4.8 C
Скопје
03:33 - 20 ноември, 2024

Гајтанот за Мицкоски нема да биде многу свилен!

Довербата што му ја дадоа извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на претседателот Христијан Мицкоски да преговара за парламентарното мнозинство не ја смири атмосферата во најголемата опозициска партија. Во и околу неа деновиве е зовриено по јавните повици за негова оставка од повеќе сопартијци како што се Митко Јанчев и Ивица Конески, како и од исклучениот Сашо Мијалков. Во некои од пораките што стигаат до Мицкоски дури има и закани дека тој може да биде и насилно сменет. Мицкоски во илинденскиот говор неговите критичари ги нарече „појаничарени јуришници на власта“.

Јанчев и Конески не го делат мислењето дека Мицкоски и покрај поразот за двајца пратеници го има кредибилитетот да преговара за состав на новата влада, при што кавадаречкиот градоначалник Јанчев најави и дека ќе ја преземе партијата, па се дообјасни дека тоа ќе го стори на конгрес. Поранешниот директор на ДБК, Мијалков, сега обвинет за незаконско прислушување, му порача на Мицкоски дека ќе го почека да состави влада, па ако не успее, ќе мора да сноси одговорност. „Мицкоски не заслужува да биде на чело на ВМРО-ДПМНЕ“, порача Мијалков.

 

Мицкоски му се извини на народот за грешките на „јуришниците“

 

Повиците за оставка на Мицкоски следуваа откако тој пред изборите најави дека ќе си замине од лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ ако изгуби, а сега не се смета за поразен оти гласањето не било фер и се краделе гласови, но сепак витешки ги признава резултатите и ќе преговара за влада. Мицкоски, пак, во говорот за Илинден во струшкото село Ташмаруништа неговите опоненти ги нарече „оние што се товар во ВМРО и кои душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО“.

– Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки појаничарени јуришници на власта беа товар на партијата, сакам јасно и недвосмислено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди што овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО-ДПМНЕ гледаат личен интерес, а јас гледам кауза. Јас повеќе не сакам да ги коментирам, верувам во народот и верувам дека народот сосема јасно разбира за што станува збор и кој за што се бори, кој ја сака и кој работи за Македонија – рече Мицкоски и порача дека разговорите за влада се натпревар што се игра до последната минута, а тој нема да го разочара членството и ќе се бори до крај.

На неговиот говор реагираше Конески, поранешен градоначалник на Аеродром, кој му порача дека на Илинден клевети, наместо да обединува.

„Кога сите треба да се обединиме, ти пак посегна по клеветење и навреди. Сите ние што те повикуваме да си дадеш оставка, ѝ посакуваме добро на партијата, а ти очигледно си немоќен да се справиш со искрените критики. Со ова го допре дното и уште еднаш покажа дека не си достоен за функцијата што ја вршиш. Наместо ниски страсти и фрустрации, треба човек што обединува. Редно е да си одиш од ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Коневски на Фејсбук.

Тој, пак, доби одговор од партискиот портпарол Наум Стоилкоски, кој му порача „да си прави реформи во СДСМ“.

„Комшија Ивица, гледам си се пронашол во фразата појаничарени јуришници на Заев па реагираш. Алал нека му е на Мицкоски што совршено ве дефинираше. Иако не ве спомена со име, вие сами си се јавивте. Е, сега, токму поради тоа тежиш минус четири илјади гласа во Аеродром. Не може да зборувате за обединување, а да го гледате светот од скутот на Заев. Затоа единствено реформи можете да правите во СДСМ“, порача Стоилковски.

 

Мијалков: Зошто Мицкоски не е во притвор?

 

Претходно градоначалникот на Кавадарци, Јанчев, во интервју за „Фокус“ најави дека ќе ја преземе партијата, па доби експресен одговор од новиот пратеник Тимчо Муцунски дека ВМРО-ДПМНЕ не е акционерско друштво за да се презема. Јанчев во интервјуто рече дека кога ќе ја преземе, секојдневното функционирање на партијата ќе се движи во поинаков правец на европеизација, демократизација, економија и просперитет за секој еден граѓанин, а по опомената од Муцунски дека „функцијата во демократските земји се здобива преку демократски методи, а демократијата и преземањето се спротивни поими“, Јанчев се дообјасни:

– Се согласувам дека ВМРО-ДПМНЕ не е АД и уште помалку сметам дека е ДООЕЛ. Се согласувам дека статусот и функцијата треба да се добијат демократски, односно целосно спротивно од начинот на кој Мицкоски беше избран. Беше единствен кандидат форсиран и определен од поединци. Јас не би сакал да го преземам ВМРО-ДПМНЕ на начинот на кој Мицкоски стана претседател. Напротив, ќе се борам партијата да се нормализира и да се демократизира. Да се организира фер и демократски конгрес, на кој ќе може да учествува секој чесен вмровец што има визија, програма и енергија да го врати ВМРО на победничката патека – вели Јанчев.

Деновиве и Мијалков, кој од некогаш мистериозна политичка фигура се претвори во редовен коментатор на Фејсбук, го обвинува Мицкоски за последователните порази на ВМРО-ДПМНЕ во изборните циклуси. Во последниот статус тој вели дека Мицкоски, всушност, соработува со опонентот, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, инаку во спротивно би требало да е во притвор.

„За Заев одработува тој што ја водеше партијата во порази. За Заев одработува тој што го троши времето и медиумскиот простор за пресметка со сопартијци наместо да составува влада. Пред изборите слушнавме десетици обвинувања за криминал со хидроцентралите, за сомнителни исплати од ЕЛЕМ, за незаконско финансирање на кампањата, за сомнителни договори за локалните избори во Охрид, па дури и за непотизам при вработувањето на факултет. Сепак, нема кривична постапка за ниту еден предмет, а уште помалку притвор за Мицкоски. Малку е чудно што Мицкоски обвинуваше дека Заев го контролирал судството и Обвинителството, а сега за него нема ни притвор ни пријава. Затоа легитимно се поставува прашањето дали цената на амнестијата на Мицкоски е губење на изборите и уште колку избори Мицкоски треба да загуби?“, напиша Мијалков.

The post Гајтанот за Мицкоски нема да биде многу свилен! appeared first on Слободен печат.


Гајтанот за Мицкоски нема да биде многу свилен! was first posted on август 4, 2020 at 8:27 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....