22:56 - 22 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ Бујар Османи: Ако решаваа граѓаните, во 2016 година премиер ќе станеше Груевски, а не Заев!

Влада формира тој што обезбедува мнозинство, а не тој што добива најмногу гласови. Тој што кај претседателот ќе обезбеди 61 пратеник и ќе го добие мандатот. Ние сметаме дека се созреани условите 2020 година да го добиеме првиот премиер Албанец – вели Бујар Османи, вицепремиер и висок функционер на Демократската унија за интеграција, објаснувајќи ја идејата на неговата партија за премиер Албанец, зашто таа е потребна и колку е изводлива. Со него разговараме и за актуелниот политички миг, претстојните избори и евроинтегративните процеси.

Господине Османи, во јавноста и Вие веќе говорите дека и покрај здравствената криза, изборите можат да се одржат на 5 јули. Дали овој термин што генерално го застапува СДСМ е консензуално постигнат како што се залагаше ДУИ од почетокот?

– Не ни е лесно кога зборуваме за избори во услови на зголемени бројки на заболени, но нам темата ни е наметната. Затоа што сме единствен случај во светот каде што нема функционален парламент, и техничка влада за спроведување избори што се справува со пандемијата на корона. Затоа се наметнува дебатата избори побргу за да можат да се вратат функционалните институции што имаат мандат за сите предизвици, не само за пандемијата, туку и за отпочнување на преговори со ЕУ, но и за сите други општествени прашања.

Но, притоа има два става околу ова прашање. Ако има избори ова лето, друг термин освен 5 јули и деновите околу 5 јули нема. Затоа што порано и не може поради изборните рокови, а потоа нема да ги имаме луѓето тука да гласаат. Штом границите ќе се отворат, сите ќе заминат некаде.

Дали имате сознанија дека ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа овој термин? Нивниот досегашен став во јавноста е дека тој термин не го прифаќаат?

– Важно е да има инклузивен изборен процес. Значи, сите да учествуваат. Секој поинаков изборен процес значи влегување во нова политичка криза. Важно е дека разликата меѓу страните не е поголема од десет дена. Тоа сè уште остава простор за компромис по однос на датум за одржување на изборите. Очекувам да се продолжи таа комуникација.

Вие можеби очекувате, но во меѓувреме „генсекот“ на ВМРО-ДПМНЕ Јанушев изјавува дека на 5 јули нема да има избори. Не вели дека тие нема да учествуваат туку категорично тврди дека на тој датум избори нема да има. Како го објаснувате тоа?

– Веќе реков дека еднострани избори не треба да има. Бидејќи идејата за избори е да има натпревар на различните опции и граѓаните да ја изберат онаа за која сметаат дека е најдобра. Но, исто така, не сметам дека помага ваквиот начин на јавно комуницирање и политичко позиционирање против компромисот. Директната комуникација треба да продолжи, затоа што канали на комуникација постојат.

Што ако ВМРО-ДПМНЕ сепак одлучи да бојкотира?

– Мислам дека не е во интерес на која било политичка партија да бојкотира, затоа што никогаш бојкотот не се покажал како корисен за страната што го променила. А ниту за државата. Од искуство сум убеден дека ќе најдеме сила да се договориме околу датумот кој ќе биде околу 5 јули.

Во меѓувреме во процесот на постигнување компромис се вклучи и еврокомесарот Вархељ. Помагаат ли тие разговори или притисоци врз партиите?

– Мислам дека помагаат. ЕУ секогаш имала конструктивен пристап кон оваа држава и не треба на тоа да гледаме како на нешто лошо.

Ако терминот за избори е близу значи почнуваат и кампањите. Вашата партија меѓу првите веќе излезе со една нова идеја, а тоа е понуда за премиер Албанец. Не само што е пласирана од вашиот лидер Али Ахмети, туку тој категорично тврди тоа ќе се случи и тоа токму на овие избори. Од каде таа сигурност, некој ви гарантираше за тоа или ви потшепна?

– За нас ова прашање не е ад хок дојдено туку е важно парче од нашата стратегија за постигнување целосна еднаквост во државата. Ахмети го отвори уште во 2009 година на конгресот на партијата, кога наброја 12 позиции што се недопирливи за Албанците. Тоа покажува дека постои етнички монопол на одредени позиции во државата. Тоа кажува дека државата не дава еднакви можности за граѓаните. Сè уште постојат стереотипи, кои некој се обидува да ги конзервира.

Дотолку повеќе, со кој оптимизам и цврстина Али Ахмети е убеден дека тоа ќе се случи?

– Со истата цврстина со која ги вети сите други функции на кои се поставени Албанци. Ова не е нешто кампањско. Ние сме цврсто определени, ова е стратешка одлука на ДУИ и ова ќе биде.

Но, оние на кои им се обраќате, останатите партии на Албанците, но и лидерите на најголемите македонски партии, ја отфрлаат идејата?

– Ние ги слушнавме изјавите дека граѓаните одлучуваат кој ќе биде премиер, а не партиите. Морам да кажам дека граѓаните во 2016 година одлучија Никола Груевски да биде премиер. ДУИ одлучи Зоран Заев да биде премиер! Така што, прашањето на формирање влади е, пред сè, прашање на политички компромис. Влада формира тој што обезбедува мнозинство, а не тој што добива најмногу гласови. Тој што кај претседателот ќе обезбеди 61 пратеник и ќе го добие мандатот. Ние сметаме дека се созреани условите 2020 година да го добиеме првиот премиер Албанец. Тој ќе биде премиер на еднаквоста, на сите граѓани, што ќе ја сруши и последната тврдина на отпор кон еднаквоста и на етнички монопол. Државата нема да изгуби ништо, а ќе добие на својот унитарен карактер.

Ако говориме за политичка влада, а не за некаква концентрациона влада по идеја на странците, врз која платформа ќе седне вашиот премиер Албанец? На вашата или на партијата со која ќе коалицирате?

– Се разбира дека владината платформа се состои од платформите на политичките партии што ја формираат коалицијата. Ќе биде како што и сега владината платформа е заедничка на СДСМ и на ДУИ.

Со која од македонските партии ќе коалицирате?

– Тоа ќе зависи од изборниот резултат и важно е да се почитува волјата на етничките заедници што се претставени преку политичките партии. Така што, ќе видиме која ќе биде волјата на македонскиот народ.

Кога велите премиер Албанец, дали тоа може да биде личност и од некоја друга партија, на пример од СДСМ?

– Многу е важно да се сруши тоа табу дека не може премиер да биде Албанец, а другото после тоа е форма на имплементирање.

Многумина сметаат дека ова е ваш чист популизам и дека се враќате на националистичките позиции за да си ги вратите гласовите што ви ги одзеде СДСМ на последните избори?

– Никој не треба да има дилема дека ова е сериозно прашање и дека штом ДУИ го отвора, тоа ќе се реализира.

Владата треба да се формира по принципот „победник со победник“

Дали сè уште стоите на ставот дека влада треба да формираат победниците на партиите во двете етнички заедници?

– Да, апсолутно. Тоа е важен принцип бидејќи сè уште сме организирани во етнички партии и тоа е најдобра рефлексија на Oхридскиот рамковен договор, кој државата ја дефинира како држава на етнички заедници, според Преамбулата на Уставот.

Но вие први отстапивте од тој принцип на последните избори и влеговте во коалиција со СДСМ.

– Последните избори беа специфични по неколку околности. Прво, разликата беше многу мала. Сто гласа во Теарце одлучуваа дали ќе биде 51-49 или 50-50, и второ, беше прашање на крстопат на државата, кога мораше да се дефинира евроатлантскиот пат или некој поинаков пат што ќе имаше далекусежни последици. И тогаш ДУИ ја донесе одлуката да го избере Зоран Заев за премиер, а не граѓаните.

Но сега, кога патот е дефиниран, ние сме цврсто на евроатлантскиот пат и мислам дека принципот победник со победник е важечки!

Ќе дојде време кога ќе го соопштиме името

Имате ли некое име на кое сметате како за премиер?

– Ова не е нешто за што не сме размислувале туку е добро осмислен проект во кој сите аспекти се знаат.

Дали е тоа сопственикот на „Еколог“?

– Ќе дојде време кога ќе го соопштиме името.

И уште еднаш ве прашувам дали тоа може да биде човек кој не е од ДУИ, а да е од друга партија?

– Сепак, треба да биде претставник на мнозинската волја на Албанците.

The post ИНТЕРВЈУ Бујар Османи: Ако решаваа граѓаните, во 2016 година премиер ќе станеше Груевски, а не Заев! appeared first on Слободен печат.


ИНТЕРВЈУ Бујар Османи: Ако решаваа граѓаните, во 2016 година премиер ќе станеше Груевски, а не Заев! was first posted on јуни 12, 2020 at 2:50 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....