1.8 C
Скопје
01:32 - 24 декември, 2024

Европска Бугарија со стамена одбрана на европска Македонија

Додека владата во Софија и Бугарската академија на науки пишуваат меморандуми до европските земји во кои ги убедуваат дека Македонците и македонскиот јазик се „измислица на Тито и на Коминтерната“, триесетина видни бугарски интелектуалци, со писмо полно со аргументи за неодржливоста на бугарските официјални ставови кон Македонија, ја враќа надежта дека јавното мислење кај источните соседи сепак се менува и дека изнаоѓањето заеднички јазик и добрососедските односи не се невозможна мисија.

Писмото со наслов „Европа не нè разбира“, во кое меѓу другото се вели дека Меморандумот на бугарската влада не ги одразува принципите и вредностите врз кои е изградена Европската Унија, наиде на позитивен прием кај македонската јавност, а познавачите имаат поделени мислења околу тоа дали и колку овој бран на разум во бугарската јавност може да влијае врз официјална Софија.

Решението е во дијалогот

Според професорот Нано Ружин, писмото на бугарските интелектуалци има најмалку тројно значење.

– Прво, врз основа на искуствата на југословенската криза што ја иницираа интелектуалци и политичари со националистички предзнак, тие покажуваат дека во Бугарија не се согласуваат со националистичките ставови на одредени политичари и дека политичката криза во Бугарија не може да се решава со заострување на односите со Северна Македонија. Второ, тие се повикуваат на европските вредности на Моне, Шуман, Аденауер, дека низ толеранцијата и дијалогот можат да се изнајдат решенијата на актуелниот билатерален спор. И трето, независно што не споменуваат историски личности, тие сметаат дека во Северна Македонија постојат интелектуалци со кои ќе може во толерантен дух да се решаваат сите проблеми во согласност со Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 1 август 2017, потпишан помеѓу премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов – вели поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, за „Слободен печат“.

Историчарот и политиколог Благојче Атанасовски на писмото гледа како на факел што го осветлува мракот на бугарскиот национализам и шовинизам кон Македонија, но не очекува дека тоа ќе влијае врз официјалната бугарска политика кон нашата држава, која со децении е непроменета.

– Ова е писмо на група бугарски интелектуалци со напредни либерални сфаќања, голем дел од нив школувани на универзитетите во Европа, кои се тргнати од прангите на национализмот на официјална Бугарија, со исклучителен бекграунд. Особено историчарката Марија Тодорова, авторка на славното дело „Замислувајќи го Балканот“, кое се проучува на многу познати универзитети. Тие сакаат да упатат порака дека не може една држава да наметнува историја на друга држава, ниту да му го попречува правото на самоидентификација на еден народ или да му го негира јазикот. Тие се мала либерална интелектуална елита, која сака на Европа, но и на Македонија, да ѝ пружи една поинаква слика за Бугарија и таа група делува како факел во темнината на бугарскиот национализам – вели Атанасовски за „Слободен печат“.

Само политичарите може да направат промена

Атанасовски не е оптимист дека овој апел на бугарските интелектуалци може да влијае кон промена на официјалната бугарска политика кон Македонија, особено што на нивното писмо критички и со осуда реагирале повеќе политичари.  

– Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој доаѓа од владејачката ГЕРБ на Борисов, нив ги спореди со Георги Димитров, кој важи за предавник на бугарската национална идеја. Само Димитров во време на неговото тригодишно владеење по Втората светска војна во Бугарија имал позитивен став кон Македонците и дозволил на пописот во 1946 година Македонците слободно да ја изразат својата националност и никој друг. Како резултат, во Сандански имало 80 отсто Македонци, но подоцна е толкуван како намерно штелуван попис, а Димитров се претставува како предавник на бугарските интереси. После него сите, од Тодор Живков, до Симеон Саксобурготски, кој е школуван во Европа, имаат ригидна политика кон Македонија и кон Македонците. За да има некаква промена, тоа може да го направи само официјалната државна политика, која прво ќе треба да се судри со сопствениот народ и јавното мислење каде што со децении се негираат Македонците – вели Атанасовски.

Зошто Европа не ја разбира Бугарија

Во писмото „Европа не нè разбира“ триесетина видни бугарски историчари, политиколози и лингвисти порачаа дека Софија има застарени сфаќања со неодржливи и наивни тврдења против Македонија и дека е потребна суштинска промена на парадигмата во историското размислување. Потписниците сметаат дека Меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа.

„Не гледаме како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници кои не зборуваат на јазик ниту на модерна историографија ниту на современите хуманистички и општествени науки. Меморандумот не ги одразува принципите и вредностите врз кои е изградена ЕУ“, напишаа тие.

Потписниците не се согласуваат Македонија да се претставува како земја што не се справува со сопственото минато.

„Не веруваме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите нејзини специфики, фундаментално се разликува од начинот на формирање на другите нации, ниту сметаме дека може да се сведе на формулата во меморандумот за етнички и јазичен инженеринг. Се спротивставуваме и на претставувањето на македонската нација како плод на југословенска пропаганда“, наведуваат потписниците на писмото.

The post Европска Бугарија со стамена одбрана на европска Македонија appeared first on Слободен печат.


Европска Бугарија со стамена одбрана на европска Македонија was first posted on октомври 7, 2020 at 8:09 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....