
Активистите на иницијативата „Стоп Русино – Чист воздух за Гостивар“ не успеаја да постигнат договор со претставниците на деветте полошки општини кои бараат користење на гостиварската депонија Русино за депонирање на отпадот и најавија продолжување на блокадата на влезот на депонијата за уште 10 дена.
– На последниот состанок не успеавме да се договориме за роковите за почеток на активностите околу санацијата на Русино и поитно барање на друга локација за регионална депонија во полошкиот регион туку заглавивме во процедури. Се надеваме дека наредната недела ќе успееме да се договориме, а дотогаш на Русино ѓубре и натаму ќе носат само камионите на гостиварското јавно комунално претпријатие – вели за Слободен Печат Марија Спасовска, една од претставниците на граѓанското здружение кое веќе два месеца интензивно се бори за затворање на гостиварската нестандардна депонија Русино.
„Стоп Русино – Чист воздух за Гостивар“ започна со блокирање на влезот на депонија Русино, лоцирана над градот Гостивар на 2 август годинава, откако неколку недели претходно зачестија случаите на палење на депонијата, а градот со денови беше изложен на загадување од густиот чад предизвикан од запален отпад. Откако на 10 август годинава успешно беше изгаснат големиот пожар кој повеќе денови беснееше на депонијата, на Фејсбук страницата на групата постојано се споделуваат информации од мерната станица за квалитет на воздухот лоцирана во Гостивар, кои покажуваат дека во градот повеќе нема загадување на воздухот.
Активистите бараат државата итно да бара нова локација за регионална депонија за полошкиот регион. Претходно, во стратешките документи за воспоставување на интегриран систем за управување со отпад на ниво на државата, како една од шесте регионални депонии кои во иднина би се изградиле во склад со ЕУ стандарди, гостиварската депонија Русино беше предвидена како депонија за полошкиот регион, во која, освен гостиварската и тетовската би депонирале уште седум полошки општини.
Помеѓу останатите барања на Стоп Русино, беше и барањето за селекција на отпадот, чистење на околината на депонијата, како и на реките кои поминуваат околу и под ѓубриштето, а кои сега се енормно загадени. Активистите исто така побараа отпадот кој се депонира да бида покриван со земја, обврска која досега беше забошотувана од операторите на депонијата.
– Откако отпадот беше потрупан под дебел слој на земја престана палењето на депонијата што покажува дека досега не се вршело прописно депонирање и третирање на отпадот што честопати било причина за палење на депонијата – велат од Стоп Русино.
The post Блокадата на Русино го исчисти воздухот, бирократските сплетки никој не може appeared first on Слободен печат.
Блокадата на Русино го исчисти воздухот, бирократските сплетки никој не може was first posted on септември 14, 2020 at 8:00 am.
