Кога една светска супер сила избира претседател, тогаш во функција на предизборната кампања на претендетите за осојување на власта, во игра неретко се става судбината и политичката иднина на целиот свет, со цел да биде освоена глобалната позиција на апсолутната политичка моќ. САД, како една од трите светски супер сили, тоа го прави со децении, а актуелните светски горливи прашања се ставаат во функција, во зависност од нивната актуелност.
Украина, Белорусија, Сирија, Блискиот Исток, Иран, Северна Кореја, Вененецуела, се само дел од државите чии нерешени политички прашања се судираат во контекст на одредени геостратешки пречки и настојувања на одредени супер сили кои треба да доминираат во делови кои се однапред определени како нивна интересна сфера.
Самиот Балкан е во фокусот на светските ,,жешки точки“, а Косово, е центарот на повеќедеценискиот спор, кој во 1999 година иницираше и меѓународна воена интервенција на НАТО.
Во американската светска предизборна кампања, дел зазема токму решавањето на односите меѓу Белград и Приштина со посредство на САД. Веќе е познато дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Абдула Хоти со посредство на американскиот преседател Доналд Трамп потпишаа низа политички и економски договори за нормализирање на, пред сѐ, економските односи меѓу Белград и Приштина.
Во низата потпишани точки опфатена е и употребата на 5Г мрежата во рамките на мрежната инфраструктура, која, како што се истакнува во договорот, е набавена од недоволно проверените и несигурни купувачи. Двете страни се обврзуваат дека навремено ќе ја отстранат таквата опрема доколку некаде веќе ја инсталирале.
Иако не е експлицитно потенцирано, се повеќе се шпекулира дека се работи за точка која ги обврзува Србија и Косово да го забранат „Хуавеј“ и неговата 5Г мрежа да се развива и поставува на нивна територија. Протерувањето на „Хуавеј“ технологијата веќе го направија многу од западните држави под одреден притисок на Вашингтон. Некои од овие држави тоа го сторија сами како што е случајот со Велика Британија, а некои од државите, како што се Словенија и Чешка, беа условени преку потпишаната Декларација за нормализирање на економските односи со САД.
Трамп и неговата администрација во овој, како што се нарекува, билатерален договор, вметнале и клаузула во која е предвидено „Хуавеј“ и неговата 5Г технологија да бидат забрaнeти на српска и косовска територија, иако засега е нејасно како „Хуавеј“ може да биде попречувачки фактор во економските односи меѓу Белград и Приштина.
Со оваа клаузула, практично Трамп ја проширува својата антикинеска коалиција во светот, особено поради сѐ поблиските врски на одредени политички кругови во Белград, со Кина. Се споменува токму примерот на посетата на српскиот министер за надвореши работи, Ивица Дачиќ на Кина во екот на пандемијата на Ковид -19, со цел да ја покаже српската солидарност со Кина и кинескиот народ околу коронавирусот.
Се споменува и тогашната изјава на српскиот претседател Вучиќ кој тогаш, односите со Кина ги нарече „железно пријателство“. Судејќи според оваа клаузула на договорот за забрана на Хуавеј, практично Вучиќ и српското раководство му зададоа сериозен удар на сојузништвото со Пекинг.
За потсетување, Кина, покрај Русија, е втората држава постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации која му дава подршка на Белград околу Косово. Сега се поставува прашањето, како Пекинг ќе го артикулира незадоволството за губење на еден дел од пазарот, колку тој и да е мал како територија. За Косово можеби и беше очекувано, ако се земе вмешаноста на САД во политката на Приштина, но за Србија сигурно забраната не била очекувана, велат аналитичарите.
Во одредени анализи се шпекулира дека, за да не ги наруши односите со Пекинг, Белград би можел да даде подршка за кинеската вакцина против Ковид 19 која сигурно би била оспорувана од Западот, а чие евентуално пронаоѓање засега не е опфатено од американските забрани кон одредени држави.
Засега, во прилог на ,,железното пријателство“ меѓу Србија и Пекинг оди најавата дека Белград ќе набави кинески ракети од среден дострел за кои веќе е уплатен и дел од парите. Сепак. набавката на кинеско оружје, иако не јавно, сепак сигурно не е благонаклоно гледано од страна на САД кои сигурно би сакале Србија да стане редовен клиент во набавка на американско оружје.
Во овој контекст може да се земе предвид и дека, во случајов, набавката на ракетите од среден дострел се кинеска верзија на руските проектили С- 300, па се поставува прашањето, дали можеби Москва може да го земе како негативно купувањето на Белград од Кина наместо од Русија?
Но, обидот да се додвори на едната супер сила поради потпишувањето на договори со втората супер сила, може да ја налути третата супер сила. Во случајот навредена е Русија, на која подолго време, политичкото додворување на Вучиќ и Србија кон Кина не и се допаѓа. Особено не и се допаѓа „кокетирањето“ на Белград со Брисел и Вашингтон како и потпишувањето на договорот со кој Приштина и Белград се обврзани да ги диверсифицираат своите резерви за енергија, на што експресно регираше портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, јавно изразувајќи го својот потсмев на држењето на српскиот претседател за време на неговото седење во овалната соба во Белата куќа.
Малата караница меѓу, како што го нарекоа медиумите, Големиот и Малиот брат, престана по телефонскиот разговор меѓу српскиот претседател Вучиќ и рускиот шеф на дипломатијата, Лавров. Во заедничкото соопштение издадено од Белград и Москва, според одредени медиуми, пронајдена е клучната разлика меѓу двата сојузника. Имено, за разлика од Лавров, Вучиќ ниту еднаш не ја споменал Резолуцијата 1244 на ОН која предвидува Косово да е дел од Србија.
Засега е нејасно како Белград ќе успее да ја смири Москва која е лута поради прифаќањето на обврската Србија да купува американски течен гас, наспроти досегашната традиција да купува руски гас. Особено што досега Косово, барем не јавно, не беше споменувано како дестинација низ кој ќе поминува гасоводот Турски тек преку Балканот.
Остануваат и низа отворени прашања, како на пример, како Белград и актуелната власт на претседателот Вучиќ, која сега има власт и контрола во донесување на сите политички и државни одлуки, ќе успее да опстане и да ги задржи добрите односи со големите светски сили.
Вашингтон, Пекинг и Москва имаат дијаметрално различни интереси во светот и секое подведување кон нивните желби, може да бидат на штета на другиот, а тоа може да се протолкува како заземање страна.
Сепак, сѐ ќе биде појасно по американските претседателски избори закажани за 3 ноември. Доколку актуелниот претседател Трамп биде реизбран, со сигурност ќе остане антикинеската политика која тој ја заговара. Евентуалнта победа на Бајден и Демократтите би можело да ја трасира доминацијата на американската анти-руска политика која пак би доминирала и врз политиката на останатите и помалите држави во светот.
The post И 5Г мрежата на кинески „Хуавеј“ вметната во договорот Белград-Приштина appeared first on Слободен печат.
И 5Г мрежата на кинески „Хуавеј“ вметната во договорот Белград-Приштина was first posted on септември 9, 2020 at 3:34 pm.