2.8 C
Скопје
03:34 - 24 декември, 2024

Гласачите сумираат впечатоци, се бира десеттиот парламент

Граѓаните за прв пат имаат два дена предизборен молк пред гласањето во среда кога ќе се одржат десеттите парламентарни избори во независна Македонија, овој пат во посебни здравствени услови и со мерки за заштита заради пандемијата со коронавирус. Изминативе 20 дена во специфична предизборна кампања пред гласачите се претставија 15 коалиции и политички партии, чии 1.578 кандидати се борат за 120-те пратенички места во Собранието, а ефектот од нивното претставување се очекува да се знае во среда до полноќ, за кога Државната изборна комисија ги најави првичните неофицијални резултати.

 

Денеска ќе гласаат болните од коронавирус

 

Овие парламентарни избори се петти по ред што се одржуваат предвреме, а први избори што траат три дена и се одвиваат среде работна недела. Денеска ќе гласаат 716 лица кои се болни или позитивни на коронавирус и кои имаат решение за самоизолација, а што се пријавија за гласање до 5 јули. Според ДИК се пријавиле 770 болни и изолирани, а Општинските изборни комисии прифатиле 716 барања и денеска тие ќе гласаат во 57 од вкупно 80 општини. Оние што се заразија или добија решение за самоизолација после 5 јули нема да може да гласаат.

Кај болните од коронавирус ќе одат посебни изборни комисии, составени од тројца здравствени работници и претставници на политичките партии. Деновиве во ДИК од здравствените работници прстигнуваа барања за иземање за учество во овие комисии, од кои дел беа прифатени, а дел не. Од ДИК за „Слободен печат“ велат дека се формирани сите посебни комсии и очекуваат денеска гласањето кај болните да помине во најдобар ред.

– Завршено е формирањето на посебните комисии и викендов се спроведуваат обуките на новоизбраните здравствени работници што ќе го спроведат гласањето во домовите кај позитивните на коронавирус – вели портаролот на ДИК, Адмир Шабани.

Тие одбори ќе бидат максимално обезбедени со заштитна опрема, вклучувајќи и комбинезони или скафандери, визири, ракавици, заштитни маски и по завршувањето на секое гласање опремата ќе се менува.

Утре во своите домови ќе гласаат 8.852 немоќни и хронично болни лица и нив ќе ги посетат редовните општински изборни комисии. Според ДИК, биле пријавени 9.499 болни, немоќни и хронично болни лица во ОИК, а прифатени се барањата на оние што со соодветна медицинска документација докажале дека имаат потреба од гласање во сопствениот дом. Утре ќе гласаат и оние во затворите и во притворите, кои според посебниот извод на Избирачкиот список се 1.657 лица, како 357 лица сместени во старски домови и 6 внатрешно раселени лица.

Во среда, која е прогласена за неработен ден, на 3.390 избирачки места во Македонија ќе можат да гласаат 1.729.189 гласачи, од вкупно запишаните 1.814.263 граѓани во ИС. Во посебниот извод за лица кои се на привремена работа или престој во странство се запишани 83.054 лица, но тие нема да гласаат, затоа што на овие избори немаше доволно пријавени гласачи за да се одржи гласањето во дијаспората. Гласањето во среда ќе трае од 7 до 21 часот и ќе се одвива со посебен здравствен протокол на Комисијата за заштита од заразани болести, кој наложува сите учесници да носат заштитна опрема, а гласачите да носат респираторна маска и да одржуваат растојание од два метри, како и да  ги дезинфицираат при влегувањето и излегувањето од гласачкото место.

 

Изборите ќе бидат побезбедни од одењето во маркет

 

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски вели дека сите подготовки за изборите се завршени и дека меѓу последните активности што привршуваат е целосната дезинфекција на избирачките места. За сите избирачки одбори се обезбедени  доволно маски и ракавици, како и средства за   дезинфекција, а секој одбор ќе има одредена количина на маски на располагање за да им даде на оние гласачи што евентуално ќе се појават без маски. На околу 150 избирачки места им е сменета локацијата, односно во близина на старите се утврени нови локации, како спортски сали или некој друг поширок простор со соодветни услови.

Деркоски ги повика гласачите да не се плашат за нивната безбедност и да излезат на гласање, затоа што „ќе биде побезбедно од секојдневните посети во маркетите“.

– Можам да потврдам дека се она што беше надлежност на ДИК се спроведе и се направија максимални напори да се организираат безбедни и транспарентни избори. Би сакал да ги повикам граѓаните да излезат и да гласаат и притоа да бидат сигурни дека на избирачките места се сосема сигурни и здравствено заштитени, затоа што ние ги дезинфициравме сите гласачки места, обезбедивме доволни количини заштитни средства и доволно пространи избирачки места. Се надевам дека, и покрај специфичните услови, изборните денови ќе поминат мирно и достоинствено, со што нашите граѓани ќе покажат високо ниво на политичка свест и култура – рече Дерковски.

Тој објасни дека со примена на нова апликација, претседателите и замениците на избирачките одбори во среда имаат обврска на секои два часа да доставуваат податоци за излезноста на гласачите, а по затворањето на гласачките места и по пребројувањето на гласовите, со истата апликација ќе се овозможи брз трансфер на податоците и ДИК многу брзо ќе излезе со првични неофицијални резултати.

The post Гласачите сумираат впечатоци, се бира десеттиот парламент appeared first on Слободен печат.


Гласачите сумираат впечатоци, се бира десеттиот парламент was first posted on јули 13, 2020 at 7:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....