Новозаболените од ковид-19 последниве денови почнаа да се мерат со ниски едноцифрени бројки како што одамна не паметиме. Оние кои ги следат состојбите коментираат дека ова намалување е поради промена на алгоритмот за тестирање, како и поради намaлениот број тестирања. Од Комисијата за заразни болести објаснуваат дека без разлика на се, бележиме намален број заболени, и ние и земјите во регионот, но сепак рано е за да славиме за тоа.
Вчера од 450 направени тестови позитивни беа само 11. Завчера беа тестирани 817 граѓани, од кои позитивни беа 39. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 14.341, бројката на оздравени пациенти е 11.157, на починати е 603, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.581.
Упатените коментираат дека бројката на заболени е намалена бидејќи сега, за разлика од порано, не се тестираат контактите на лицата кај кои е изолиран вирусот, поради што и се прават помалку тестови. Според новиот алгоритам, контролен тест не се прави ниту на оние кои биле болни.
Од Комисијата за заразни болести објаснуваат дека има помалку тестирања бидејќи матичните лекари помалку ги закажуваат.
– Се тестираат сите за кои ќе се утврди дека имаат ризичен контакт. Ги тестираме поблиските контакти, не сите. Иако факт е дека бројот на тестови е намален, факт е и дека процентот на позитивни од вкупниот број за заболени се движеше околу 10, но сега е околу 5. Сепак, не треба да се опуштиме, бидејќи е рано да се констатира тренд за намалувањето. За тоа е потребно да имаме намалување барем седум дена – вели прим.д-р Александар Стојанов директор на Центарот за јавно здравје во Скопје и член на Комисијата за заразни болести.
Тој вели дека и да се постигне трендот на намалување внимателноста и почитувањето на мерките мора да продолжат.
Анализи, освен во Скопје, се работат уште во две други лаборатории, во Тетово и во Битола, а брисеви се земаат во 10 центри за јавно здравје нив земјата. Некогаш се случува некои пациенти да треба да патуваат од еден во друг град ако сакаат побрзо да го направат тестот, односно ако побрзо ќе најдат слободен термин.
The post Бројот на новозаболени од ковид-19 опаѓа, но рано е за радување appeared first on Слободен печат.
Бројот на новозаболени од ковид-19 опаѓа, но рано е за радување was first posted on септември 1, 2020 at 2:06 pm.