4.8 C
Скопје
18:34 - 18 декември, 2024

Интервју со Фросина Пармаковска: Државниот карантин не беше страшен, но ограниченото движење тешко го доживеав

Фросина Пармаковска, која во 2017 година ја доби наградата Роман на годината за романот „Одбројување“, раскажува за своето искуство во карантин. Таа од Софија завршила во хотелот Ибис Стајлс, каде поминала 14 дена во самоизолација. Првите два-три дена ми требаа за да си дојдам на себе после деветчасовниот кошмар на граница и да се помирам со фактот дека јас сум таму, во таа соба, посочува Пармаковска за Слободен печат.

 

Помина 14 дена во државен карантин, во хотелот Ибис Стајлс. Како се случи тоа да бидеш во карантин?

– Се случи непредвидено, впрочем, како и за многу од патниците кои беа во таа „прва тура“ на државните карантини. Лично јас, бев речиси еден месец во Софија каде што работев на мојот нов роман. Кога заминав, пандемијата не беше присутна во нашиот регион, но како што им е познато на сите, работите кај нас, во регионот и насекаде низ светот многу брзо се менуваа. Следејќи од таму будно за состојбите во двете држави, на последниот пакет рестриктивни мерки во Бугарија одлучив да се вратам дома, верувајќи дека ќе поминам 14 дена во самоизолација. Но, неколку часа пред да тргнам, се донесе одлуката за задолжителен државен карантин за сите што се враќаат, па така, после едно долго и мачно патешествие на нашата граница, се најдов во државниот карантин Ибис Стајлс.

Страшно ли е да бидеш во државен карантин?

– Воопшто! Првите два-три дена ми требаа за да си дојдам на себе после деветчасовниот кошмар на граница и да се помирам со фактот дека јас сум таму, во таа соба и дека треба да поминам така 14 дена. Мислам дека да се доживува тоа како нешто страшно во ваква ситуација кога самата реалност е многу пострашна, кога светот го има запрено целото постоење и нормално функционирање – е, во најмала рака, инфантилно.

Таму го прослави и роденденот. Дали беше тешко сама да славиш?

– Мислев дека ќе ми биде тешко затоа што луѓето што ме познаваат знаат колку им се радувам на родендените, токму заради собирањето на поблиските луѓе. Но, не ми беше тешко затоа што сите тие беа присутни тој ден и благодарение на современите начини за комуникација си истеравме одлична дружба. Освен тоа, како и за сите карантинци кои имаа во некој од тие 14 дена роденден, добив изненадување од медицинскиот и хотелскиот персонал со пеење, дување свеќички и торта и многу позитивен дух.

Какви беа условите, јадењето, целокупниот престој?

– Условите беа одлични – се работи за модерен хотел кој е добро опремен и редовни оброци кои, мене лично, и ми беа премногу. На некои луѓе од карантинот им беа премалку или имаа поплаки во однос на храната, но повторно, во ситуација како оваа, мислам дека сите треба да покажеме малку поголемо трпение и одговорност кон себе и особено кон околината. Жалбите во однос на задолжителниот престој во карантинот или оние во однос на изборот на менито, мене лично ми изгледаат каприциозно и повторно, инфантилно… И јас, како и сите таму, сакав да си одам дома (дури првите денови ги молев полицајците да ме пуштат) но, се затекнав во околности кои мора да се прифатат – поинаков начин, просто, нема.

Што ти беше најтешко, а што ти беше светла точка која ти го олеснуваше престојот во карантин?

– Најтешко ми беше тоа што за првпат ми беше ограничена слободата на движење и дејствување, во животот никогаш претходно не памтам дека сум се соочила со таква ситуација – врата која не смеете да ја отворите. Но, како што споменав претходно, и таквото чувство го рационализирав со тоа што бев свесна дека дури и да одам дома, би ме чекала истата ситуација – тоа, имено, значи самоизолацијата. Светла точка ми беше пишувањето и луѓето што секој ден ми го даваа своето време и поддршка (онлајн).

Што научи од изолацијата и самотијата?

– Не научив многу повеќе од тоа што веќе го знам и што му е познато на секој прозен писател – а тоа е максимално и продуктивно искористување на времето во самотија. Самотијата е неминовна за да се пишува роман. Но, во поширока смисла, не само писателите, секој човек треба да знае или да се обиде да научи да преживее сам со себе (или со своите блиски) и без пандемија.

Како го исполнуваше времето, дали можеби пишуваше нов роман?

– Да, романот го пишувам речиси една година и јас не направив ништо посебно освен што продолжив да се занимавам со она на кое му бев посветена изминатиот период. Покрај тоа, ги следев актуелните информации во однос на вирусот, вежбав, се слушав со блиските и читав.

Сега повторно си во изолација, но дома. Дали е полесно?

– Дома си е дома и секако дека е полесно. Но, од друга страна, начинот на кој го продолжувам посткарантинскиот период, во насока на динамиката на активностите, е многу сличен на оној претходно, а ќе биде и сличен на оној период кој следува сѐ додека не го завршам овој роман.

Како се чувствуваш, дали правеше тест и дали имаш симптоми на коронавирус?

– За среќа, немам никакви симптоми и токму затоа и се немам тестирано затоа што, според препораките на нашето Министерство за здравство односно од Светската здравствена организација, се практикува тестирање само на лица кои покажуваат симптоми од едноставна причина што во спротивно, може да се добијат лажно негативни тестови што, пак, дополнително би резултирало со зголемување на ризикот кон околината поради таквиот резултат.

Што ќе им порачаш на читателите на Слободен печат?

– Би им пуштила на сите желби за добро физичко и ментално здравје и воедно би ги замолила за трпение, смиреност и грижливост кон себе и кон своите блиски – ова е период кога секој поединец го дава сопствениот придонес и од големо значење е сите да се однесуваме како возрасни и одговорни луѓе. Секој треба да се замисли како можен асимптоматичен носител на вирусот и соодветно на тоа да дејстува, само и само во нсаока на заштита на својата околина, особено кон оние кои многу потешко (или никако не) би го преживеале тоа.

The post Интервју со Фросина Пармаковска: Државниот карантин не беше страшен, но ограниченото движење тешко го доживеав appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....