Што е важно да се каже денес во овој политички миг: тоа дека имаме Влада, и тоа дека таа не е составувана со месеци, туку е производ на релативно кус рок, веднаш по предвремените парламентарни избори. Во Северна Македонија работата беше јасна: СДСМ и нејзините коалициски партнери, заедно со ДУИ, обезбеди парламентарно мнозинство, за волја на вистината – танко, ама сепак мнозинство кое беше сосема доволно за формирање влада.
Ако го прашувате овој коментатор, ќе видите дека во оваа влада Заев не е самата „содржина“, туку во оваа влада има и други истакнати личности, кои значат многу нешта во нашето општество. Бојан Маричиќ, Мила Царовска, тоа се првите двајца луѓе што доаѓаат од невладиниот сектор, за кои секој барем малку пристоен човек знае каде биле и што правеле со својот политички ангажман. Другите луѓе за кои само непосредно сум слушнал, претпоставувам дека ќе ја оправдаат довербата: младиот и надежен Бочварски, сега веќе бившиот градоначалник на Штип, Радмила Шекеринска – жена борец, голем политички габарит во македонската политика, Никола Димитров, тој расен и шармантен дипломат, Љупчо Николовски, одличен прагматичар и системски организатор на СДСМ, заслужен за кадровската политика на владејачката партија… Сакам да кажам дека политичката констелација во Владата е повеќе од солидна, нетипична, сите ние не сме навикнати на вакви политички „претумбувања“, кои нудат надеж и свежина за нови и системски промени во општеството.
Тоа е што се однесува до новата на Влада на Заев, но сепак, ова не е текст за Владата, туку станува збор за една бизарност, која ми влезе во окото ѝ ми го зачеша носот, господине Вотсон! Сигурен сум дека погодувате – се работи за нашата фолклорна и питорескна фигура што влезе во Собранието. Станува збор за Димитар Апасиев, лидерот (колку претенциозно звучи тоа „лидер“?) на фамозната Левица. Што е проблемот со тоа, по ѓаволите со тебе, море, Јовановиќ? Сега ќе ви кажам, не трчајте пред коњот.
Станува збор, имено, за Димитар Апасиев, нашата „левичарско-десна“ ведета на нашето политичкото небо. Имено, станува збор за иницијацијата на Апасиев со Фидел Кастро, една несреќна реторичка бравура што се случи во Собранието и која заслужува да се прокоментира.
Животот на Фидел Кастро е живот како на холивудски филм, бирајте кој било суперхерој, нема да погрешите. На крајот, кога Кастро „исчекори“ од своето време, тоа време многу години претходно не беше негово. Фидел Кастро беше во двојка со Тито, не со денешните „шашњари“. Имаше многу поголеми пријатели и многу поголеми непријатели отколку што некој денес би можел да ги има. Многу одамна Кастро исчисти сѐ пред себе. Сите што се обидоа да го ликвидираат веќе долго време се мртви. Никој не можеше да седи наспроти него и да го предизвика. Седеше Кастро на дрвен стол, во тишина пушеше цигара, пиеше рум и гледаше како луѓето стекнуваат и губат богатства во играта што беше одлучена уште во 1989 година.
Комунизмот падна, ама Кастро победи. На Куба се одвиваше сосема поинаква историја отколку на другото парче земја во космосот. Беше како партизан што се одметна во шума, па својата изгубена војна продолжи да ја води во декади откако неговите потпишаа предавство или пораз, сосема сеедно.
Куба, имено, беше најголемата победа на комунизмот затоа што беше создадена во американскиот двор. Разни историчари лесно ќе докажат дека во времето на Кастро тешко се живееше, дури ќе објаснат и дека капитализмот на Куба стигна уште во времето на Кастро. Ќе опишат дека докторите на Кастро би биле среќни кога би добиле работа како келнери, ама во ол-инклузив западни ресорти на кубанското крајбрежје, па таму да ги служат европските и канадски туристи. Ќе наведат имиња на многу кубански жени што во тие хотели ловеа мажи само за да ги одведат во свет од кој Куба се бранеше, ќе наведат во своите историски читанки дека жените побегнале од таквите политички околности сѐ со цел да живеат од европската социјална помош во малите станови на опасните и големи метрополи на западот, затоа што од перспектива на Кубанка, тоа е рајот на земјата.
За победата на малите не се пишува на учебниците по историја, според кои ги читаат победниците. За нив се чита, пишува и слуша низ „пукнатините“ во уметноста кои ја создаваат губитниците.
Но, да се вратиме на нашата сцена, да се обидеме да го објасниме нашиот „Македонски Кастро“, алијас Апасиев. Имено, Апасиев може единствено да биде турбофолк бунтовник, во каубојски чизми да рипа по собраниската говорница. Евентуално може да вози велосипед и да го слуша, што знам, Боб Дилан, да речеме.
Затоа, на самиот крај, сакам да кажам дека во име на Фидел Кастро, „последниот човек што стоеше“, во негова чест вреди да се слушне песната „Dolar Bill Blues“, а во чест на Апасиев, нашиот македонски Кастро во Собранието, треба да се слушне песната „Каде сте Македончиња, каде сте, кај отидовте“. Едноставно речено, тоа е нашиот краен дострел на феномените и појавите во политиката. Па уште кога се прави компарација Кастро „версус“ Апасиев, жими сето најмило, имам потреба да ја слушнам песната и тоа на најјако: „Трт-прт, трба-трти-прти“.
The post Имаме нова влада, ама го имаме и жив Фидел Кастро во Собрание appeared first on Слободен печат.
Имаме нова влада, ама го имаме и жив Фидел Кастро во Собрание was first posted on септември 6, 2020 at 10:36 am.