Јавањето е убаво во сите периоди, секој месец нуди посебно доживување. Јавање низ дивите планински цвеќиња во мај, бескрајно зеленило во јуни, убавото време, мирисот на мајчина душичка и планинско сонце во јули, пожолтените златни падини во август.
Но есента е можеби најволшебна. Шумата почнува да ја менува својата боја, топлината се стишува, воздухот добива еден посебен мирис. Планината нè дарува со сите свои убавини и чека да биде видена и вдишена… Вака ни го опишува јавањето коњи на Галичник сопственикот на ранчот „Шерпа“, Васко Величковски, наш соговорник во „Женски печат“.
Кога и како започна со работа ранчот „Шерпа“ и со каква цел?
– Коњите отсекогаш биле дел од нашите животи со оглед на фактот дека нашите дедовци и претци работеле како трговци и главен начин за транспорт биле коњите, а ние сме раснеле со љубовта кон овие животни. Некои тинејџери ги „крадат“ автомобилите од своите родители, ние скришум ги земавме коњите од локалните дрвари и одевме на авантура. После едно такво детство и младост, логично се наметна идејата да ја продлабочиме љубовта кон коњите и да извлечеме заедничка полза од јавањето. Ранчот „Шерпа“ започна со работа пред околу 15 години во еден друг облик и состав на луѓе, со текот на времето доста еволуираше, растеше заедно со нас и нашите идеи и веќе 10 години работиме во малку посериозен состав, постојано надградувајќи се. Главна дејност на ранчот „Шерпа“ е јавање коњи, обука за јавање, но исто така има за цел имплементација на доста интересни рурални активности, кои во денешно време ретко можат да се видат и доживеат.
Зошто Галичник?
– Како локалитет ние не го избравме Галичник, туку Галичник нè избра нас. Сопствениците, координаторите, ние имаме потекло од Галичник и сме многу горди на тоа. Самото село е локалитет со една од најбогатите истории во Македонија, секогаш интересен за странските и домашните туристи. Предел во кој се испреплетуваат традицијата и мистичноста на старите обичаи; место каде што владее една посебна енергија. Сè тоа надополнето со постоењето на приказната „Шерпа“ го прави Галичник еден навистина атрактивен и жив туристички локалитет, кој има да понуди разновидни активности.
Што им нудите на туристите?
– Имаме поширока палета на активности во производот „Шерпа“. Имаме еднодневни и повеќедневни активности. Од еднодневните активности организираме дестинациски јавања со претходна обука за јавање на различни дестинации. Исто така нудиме и „тим билдинг“ активности во кои е вклучено, како јавањето така и други интересни активности како што се молзење кози, обработка на млекото и производство на сирење на традиционален галички начин, цепење дрва, игри со заседлување, зауздување на коњи итн.
Од повеќедневните активности нудиме јавање од шест и четири дена. Овие се „ол инклузив“ јавачки пакети, за време на кои ги посетуваме сите мијачки села во околината, ноќеваме во нив, но и поставуваме високи базни кампови. Нашиот најпопуларен производ во моментов се вика Патека на Мијаците, каде што поминуваме околу 200 километри за шест дена.
Нудиме и два-три дневни фамилијарни кампови, каде што кампуваме на доста атрактивни локации на планина, посетуваме бачила во кои нашите гости се добредојдени и локалните работници им прават презентација за тоа како се случува процесот на молзење овци на стар традиционален начин и секако обработка на млекото и правење сирење со сите негови фази на ферментација.
За оние пак, што не сакаат да јаваат, туку само да уживаат во магичната природа околу Галичник, притоа имајќи ги коњите на вид, имаме летен ресторан на самиот ранч каде што можат да се напијат нешто и да пробаат дел од традиционалните закуски.
Јавање коњи, молзење кози, уживање во органски специјалитети… Како изгледа викенд поминат во ваша организација? Што се прави во текот на денот, каде се ноќева?
– Гостите кои одлучиле Галичник да биде нивна викенд-дестинација, може да пробаат една од нашите еднодневни екскурзии и да се запознаат со волшепството наречено јавање. Ние, како коњички клуб, освен кампинг ноќевањата што ги организираме, не нудиме друго сместување. Во Галичник има неколку сместувачки капацитети каде што може да преспијат нашите гости.
Кога сме кај домашните специјалитети, со кои се гордеете? Што задолжително треба да се дегустира?
– Особено сме горди на локалитетот Галичник, а со тоа задолжително мора да го споменеме далекупрочуенето и најквалитетно галичко сирење. Па така, во секој од нашите пакети е вклучена дегустацијата на галичкото сирење. Исто така секој посетител може да ја проба нашата даска „Шерпа“, на која има домашна пита, галичко сирење и свежа салата од внимателно одбран зеленчук. За нас најважно е продуктите да бидат локални, и со тоа взаемно да си помогнеме со другите, кои се обидуваат да го заживеат регионот.
За искусните јавачи на коњи е јасно, можат целосно да уживаат во понудата, што е со оние кои никогаш не пробале да јаваат, а сакаат да научат, како изгледа нивната програма?
– Точно така, со искусните јавачи поминуваме само еден конкретен и концизен безбедносен брифинг. Додека со оние кои немаат јавачко искуство, работиме повеќе на обуката. Нашата основна цел е безбедноста на нашите клиенти. Затоа оние кои немаат јавачко искуство се целосно добредојдени. Нивната програма започнува со обука за јавање коњи. На самата обука се третираат можните ризици, се работат техники по јавање и се систематизира нивната психофизичка способност. Се работи посебно со секој клиент сè додека не добие базично искуство пред да појде на дестинациското јавање. Потоа, се избира конкретен коњ за секој од клиентите, па се поаѓа на дестинациското јавање. На самото јавање групата е придружена и водена од најмалку двајца професионални водичи, кои целосно се грижат за безбеднста на групата. Двете основни дестинации за почетници се Шумско јавање до црквата Св. Петка, која се наоѓа длабоко во шумите во околина на Галичник и Планинското јавање до бачилото Русин, каде што прават пауза и во исто време добиваат презентација на техниките за традиционално одгледување на овци. На планинската тура, доколку учесниците сакаат, а водичите сметаат дека тие се подготвени, може да пробаат и малку галоп со коњи. Турата ни е вистински хит сезонава. Сите учесници после јавањето, кога ќе се вратат на ранчот „Шерпа“ ги пречекуваме со чашка ракија и дегустација на галичко сирење.
Се учи ли да се јава коњ за еден викенд?
– Дефинитивно базични основи на јавање коњи се учат само за еден ден, не само за викенд, но доколку би јавале два дена, дефинитивно техниките би биле доста побогати.
Каква опрема ни е потребна за посета на ранчот?
– Заштитната јавачка опрема ја нудиме ние – кациги за јавање и штитници за грб. Од јавачите се бара да облечат комфорни панталони или нешто друго комфорно со долги ногавици, комфорни обувки и секако најважното од сè да имаат огромна желба за нова авантура.
The post Есенско волшепство: На коњ под галичкото небо appeared first on Слободен печат.
Есенско волшепство: На коњ под галичкото небо was first posted on септември 28, 2020 at 12:00 pm.