Оштетената во сообраќајката кај Млечниот ресторан, Наташа Димитриевска, за Слободен печат оценува дека од она што го прочитала во соопштението на ОЈО-Скопје, кое се жали до Апелација за пресудата, особено за казната за сторителот, може да се заклучи дека нејзе и се прифатени аргументите кои ги навела во пријавите за обвинителката Снежана Бундалевска и судијката Елена Јосифовиќ, кои неодамна ги поднесе до Советот на јавни обвинители и Судскиот совет.
– Задоволна сум што е запазен рокот за жалба до Апелациониот суд. Сепак треба да ја прочитам целосно жалбата, чекам да ја добијам. Од она што го видов, во соопштението не се опфатени сите олеснителни и отежителни околности кои претходно беа наведени во пресудата. Ќе почекам да ја видам жалбата како структура. Според сега кажаното, во жалбата ми е прифатена содржината од претставките поднесени до Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, изјави Димитриевска.
Денеска од Обвинителство соопштија дека ќе поднесат жалба за пресудата, со која сторителот доби условна затворска казна од две години, доколку во наредните пет години не направи ново кривично дело, бидејќи ја признал вината. Обвинителството делото го оквалификува како дело од небрежност, а не со умисла.
– Јавниот обвинител предложи Апелациониот суд да изрече построг вид и висина на кривична санкција за обвинетото лице, односно казна затвор, како главна казна. Гледајќи од аспект на пропустите на обвинетиот во сферата на сообраќајните правила, повредувајќи ги примарните сообраќајни начела за безбедно учество во сообраќајот, како и тежината и степенот на загрозување на правното заштитено добро, изразено преку тешките последици кои резултирале од сообраќајната незгода, јавниот обвинител оцени дека е неминовна потребата на обвинетиот да му се изрече и забрана за управување со моторно возило, соопштија од Обвинителството.
Претходно Димитриевска поднесе пријава до Советот на јавни обвинители, велејќи дека обвинителката сторила тешка дисциплинска повреда, не ги прибавила сите неопходни медицински документи, не го обвинила Васил Ч. за неукажување помош на повредено лице и предоцна го покренала обвинението. Особено е револтирана што Обвинителството смета дека делото е сторено од небрежност, а не со умисла.
Таа поднесе пријава до Судскиот совет за работата на судијката Елена Јосифовиќ, констатирајќи дека пресудата била пристрасна, а од Советот вчера известија дека ја разгледуваат пријавата.
The post Димитриевска за жалбата на ОЈО за сообраќајката кај Млечен: Ми се потврдија поплаките за обвинителката и судијката! appeared first on Слободен печат.
Димитриевска за жалбата на ОЈО за сообраќајката кај Млечен: Ми се потврдија поплаките за обвинителката и судијката! was first posted on септември 18, 2020 at 1:23 pm.