2.8 C
Скопје
23:59 - 23 декември, 2024

Имунитетот на „стадо“ и стампедото на смртта

Два месеца откако Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија од коронавирусот трпението попушта. Властите се притиснати да ги олеснат мерките на изолација, и покрај тоа што опасноста од ковид-19 не е одмината. Треба да се одбере помалото зло, ако воопшто смеат двете да се наречат мали. Голем број земји полека влегуваат во втората фаза од „војната“ со пандемијата, на два фронта паралелно: едниот со заразата, вториот – соживот со коронавирусот. За вториот е потребна одговорност на секој поединец – држење дистанца, носење маска и миење раце.

Точно е, треба да се мисли и на стопанството, на правата и слободите на граѓаните, социјалниот живот и менталното здравје, спасувањето на многу дејности кои моментно се „на респиратор“… Неизвесноста колку сето ова ќе трае е најголемиот непријател во таа битка. Зашто вирусот е голема непознаница. Сė уште! Два месеца изолација за контрола на пикот беше лесно „сварлив“ период. Но со оглед на најавите од можен втор бран наесен, новата временска дистанца се мери – во години. До евентуалното пронаоѓање на чудотворната вакцина.

Поради ваквите црни сценарија, легитимно е  прашањето – дали да ѝ се препуштиме на стихијата на меѓусебно заразување, со цел стекнување колективен имунитет? Некои сметаат дека тоа е најбрзо и најефикасно средство за борба со инфекцијата, помирени со високата цена од човечки животи што треба да се плати со примената на таквата стратегија. СЗО на почетокот побара да се „купува” време за да ѝ се даде шанса на медицината да најде соодветен одговор на напаста, глобален и локален. Факторот време е важен и поради можноста вирусот да ослабе како што одминуваат месеците. Затоа мора да се мисли како да се живее и да се работи со маска на лицето.

Предизвикувањето имунитет е предизвикување на смртта

Се потврди дека стекнувањето колективнa отпорност со т.н. „имунитет на стадо“ се ризикува експоненцијален раст на новозаразени и починати.  Шведска се определи за поотворено изложување на населението на заразата, но не се знае колку проценти од населението станале носители на антитела на коронавирусот. Поддржувачите овој модел го користат за зголемување на притисокот за комплетно ослободување од „прангите“, во исто време кога бројни шведски интелектуалци алармираат дека е избран погрешен начин за справување со епидемијата.

Само мал дел од глобалното население – можеби 2 до 3 отсто – се чини дека имаат антитела во крвта што покажуваат дека биле заразени со ковид-19, констатира СЗО, како одговор на надежите дека „имунитетот на стадо“ ќе го олесни излезот од карантиниот. Поради направени грешки во методологијата, СЗО ги оспори тестирањата во градот Њујорк, кои покажаа имунолошки одговор на Сарс Ков-2 до 14 отсто, затоа што во Санта Клара, на пример, беа помалку од 3 отсто. И скринингот во Дебарско покажа дека 35 лица имаа антитела од околу 2.342 теста, што е помалку од 1,5 отсто. Во Австрија беа и помалку од 1 отсто, а во Холандија – 3 проценти.

Круцијално прашање е – со колку ли починати ќе треба да се плати „природното“ стекнување колективен имунитет, за што некои велат дека се потребни и до 80 отсто од популацијата? Можеби конечната статистичка бројка кон која сега Шведска галопира ќе биде сразмерна на другите земји, само што ќе биде постигната во различна единица време. Но тоа времето ќе го покаже. Сигурно ќе има разлики во зависност од многу фактори, пред сė, способноста на здравствениот систем, односно од строгоста на мерките на изолација и тајмингот на нивното спроведување.

Поразително е што, барем досега, нема цврст доказ дека оздравените од вирусот стекнуваат имунитет воопшто, ниту пак, ако го стекнале – колку трае. Ова е многу важно да се знае кога се протежира колективното ширење на заразата заради создавање антителата кај популацијата како соодветна одбрана од коронавирусот. Времетраењето на стекнатиот имунитет, исто така, е битно од аспект на планирање на постепеното враќање во нормала, но и тоа е сė уште непознаница. Затоа што е и прерано.

Непотребно потценети херои во бели мантили

Со оглед на капацитетот, нашиот здравствен систем се покажа одлично подготвен, и покрај тоа што долго беше потценуван, најмногу поради ниската стапка на издвојувања од буџетот за негов развој. Режимот на Груевски предизвика заминувања на голем број лекари и друг медицински персонал во странство или во приватното здравство. Имајќи го овој факт предвид, здравствените власти одлично се прилагодија на вонредната состојба, а се подготвуваат и за наредната есен, паралелно со решавањето на акутниот проблем – грижата за т.н. активни случаи на заболени и заразени.

Иако на многумина им здодеа карантинот,  кај нас сепак немаше тотален „локдаун“ – работеа помали погони, немаше стриктна забрана за фирмите, не беше сосема прекинат јавниот превоз, луѓето можеа да патуваат од град во град, немаше толку строга изолација за повозрасните како во Србија, не се послушаа барањата на некои градови за целосен карантин… Тоа е показател дека лекарите сепак мислеа и на другите аспекти од животот. Не ја испуштија ситуацијата од контрола, и покрај бунтот во Ченто, играњето оро во Гевгелија, свадбите во Велес, лажичките за Велигден, најавениот Бангладеш на ИВЗ… За жал, во однос на верските заедници не добија голема помош од власта и партиите, затоа стравуваме од последниот инцидент со литијата во Струга, односно од отворањето на џамиите.

Втората фаза што претстои е новиот предизвик кој уште повеќе ќе зависи од почитувањето на препораките за да се спречи евентуално ново заострување на мерките. Зашто на овој соживот со коронавирусот треба да гледаме како на процес кој ќе трае. Барем до денот кога можеби ќе се најде ефикасен лек кој ќе биде лесно достапен секаде на планетава и кој не ќе мора да се проверува толку долго колку што треба за вакцина.

Поединечните примери на ослободување од стегите во услови на затворени граници, поради карактерот на денешните национални економии кои се глобално зависни, можеби ќе дадат ефекти во други сфери, но не можат да се очекуваат големи економски придобивки. И Шведска не може да очекува раст кога во соседството и пошироко е намален протокот на стоки, пари и луѓе. Одговорот мора да е глобален. Потврда за тоа се последните регионални средби со цел да се постигне договор за постапно претпазливо отворање на границите. И на тие состаноци различни се амбициите и мотивите, во зависност од тоа, на пример, колку стопанството на одредена земја е зависно од приходите од туризмот и угостителството.

Македонија, како и најголемиот број земји во светот, го избра моделот на „танцување со вирусот“. Не се знае уште колку ќе треба да „ѕенѕаме“ за да го измориме, но во секој случај досегашните искуства покажуваат дека тој модел е подобар од моделот стекнување „имунитет на стадо“. Зашто „стадото“ може да предизвика стампедо на смртта. За тоа сега се свесни и во Шведска.

The post Имунитетот на „стадо“ и стампедото на смртта appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....