-2.2 C
Скопје
08:20 - 23 декември, 2024

Ексклузивно со Ведрана Рудан: Светот после корона? Ќе биде тоа свет во кој сите сложно заклучени ќе молчиме

Гостинка во „Слободен печат“ ни е Ведрана Рудан, една од најинтригантните гласови во современата хрватска книжевност, колумнистка позната по своите смели ставови поврзани со горливите општествени прашања. Омилена е меѓу бројната публика и поради нејзината отворена и директна комуникација. Таков е и нашиот разговор. Нема ништо во него што е „кружно па на ќоше“.

– Го мразам зборот ексклузивно (откога на самиот збор му го „истрошија“ значењето), но мислам дека овојпат тоа ќе го напишам, – ѝ пишувам на Ведрана.

– Не давам баш на драга волја интервјуа зашто сè што сакам да кажам го пишувам на блогот. Направив исклучок зашто Македонија и Македонците ми се многу, многу, многу драги, –  одговори.

Ако до сега не сте прочитале некоја од нејзините книги, кои се достапни во продажба и кај нас, еве ви идеја како би можеле да си го исполните времето во периодите кога сте заклучени дома. „Костурите на округот Медисон“ и новата книга, автобиографска, „Танц околу сонцето“,  се достапни во продажба во „литература.мк“, книгата „Зошто пцујам“ е збирка текстови објавувани на нејзиниот блог,  кај нас во издание на „Просветно дело“, „Маж в грло“, исто така во издание на Просветно дело, романот „Амаруши“ е во издание на „Магор“, „Црнци во Фиренца“ во издание на „Темплум“.

Убедена сум дека милијардерите кои владеат со денешниот свет се способни нам немоќните, бедните и сиромашните да ни направат што им падне на ум.

Со оглед на тоа дека, како искусна колумнистка и писателки, работите ги набљудувате на остроумен начин, како гледате на целата оваа ситуација со коронавирусот? 

– Страв и хаос. Најмногу ми пречи што не го знам одговорот. Дали ова што ни се случува е Божја волја или короната сепак, излегла од некоја лабораторија. За мене тоа е клучно прашање на кое сигурно никогаш нема да го дознам одговорот, барем не оној кој мене би ме задоволил. Јас сум убедена дека милијардерите кои владеат со денешниот свет, политичарите се само кукли, државите не постојат, короната тоа најдобро го покажа, се способни нам немоќните, бедните и сиромашните да ни направат што им падне на ум. Ова заклучување, според мене, е само вовед во идните заклучувања. Ќе има уште корони кои луѓето на денешницата ќе ги затворат кога и на нашите господари ќе им падне на ум.

Се менуваме ли преку оваа животна лекција и како? Дали нешто во Вас се промени?

– Јас не сум се променила. Во мене стравот одамна молчи. Страв од силата на која обичен човек не ѝ може ништо, страв од моќта која има име и презиме. Неколку имиња и презимиња. Треба само да се фрли око на листата на најбогати луѓе во светот. Кога само еден човек поседува богатство од неколку стотини милијарди долари, тогаш на сите ни е јасно колку е голема моќта на среќникот кој месечно заработува илјада долари. За моќта на милијардите на оние кои месечно воопшто не заработуваат доволно за да можат да јадат, не треба да зборуваме. Короната дефинитивно ми докажа дека сум била во право кога уште во 2002 година во својата книга „Уво, грло, нож“, напишав дека пет Кокаколи го дупчат цел свет.

Рековте, престара сум за влагување во клинч со потполно новиот живот кој нè чека. Каков нов живот нè чека? 

– Новиот живот е тука. Луѓето во новиот живот имаат право на „дистанца“ во комуникацијата со другите луѓе, имаат право на карантин цело време додека не работат, имаат право на секојдневно интензивно перење на мозокот. Јас наскоро ќе излезам од таа приказна, новите генерации нема никогаш да дознаат како ние сме живееле, нашите господари сите траги на подоброто минато ќе ги избришат. Живееме во светот на Орвел и Хаксли само многу, многу полош.

Во автобиографската книга, објавена минатата година (достапна во продажба и во Македонија во литература.мк), покажувате зошто во животот е најважно и најтешко да се гледате себе во очи без срам. Мислите дека Балканот е доволно созреан за оваа доблест? 

– Никогаш не сум мислила дека Балканот се разликува од остатокот на светот. Короната најдобро тоа го покажа. Гледавме на нашите екрани како, со еднаква жар, за тоалетна хартија се борат и Балканците и њујорчаните. Нема разлика меѓу луѓето, за жал. Сите сме глупи овци каде и да живееме.

Ги земате во заштита обичните жени, загрозените жени, од што денес обичната жена најмногу пати, и колку сме блиску или далеку од родовата рамноправност?

– На жените на овие простори никогаш не им било полошо. Тепање и убивање жени на Балканот е најомилен машки спорт. За некаква рамноправност нема збор. Системот е на страна на машките. За најлоши злочини добиваат никакви казни. Сè додека жените не возвратат со иста мера ништо нема да се промени.

Тепање и убивање жени на Балканот е најомилен машки спорт.

Кои се Вашите хероини на новото време? На какви жени се восхитувате, а какви Ве згрозуваат?

– Се ужасувам од жени политичарки кои се секогаш поголеми мажи од самите мажи. Сурови, безмилосни, опасни. Жените мислат дека нивната положба во политиката би можела да се поправи кога во политиката би имало повеќе жени. Забораваат дека во политика влегува само човечкиот шљам, без разлика на полот. Искрено се восхитувам на самохраните мајки. Сè е против нив. Државата, работодавачот, често и сопствените деца кои им замеруваат дека лошо се „снаоѓаат“ и во нив ја гледаат причината за својата несреќа. Децата на секоја жена ѝ се најголем непријател.

Што е за вас феминизмот? Политичко движење, животен стил кој е во мода или нешто трето што ни треба и зошто? 

– Феминизмот би требал да биде движење за женски права. Во денешниот свет би требало да се бориме за човекови права зашто жените се незначајно позагрозени од мажите. Сите ние бедни, мали и обични се вариме во ист лонец. Мислам дека феминизмот не постои освен како перформанс на некоја од улиците на големите светски градови, одвреме навреме. Да кажеме на 8ми март.

Жените мислат дека нивната положба во политиката би можела да се поправи кога во политиката би имало повеќе жени. Забораваат дека во политика влегува само човечкиот шљам, без разлика на полот.

Мислите ли дека во времето на социјалистичка Југославија жените живееа подобро отколку денес, подобро биле третирани отколку сега? 

– Во Југославија жените имаа речиси ист статус како и мажите, кога зборуваме за право на работа, образование, здравје, еднакви плати, годишен одмор. Денес сè тоа се изгуби. Жените заработуваат помалку од мажите кога работат иста работа, кога ќе забременат добиваат отказ, грижата за децата е само нивна. Денес жените се дефинитивно битија од трет ред.

Во книгата „Зошто пцујам“ (во Македонија во издание на „Просветно дело“, н.з) духовито одговарате на прашањата кои секојдневно го мачат просечниот балкански човек. Кого би опцуле денес? 

– Просечниот светски човек. Би ги опцула тие милијарди будали кои слепо веруваат на сè што читаат по порталите или гледаат на телевизија. Не сфаќаат дека се робови и дека единствената слобода на која имаат право е слободата да работат за своите господари додека да цркнат.

Вас ве слушаат, имате долгогодишно големо влијание на публиката и голем кредибилитет. Како се стекнува таква доверба? 

– Немам влијание, никој не ме слуша, никој не ми верува. Да е така како што велите овој свет поинаку ќе изгледаше. Сите оние кои имаат на сметка повеќе од милион долари би добиле куршум во глава. Јасно ви е, белки, дека сум немоќна како и сите околу мене. Единствено што ме разликува од масата е тоа што чувствувам потреба да го кажам тоа што го мислам. Додека не ме замолчат сопствениците на медиуми преку кои им се обраќам на читателите или додека не ме замолчи смртта. Како тргнало, попрво ќе ме замолчат овие првите. Нема врска. Постојано слушаме како после короната ќе влеземе во нов свет. И ќе влеземе. Ќе биде тоа свет во кој сите сложно заклучени ќе молчиме. Сите, па и јас.

Фотографии – Рино Гропуцо

 

The post Ексклузивно со Ведрана Рудан: Светот после корона? Ќе биде тоа свет во кој сите сложно заклучени ќе молчиме appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....