момент ја има улогата на судија што одлучува за нечиј живот. На прашањето до Бакши, дали на овие емисии има само жени-убијци, тој одговори дека се случува, иако поретко, да има и мажи и раскажуваше за еден случај кога публиката по секоја цена гласала дека тоа момче треба да биде убиено. Исклучителен филм и неверојатна изведба на младата Маријам.

Уште еден одличен филм донесе албанскиот режисер Висар Морина (кого го паметиме по одличниот „Татко“), чиј „Егзил“ беше вклучен во програмата „Панорама“. „Егзил“ е многу ефектно направен филм, кој допира особено важни теми во денешното живеење, а тоа е стравот или паранојата од неприфаќањето во другата средина. Но, Морина ќе го направи така филмот што под еден вид психолошка лупа ќе ги стави сите, не дефинирајќи секогаш од каде тие работи доаѓаат, дали навистина неговиот главен лик е малтретиран на работа или тоа само си го замислува, дали психолошкиот притисок кој се заканува дека може да доведе до експлозија, е проблем со интеграцијата во новата земја или со стравот од губењето на сопствениот идентитет. Во еден момент Џафер ќе го праша неговата жена, дали некогаш си го поставил прашањето колку проблемот е во колегите или во неговото параноично однесување. Морина постигнува многу добра тензија со начинот на кој го води филмот, а за што самиот вели дека најголемо влијание на него имал Роман Полански и неговиот „Станар“. Сценариото што го потпишуваат Морина и Улрих Келер е навистина одлично, исто и камерата од рака која постојано го следи Џафер и неговата толку добро доловена психолошка тензија, а улогите на Мишел Матичевиќ и Сандра Хелер се одлични.

Мора да кажам дека доаѓањето на Хилари Клинтон го сметам како погрешен потег на организаторите, но нејзината прес-конференција беше исклучително посетена и одговорите беа навистина интересни, доволно искрени и со самото тоа провокативни, што успеваше да го задржи вниманието. Навистина беше огромно присуството на новинарите и бројни прашањата за жената во политиката, а Хилари, како и режисерката на документарецот за неа, Нанет Берштајн, беа многу опширни и забавни во одговорите, што тоа како и да е, го одбележа вчерашниот ден на Берлинале.

The post Иранскиот филм „Јалда“ ја крена публиката на нозе во Берлин appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....