2.8 C
Скопје
03:24 - 23 ноември, 2024

„Експлозивниот баланс“ на Гордите момчиња и Антифа се голема закана за САД

Упорното одбивање на претседателот Доналд Трамп да го осуди насилството на радикалните десничарски групи и постојано префрлајќи ја одговорноста кон нивните и своите идеолошки противници, го отсликува неговото параноично демонизирање на левичарското движење Антифа, но воедно и го подгрева ризикот од директен судир на екстремистите од двете страни, кој може да кулминира токму на претстојните претседателски избори.

Подемот на екстремната десница во САД почна токму за време на кампањата на Трамп за претседателските избори во 2016 година, а неговата победа уште повеќе ги охрабри. Осум месеци откако Трамп ја даде претседателската заклетва, илјадници бели супремацисти и неонацисти се собраа во Шарлотсвил, Вирџинија, за да протестираат поради одлуката на градските власти да отстранат споменик во чест на Конфедерацијата од времето на Граѓанската војна во САД. Екстремните десничари на тој 12 август напаѓаа жители на Шарлотсвил, се судрија со организирани групи антифашисти, а насилството кулминираше кога Џејмс Алекс Филдс Џиниор со својот автомобил удри во група контрадемонстранти, убивајќи ја 32-годишната Хедер Хејер.

Нападот, но и одбивањето на претседателот Трамп да го осуди насилството на десничарите, беше првиот шокантен сигнал за моќта и смелоста што ваквите групи ја развиле за само неколку месеци.

Следниот бран се поклопи со меѓуизборите во ноември 2018 година. Кога во кампањата Трамп предупреди на опасноста од караванот мигранти и бегалци што се приближува од Мексико за да изврши „инвазија“ врз САД, антиимигрантски групи веднаш „се построија“ покрај границата. Во исто време до неколкумина истакнати демократи беа испратени импровизирани бомби во цевки. Во Питсбург, пак, екстремен десничар упадна во синагога и уби 11 верници. Освен акциите, ескалираше и реториката, сеењето омраза и повикувањето на линч на идеолошките неистомисленици.

Центарот за стратегиски и меѓународни студии во јуни објави извештај што укажува дека насилството предизвикано од екстремните десничарски групи е најголемата закана од „домашен тероризам“ во САД. Дури 57 отсто од сите напади и заговори во периодот од 1994 до 2020 година биле предизвикани од екстремни десничари.

Горди момчиња: Западни шовинисти

На телевизискиот дуел со својот демократски противкандидат Џо Бајден пред една недела, претседателот директно беше повикан да ги осуди белите супремацисти, но тој не само што вешто го заобиколи одговорот, туку и посочи од која од низата радикални десничарски групи очекува да ѝ се спротивстави на Антифа, која ја смета за организатор на масовните, и на моменти насилни, протести против расизмот во САД.

– Горди момчиња, повлечете се и воздржете се. Но, ќе ви кажам нешто… Некој мора да стори нешто за Антифа и за левицата, бидејќи ова не е проблем на десничарите – изјави Трамп.

Десничарската група Горди момчиња, која површно ѝ беше позната на пошироката јавност, оваа изјава ја прослави како големо признание, па и како отворена поддршка од претседателот. Набрзо по телевизиската дебата членови на оваа група веќе испечатиле маички со натписи „се воздржувам“ и „се повлекувам“.

Групата Горди момчиња била формирана за време на кампањата за претходните претседателски избори во 2016 година од канадско-британскиот десничарски активист Гевин Мекинис, кој подоцна се дистанцирал од групата. Се смета дека денес има неколку стотици „горди момчиња“, со ќелии во повеќето сојузни држави во САД, па и во други земји. Вниманието на јавноста го привлекоа пред две години кога се судрија со левичарски демонстранти во Њујорк, по што двајца членови беа приведени и осудени на по четири години затвор. Повторно се појавија како контрадемонстранти за време на неодамнешниот бран антирасистички протести низ САД – во Портланд и во други градови.

Тие се опишуваат како „клуб на западни шовинисти“, резервиран само за машки членови, кои одбиваат да се извинат за „создавањето на модерниот свет“, односно за колонијалната историја на Западот. Иако идеологијата ѝ е антимуслиманска и антиимигрантска, не се смета за група на бели супремацисти. На собирите може да бидат препознаени по црно-жолтите „поло“ маички, но носат и штитници, огнено оружје и бејзбол палки. Пред да почне нивниот марш во Портланд пред една недела, гувернерката на Орегон, Кејт Браун, прогласи вонредна состојба поради „јасен ризик од граѓански нарушувања со закана за повреди или за загубени човечки животи“. Протестите, сепак, поминаа мирно.

Најшироко распространетите социјални мрежи Фејсбук, Инстаграм, Твитер и Јутјуб ги забрануваат активностите на оваа група, принудувајќи ги нејзините активисти да се координираат и организираат преку алтернативни канали.

– Претседателот Трамп им порача на гордите момчиња да се воздржат, зашто некој мора да има работа со Антифа. Па, сер, ние сме спремни – порача членот на групата Џо Бигс на социјалната платформа Парлер.

Антифа: Ни идеологија ни организација

Подемот на насилната ултрадесница предизвика радикализација и на спротивната страна од општествениот спектар, создавајќи „експлозивен баланс“ на екстремисти, кој лесно може да пламне во критични моменти, каков што би можел да биде непризнавањето пораз по претседателските избори на 3 ноември.

Тука е Антифа, со име што алудира на антифашизам, но која тешко може да се дефинира.

– Тоа е идеја, не е организација – изјави Бајден на предизборната дебата.

– Кога палка ќе те удри по главата, тоа не е идеја. Антифа е опасна, радикална група – возврати Трамп.

И двајцата се во право. Гледано од умерен и од лев агол, Антифа е идеологија, наследена од антифашистичкото движење од минатиот век, но десничарите на неа гледаат како на израз на екстремната левица, која исто така зајакнува во крајно поларизираната ситуација во Америка во изминатите четири години откако Трамп е на власт.

Следбениците на Антифа ја опишуваат како „радикално левичарско движење“ без хиерархија, лидери ниту членови. Таа обединува противници на фашизмот и на современата алтернативна десница. Но, најрадикалните следбеници имаат проблематични ставови дека „сите што не ја поддржуваат нивната група се профашистички настроени“.

Отсуството на лидери и на хиерархија не значи дека ова движење не е организирано. Напротив. На затворени групи на социјалните мрежи се испраќаат повици за протести, демонстрации и акции, кои допираат до поширок идеолошки слој – од анархисти и комунисти до ултралеви организации за човекови права.

– Во основа тоа се луѓе што се познаваат многу добро, до степен меѓусебно да си ги распределуваат активностите и задачите – вели Марк Бреј, автор на книгата „Антифа: Прирачник за антифашисти“.

Вака организираните следбеници главно протестираат пред полициски станици и судови – институции што ги сметаат одговорни за отсуството на поенергична акција против радикалната десница.

– Ова, всушност е еден вид радикална критика на системот како плодно поле за култивирање фашизам. Наместо да се борат со легални инструменти, активистите на Антифа дејствуваат на начин што го опишуваат како „разноликост на тактиката“ – вели Бреј.

Тој вели дека масовните социјални незадоволства секогаш резултираат со појава на разни народни движења, уништување на имот, палења и конфликт со силите на редот, што е својствено и за денешната поларизирана Америка. Сите активисти не се вклучени во насилства, но генерално не ги осудуваат.

Без хиерархија, нема ни контрола

Организација со ваква нејасна основа, без хиерархија и со разновидна тактика, може да послужи како идеален политички непријател врз кој може да се префрла вина и одговорност за разгорените тензии во Америка. Од друга страна, движењето не може да се искорени ако се пресечат каналите за финансирање, зашто всушност и нема прикриени финансиери од едноставна причина што за акциите не се ни потребни повеќе средства од оние што ги имаат активистите. Поголемите проекти, како на пример печатењето и разделувањето летоци, воопшто не се скапи и средствата се собираат од ситни доброволни прилози, обично преку разни апликации на интернет.

Во настојување да истакнат противник што би можеле да го демонизираат, некои конзервативци го посочија „вообичаениот осомничен“ – Џорџ Сорос, како финансиер на Антифа, иако следбениците на ова движење се антикапиталисти што својот гнев го изразуваат токму кон милијардерите, како типичен пример на нееднаквост во општеството.

И директорот на Федералното биро за истраги, Крис Реј, има тешкотии да го објасни движењето, кое претседателот Трамп го посочува како „најголема закана за Америка“ и настојува да го додаде на списокот терористички организации.

– Антифа е реална, не е фикција. Во антитерористичкиот простор се повеќе и повеќе гледаме луѓе што се собираат во еден вид мешавина на различни идеологии. Некогаш ние ја нарекуваме салата од идеологии, малку од ова, малку од она, но главната опасност е насилството. Нема да толерираме насилство – изјави Реј, сведочејќи пред Конгресот. Тој додаде дека ФБИ истражува „анархистички и насилни екстремисти“, ги проучува нивните тактики и логистики и ги бара изворите на финансии и каналите за опремување.

Истрагата на ФБИ е стандардна, но Антифа не е класична организација со централна структура, која силите за безбедност може да ја парализираат со блокирање на финансиите или со обвиненија за лидерите. Без хиерархија, дури ни самото движење не може да се контролира и да спречи експлозии од насилство на неговите активисти, поради што претставува голема и реална закана за продлабочување на поларизацијата на американското општество, па и за безбедноста на граѓаните и на поредокот.

The post „Експлозивниот баланс“ на Гордите момчиња и Антифа се голема закана за САД appeared first on Слободен печат.


„Експлозивниот баланс“ на Гордите момчиња и Антифа се голема закана за САД was first posted on октомври 8, 2020 at 7:46 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....