![](https://www.slobodenpecat.mk/wp-content/uploads/2020/04/ohrid-ezero-300x200.jpg)
Неочекуван потег сред корона пандемијата ја изненади охридската, но и македонската јавност. Бизнисменот Новко Плаќаноски, со чартер лет, ги испрати на одмор во Анталија своите вработени. Тој поседува ресторан и кафуле во македонскиот туристички бисер, а како што велат локалните жители, ова не е првпат на сметка на фирма да се замине на летен одмор, туку е веќе традиција.
Слободен печат го контактираше бизнисменот Плаќаноски за да ни ја потврди информацијата за летувањето во Турција на своите 126 вработени со ултра ол-инклузив аранжман, но тој скромно одговори дека не сака да се популаризира неговиот потег, додавајќи деновиве одбивал да дава изјави и покрај интересот во јавноста.
Ваквиот несекојдневен и позитивен чин, особено во услови кога голем дел од угостителските фирми мака мачат со финансиите поради паднатиот промет, останува топ тема во охридската чаршија. „Треба да му се каже благодарам на работникот, ние сме еден вид семејство“, им велел на сограѓаните Плаќаноски. Претходно, вработените во неговите фирми летувале и во туристичките центри низ поранешните југословенски простори, како и Бугарија.
Покрај бизнисите од туристичко-угостителската гранка, многу поголем профит на Плаќаноски му носат двете фирми НО.МА. Метал и П.Н. Метал, чија дејност е изработка на метални производи, а токму овие две компании секоја година се наоѓаат на листата на топ-10 охридски фирми со најголема добивка.
Плаќаноски, кој потекнувал од сиромашно семејство, повеќепати бил дарежлив кон своите вработени и им излегувал во пресрет, како што велат, и во добро и во лошо. Името на бизнисменот се споменува во локалните медиуми и во својство на донатор при изградбата на црквата посветена на светите Кузман и Дамјан, во охридското село Врача.
The post Дарежливиот охридски сопственик за Слободен печат: Не сакам да се експонирам appeared first on Слободен печат.
Дарежливиот охридски сопственик за Слободен печат: Не сакам да се експонирам was first posted on септември 14, 2020 at 11:28 am.