-2.2 C
Скопје
20:22 - 22 декември, 2024

Дигитални политички неранимајковци

Минатата недела, без поголемо внимание во генералната јавност, помина петочната вест на сајтот на „Слободен печат“ (slobodenpecat.mk) дека нивниот портал, еден од најчитаните десетина информативни македонски сајтови, со денови е предмет на интензивни и агресивни хакерски напади чија намера е да го блокираат или, барем, да го намалат сообраќајот на оваа веб-платформа. Тие напади имале ограничен успех, бидејќи неколку денови порталот беше забавен, а повремено и недостапен за пошироката „дигитална“ јавност.

Овој вид на т.н. „Ди-Дос“ напади се прилично вообичаени во светот на „валканите стратегии“ во електронските комуникации: просто речено, одредени веб-платформи се напаѓаат со огромен број (илјадници, милиони) „кликања“ од моќни анонимни сервери низ светот (од Кина, Индија и сл.), па за одреден временски период сообраќајот и достапноста на нападнатиот сајт се задушува и забавува, а често и се блокира на одреден период.

Од комерцијални, но и поради безбедносни причини, серверите на „Слободен печат“ се лоцирани во Франција, во тамошни соодветни капацитетни информатички компании, кои можат да издржат различни злонамерни напади и обиди за неавторизирани упади и други злоупотреби.

Во овој случај, токму француската компанија што ги дава овие услуги направила точна идентификација на изворите на главните напади врз „Слободен печат“: станува збор за недвосмислено утврдени пет ај-пи адреси (извори на непријателските напади), кои припаѓаат на компјутерските центри на едно владино министерство во Македонија, на една од овдешните најголеми државни енергетски компании, на еден од државните универзитети, како и на главните ај-пи адреси на една нашиве национални телевизии и на една од најголемите информатички македонски компании, која и самата поседува неколку информативни интернет-платформи.

„Слободен печат“ ја извести јавноста дека, со цел да ги заштити своите морални и деловни интереси, потребните докази за овие илегални информатички операции минатата недела се предадени на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.

Занимливо, по објавувањето на оваа информација во петокот, нападите врз „Слободен печат“ наеднаш престанаа.

Овој случај на домашен дигитален криминал не смее да остане без последици. Само по себе е загрижувачки што капацитетните сервери на државни институции се користат за злонамерни, казниви компјутерски активности, иако таквата злоупотреба може да се идентификува, бидејќи пристапот до информатичките центри на институциите е високо регулирана област во која, по име и презиме, се знае кој има можност и во кој период да ги изврши тие злоупотреби. Тоа важи и за двете приватни компании.

Бидејќи веќе интензивно сме влезени во предизборен период, на овие недозволиви кампањи треба да се обрне посебно внимание. Памтите, за време на минатите избори, на сличен начин беа нападнати серверите на Државната изборна комисија, а деновиве во домашниот „информатички свет“ се говори и за други компании во земјава кои доживуваат слични напади и уривања на нивните дигитални платформи.

Оние што гледаат некаква политичка корист од ширењето предизборна несигурност во општеството и чувство за нефункционирање на државата, нема да се ограничат само на палење контејнери или друг вид „физички“ провокации. Како што знаеме и од светските искуства, во кои Велес се истакна до незамисливи „височини“, кампањите на социјалните мрежи или информатичкото уривање на големите државни системи понекогаш можат да предизвикаат вистински хаос, како кога во преполната општествена „киносала“ лажно ќе извикате: „Пожар!“.

Можеби ова, сега, некому му се чини наивно… Потоа, обично, е предоцна за навремена реакција. Хакерите се криминалци во „бели ракавици“. Но, сеедно се опасни виртуелни криминалци, со свои јасни, реални агенди.

The post Дигитални политички неранимајковци appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....