06:04 - 21 декември, 2024

И по короната – корона!

Од вчера, на пример, Британската влада ги укина најголемиот број ограничувања воведени заради епидемијата, а престана и со дневните прес-конференции посветени на состојбите во земјата со корона-кризата. Дури, препорачаа одржување дистанца од еден, а не од два метри, најмногу заради барањата на угостителските, спортските и хотелиерските бизниси. Во Британија, во овој момент, има 43.000 починати од вирусот и над 305.000 потврдени случаи на заразени.

Независно од бројот на новозаразени и починати – патем, на глобално ниво, до сега се заразени (барем официјално тестирани) околу 10 милиони луѓе, половина од нив се излечени, а нешто под половина милион се починати – на светот веќе му здодеа од рестриктивните епидемиолошки мерки. На Балканот исто така. Границите се отвораат насекаде, некаде само со провизорни мерки за заштита, а туризмот на големо се рекламира за отворање на летните шеми. Се враќаат и спортските настани со публика, колку и да е бројот ограничен. Се отвораат аеродромите, кината, свадбените сали, теретаните и најголемиот број продавници и шопинг-молови. Во фризерските дуќани е глобална тепачка кој попрво да резервира термин за фенирање и фарбање.

Државите своите анти-вирусни кампањи сè повеќе ги профилираат како обврска и ризик на самите граѓани, со сè помалку генерализирани строги забрани. Повеќе се апелира на совеста на луѓето, отколку на спроведување на строги казнени државни политики. Дури и кога има потреба од заострување на правилата и евентуално враќање во карантини (како во Германија, на пример), тоа се прави на ограничени територии и врз помали заедници.

Сите зборуваат за нови епидемиолошки пикови и за можност од обновени есенски заразни бранови, а и сегашните статистики не се нигде за фалење – и сите забрзано укинуваат рестрикции и забрани. Како да се шири едно мислење дека „најлошото е зад нас“. Секоја недела некое ново лекче се рекламира како спас од заразата, иако такво нешто уште не е измислено.

Тоа е тоа. Модерните општества веќе не можат да го издржат седењето дома со месеци. Акцентот е повеќе на придвижување на економијата и на обновување на социјалниот живот, одошто на здравствените аспекти. Разбирливо: до сега се загубени над 300 милиони работни места во светот како резултат на пандемијата, а прашање е како наново ќе се оживеат некои од клучните светски индустрии. Многу држави се откажаа од амбициозни дневни тестирања и доследни пребројувања на починатите, а болничките системи стекнаа рутина кого (и кога) да го примат на лечење, а кого да го вратат дома во самоизолација, со лична терапија, а можеби таму и да си почине.

Ништо поразлично не е и со Македонија. До први јули општеството, помалку или повеќе, се враќа во некоја импровизирана нормала, иако вистинското социјално и економско опоравување долго ќе потрае. И покрај секојдневните совети на надлежните за носење маски, одржување дистанца и избегнување собирања, како да се развива некаква контра-култура на пркосење кон овие препораки… Сè поголем е бројот на оние кои, иако свесни дека вирусот постои и понатаму си се пренесува, влегуваат во некаков уморен фатализам на „кому му е судено“, „кој преживее, ќе раскажува“, „нашите кокошки црвени јајца носат“, „не сум јас во ризична група“, „ако дошло време за умирачка“… и слични релативизирачки глупости.

Всушност, се чини дека во една таква атмосфера, тежиштето на јавните политики треба да е врз еден приоритет: реорганизација и подобрување на здравствениот систем, за продолжувањето на вонредната епидемиска состојба, парадоксално, да се претвори во редовна. Тоа е прашање на политика: приоритети, ресурси, буџет, организација, кадар, странска помош…

Тоа – а не „телефонските“ скандали – би требало да е една од главните теми во нашата предизборна партиска понуда. Таа дебата е поважна од натпреварот во старите, лоши лажги за милијардите евра кои, еве, само што не дошле.

The post И по короната – корона! appeared first on Слободен печат.


И по короната – корона! was first posted on јуни 24, 2020 at 9:35 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....