3.8 C
Скопје
03:18 - 17 ноември, 2024

„Блумберг“: СДСМ оствари значајна победа на изборите и иако не успеа да освои мнозинство, ќе се обиде да формира коалициска влада

Проевропските социјалдемократи остварија тесна победа на парламентарните избори во Северна Македонија одржани на 15 јули и ќе се обидат да формираат нова влада, за што им претстојат сложени коалициски преговори, оценуваат странските медиуми во освртите и извештаите за изборите во земјава.

Радио Слободна Европа (РСЕ) наведува дека СДСМ на поранешниот премиер Зоран Заев освои 46 места во 120-члениот парламент, што е помалку од неопходните 61 за парламетрано мнозинствоа, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ доби 44 пратеници.

– Ваквите резултати значат дека Заев ќе треба да добие мандат за неговата СДСМ за формирање нова влада, најверојатно со тоа што ќе мора да му се приклучат партиите што го претставуваат етничкото албанско население во земјата, кое сочинува околу една четвртина од 2,1-те милиони жители, оценува радиото.

Но и ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски, според Радио слободна Европа, водеше негативна кампања напаѓајќи го Заев и запаѓајќи во националистичко-популистичка реторика, најави дека се уште е во трка за формирање нова влада.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу за РСЕ вели дека со оглед на резултатите од изборите ќе им биде тешко на партиите на Албанците „да го заобиколат СДСМ и да формираат коалиција со ВМРО-ДПМНЕ”.

Блумберг, пак, оценува дека СДСМ оствари значајна победа на изборите и иако не успеа да освои мнозинство, сепак ќе се обиде да формира коалициска влада во оваа земја аспирант за членство во Европската унија.

– Домашната драма се одигрува во услови на политички превирања на Балканот. Се сметаше дека регионот опустошен од војните го остави зад себе најлошото со пандемијата на коронавирус, но вториот бран на заболени предизвика гнев на јавноста во југосточниот дел на Европа, оценува агенцијата.

Блумберг потсетува дека поранешната Влада на Заев склучи договор со Грција за решавање на спорот околу името и со тоа го расчисти патот на земјата за влез во НАТО и ЕУ по децении тапкање во место. Со тоа земјата стана 30-та членка на НАТО во март, а во јули ЕУ објави рамка за преговори за членство на Северна Македонија во Унијата.

– Заев поднесе оставка во јануари, откако не успеа да обезбеди датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Засега е нејасно дали тој ќе може да формира нова владејачка коалиција. ВМРО-ДПМНЕ исто така ќе се бори за оваа позиција. Партијата, чиј поранешен лидер побегна во Унгарија за да избегне отслужување на двегодишна затворска казна за злоупотреба на службената должност, ги обвинува социјалдемократите на Заев дека се фокусираат на западната интеграција и ги игнорираат домашните проблеми. Таа критикува и дека тие не успеале да го решат проблемот со коронавирусот и покрај воведувањето на едни од најстрогите мерки во Европа, додава Блумберг.

Атински „Катимерини” наведува дека по тесната победа на изборите социјалдемократите најавија дека се подготвени „да започнат компликувани преговори за поделба на власта”, но и нивните главните конзервативни ривали од ВМРО-ДПМНЕ, кои заостануваат помалку од два процентни поени во гласовите, сметаат дека на крајот би можеле да доминираат во преговорите и да формираат влада.

– Во преговорите за коалицијата ќе бидат вклучени партиите што го претставуваат етничкото албанско малцинство. Главната малцинска партија ДУИ, која освои 15 места во Парламентот, вели дека сака етнички албански политичар за премиер како услов за коалициските разговори – барање кое и двете најголеми партии категорично го отфрлија, додава „Катимерини”.

Магазинот „Њу Јуроп” наведува дека на воодушевување на западните поддржувачи на Северна Македонија, СДСМ извојува тесна победа на изборите, со што се отвора патот поранешниот премиер Заев, чии главни цели се заживување на економијата и забрзување на евроатлантскиот пат на земјата, да добие мандат за формирање нова влада.

– Бидејќи ниту една партија не освои апсолутното мнозинство на изборите, формирањето коалиција во 120-члениот Парламент може да се покаже многу покомплицирано од едноставна математичка пресметка. Конвенционалната математичка калкуалција сугерира дека коалицијата СДСМ-ДУИ повторно ќе застане на чело на земјата со најмалку 61 пратеник, откако ќе се договорат за распределба на министерските места, смета магазинот.

Според „Њу Јуроп”, повеќето аналитичари на изборните резултати гледаат како на победа за Западот и пораз на Русија и другите надворешни актери кои се обидуваат да го прошират своето влијание на штета на НАТО и ЕУ.

Франс прес наведува дека иако социјалдемократите на Заев најавија дека нивната победа на изборите ја одржува земјата на вистинскиот пат за евентуално членство во ЕУ, сепак партијата ќе се соочи со потенцијално незгодни разговори за коалицијата, откако оствари тесна победа над националистичките ривали.

– Заев се надева дека ќе формира нова влада за разговорите за членство (со ЕУ), за кои земјата доби зелено светло и може да започнат во текот на оваа година, што ќе означи нова фаза во интеграцијата на Северна Македонија со Западот, откако во март земјата стана 30-та членка на НАТО, оценува АФП.

Во анализата се додава дека Заев веројатно прв ќе добие можност да формира нова влада и би можел да се сврти кон досегашниот коалициски партнер ДУИ и да создаде коалиција која би имала тесно мнозинство во Парламентот.

Од друга страна, според агенцијата, е ВМРО-ДПМНЕ која смета дека договорот со Грција за промена на името на земјата претставува национално понижување. – Иако партијата експлицитно не се закани со раскинување на Договорот, може да се очекува дека една националистичка влада во Северна Македонија ќе има повеќе тензични односи со Грција, Бугарија и другите соседи, смета АФП.

„Ватикан Њуз” во текстот посветен на изборите во земјава пренесува изјава на аналитичарот Јоанис Армаколас од грчката Фондација за европска и надворешна политика, кој смета дека изборните резултатите покажале дека „гласачите се уште му веруваат на Заев дека ќе успее во напорите Северна Македонија да стене членка на ЕУ”.

– Кога станува збор за Зоран Заев, неговите досегашни постигнувања се слаби кога станува збор за домашните реформи. Но, би рекол дека тој претставува посигурна карта што ќе ја води земјата кон Брисел, истакнува Армаколас.

Раша Тудеј наваедува дека социјалдемократите остварија победа над нивните националистички ривали.

– Ова беа први парламентарни избори откако социјалдемократите минатата година ја додадоа придаваката „Северна” на името на земјата. Овој потег стави крај на повеќедеценискиот спор со Грција и ја внесе балканската држава во НАТО и ја отвори вратата за идното членство во ЕУ, додава РТ.

Според рускиот медиум, левоцентристичкиот СДСМ освои „само 35,8 проценти од гласовите” и нема мнозинство во Парламентот, па сега ќе се соочи со тешки коалициски разговори за формирање влада. – Десничарската ВМРО-ДПМНЕ заостанува со 34,5 проценти од гласовите. Таа партија е формално про-ЕУ, но беше критички настроена кон договорот за името, сметајќи го за „предавство”, наведува РТ.

Медиуми во своите извештаи наведуваат и дека „сомнителен хакерски напад” доведе до пад на веб-страницата на Државната изборната комисија во земјата по завршувањето на изборите, што го одложи објавувањето на првичните резултати.

Според „Балкан инсајт”, одговорноста за нападот ја презела хакерската група „Анонимна Македонија”, која порачала дека нивниот потег е одговор на „празни ветувања од сите политички партии во оваа прекрасна земја”.

Заклучок на странските медиуми е дека преговорите за формирање на нова влада веројатно ќе бидат долги и полни со политичко пазарење, но дека на крајот резултатите од изборите ќе придонесат за унапредување на евроатлантската интеграција на земјата.

Според нив, овие избори имале и пошироки геополитички импликации, имајќи предвид дека ЕУ и САД се обидуваат да ја приближат Северна Македонија кон себе и да ги спречат обидите на Русија и Кина за зголемување на нивното влијание во Западниот Балкан.

Странските медиуми како куриозитет на овие избори го истакнуваат и тоа што првпат една албанска партија – БЕСА, формираше предизборна коалиција со една од македонските партии – СДСМ.

The post „Блумберг“: СДСМ оствари значајна победа на изборите и иако не успеа да освои мнозинство, ќе се обиде да формира коалициска влада appeared first on Слободен печат.


„Блумберг“: СДСМ оствари значајна победа на изборите и иако не успеа да освои мнозинство, ќе се обиде да формира коалициска влада was first posted on јули 17, 2020 at 12:51 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....