23:02 - 22 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ Љупчо Јаневски: Можно е хотелите и рестораните да се отворат во втората половина на мај

Со кампања „Дома си е дома“ Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) ќе се фокусира на домашните туристи, затоа што се очекува дека тие ќе бидат главни гости ова лето во Македонија.

Директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски, вели дека може да се очекува отворање на хотелите и на рестораните во втората половина од мај.

Веројатно, ако постои некаков туризам летово, македонските граѓани ќе се свртат кон домашниот. Правите ли некоја стратегија како тој да се одвива, доколку сѐ уште постојат одредени рестрикции поради здравствената криза?

– Неспорно е дека во 2020 година фокусот ќе ни биде на домашните туристи и доколку условите овозможат, на регионални гости. Ова го поткрепувам со фактот дека во 2019 година 40 отсто од туристите биле домашни, остварувајќи 51 отсто од вкупните ноќевања, односно 1,6 милиони ноќевања, и треба да се фокусираме на оваа бројка која е остварлива.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот подготвува маркетинг-кампања „Дома си е дома“, со која ќе ги промовира македонските атракции, подзаборавени дестинации и оние што добро ни се познати, но вреди да се посетат повторно.

Сметам дека интересот на туристите драстично се измени и сѐ повеќе ќе се бараат тивки дестинации со мали капацитети во руралните делови, во националните паркови и дека ќе се одбираат дестинации на кои веќе сме престојувале, чувствувајќи се сигурно. Руралниот туризам, екотуризмот, активниот туризам и гастрономијата ќе бидат во фокусот на интерес кај домашните и кај другите гости. Очекуваме кратки патувања со семејствата за викенд, или седумдневни аранжмани во нашите туристички центри, во мали капацитети сместени во недопрена природа со сервирање органска храна. Домашните туристи ќе овозможат враќање на туризмот и зајакнување на домашната економија, која во овој момент е многу ранлива поради кризата.

Да не беше коронавирусот, сега ќе ги пречекувавме првите странски гости. Но, за жал, како и во целиот свет, така и кај нас, туристичката сезона не почна. Колку аранжмани и колку пари веќе загубивме?

– Стратегиското планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот беше насочено кон тоа 2020 година да го достигне својот пик во тригодишниот период, со скок на туристите за 8-10 проценти и со раст на ноќевањата на странските туристи за околу 15 проценти. На ова укажуваа и позитивните резултати за јануари и за февруари кога имавме зголемен број странски туристи за 15,3 проценти во однос на истиот период лани.

Во изминатите две години директниот девизен прилив, влеан во македонската економија е со скок од 21 проценти и во 2019 година изнесуваше 396 милиони долари, а во 2020 се очекуваше тој да достигне до 450 милиони долари, но покрај директниот прилив, секако тука се индиректните ефекти.

Очекувате ли по отворањето на границите, што сѐ уште е неизвесно, во Македонија да дојде некоја група странци? Имате ли аранжмани што веќе биле договорени за септември, а кои сѐ уште не се откажани?

– Неизвесноста за мерките и нивното траење ќе зависи од справувањето со пандемијата, која за многу кратко време го измени светот и според мене ќе постави други стандарди за патувања, сместувања и поле на интерес во туристичкиот сектор. Секојдневно сме во контакт со туроператорите кои имаа подготвено аранжмани за летување во Македонија и своите аранжмани ги одложија за неколку месеци.

Лично сметам дека оваа година доколку се отворат границите и ако етапно се намалуваат мерките што треба да кажеме дека се индивидуални на државите, треба да очекуваме релаксирање на состојбата и одредени групи регионални и традиционални гости. Сепак, нивниот број не очекувам да биде како во изминатите години.

Колку работници вклучува туристичкиот сектор и како да им се помогне сега во криза?

– Туристичкиот сектор според одредени податоци вклучува директно околу 12.000 работници, а заедно со сите придружни економски гранки инволвирани во туризмот околу 50.000 вработени. Агенцијата за промоција и поддршка за туризмот кон крајот на февруари формираше координативно тело, кое е составено од сите туристички комори, асоцијации и претставници на Министерството за економија и се донесоа голем број заклучоци за мерки што ќе ја ублажат кризата во туризмот.

Првите мерки што беа донесени од Владата беа насочени токму за туристичкиот сектор и во овој сет покрај минималната плата има и голем број олеснувања фокусирани на заштитата на работните места на работниците. Координативното тело продолжува со својата работа, следејќи ја состојбата и подготвувајќи трет сет на мерки што ќе помогнат во справување со кризата, а најавена е и можноста за отворање на рестораните и хотелите во втората половина на мај.

Според моја оценка, доколку се фокусираме на домашниот пазар, а на тој чекор се одлучија голем број европски дестинации, и ако успееме да ги мотивираме регионалните туристи да нѐ посетат, ќе ги ублажиме големите негативни ефекти врз туризмот. Најголемиот удар врз туризмот се очекува во вториот квартал од годината, за веќе третиот и четвртиот да бидат закрепнувачки. Сепак, се зависи од случувањата со пандемијата.

The post ИНТЕРВЈУ Љупчо Јаневски: Можно е хотелите и рестораните да се отворат во втората половина на мај appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....