6.8 C
Скопје
12:44 - 16 ноември, 2024

Биографии на министри во новата Влада

Новата Влада, на премиерот Зоран Заев, која вчера доби поддршка во Парламентот има 19 министерства, што се седум помалку од претходниот владин состав. Во продолжение следуваат биографиите на премиерот и министрите.

Зоран Заев – премиер на Република Северна Македонија 

Зоран Заев е роден на 8 октомври 1974 година во Струмица. Во брак е со Зорица Заева со која има две деца.

Во 1997 година, Заев дипломирал на Економскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј” каде што продолжил со постдипломски студии по монетарна економија и финансии.

Првата работна позиција му ево  семејното трговско друштво „Тргопродукт”, и за 5 години напредувал до менаџерската позиција. Дополнително, бил член на неколку одбори на компании, банки и јавни претпријатија.

Зоран Заев е член на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од 1996 година, а од 2003 до 2005 година е пратеник во Собранието на Република Македонија.

Во 2006 година е избран за потпретседател на Централниот комитет на СДСМ, а во 2008 година стана в.д. претседател на Партијата.

Од 2013 година, Зоран Заев е лидер на СДСМ.

Во 2005 година, Заев стана градоначалник на градот Струмица, како најмлад градоначалник во земјата. Под негово водство, градот оствари економски подем и стана со најдобар кредитен рејтинг.

Градот, и Зоран Заев, како градоначалник, во периодот на неговиот мандат како прв човек на општината, освоија повеќе награди и признанија. Во два наврати, во 2008 и 2009 година градот ја освои највисоката национална награда во областа на животната средина, а Заев, како градоначалник ја освои Наградата за најдобри практики на Советот на Европа, за првото јавно-приватно партнерство во земјата, имплементирано во изградбата на објектот „Глобал” во Струмица.

По победата на локалните избори во 2013 година, го започна својот трет последователен мандат како градоначалник на овој град, и оваа функција ја извршува до декември 2016 година.

Покрај очигледниот успех во развојот на градот, Зоран Заев стана еден од најпопуларните политичари во Македонија поради неговата отвореност и достапност. Тој беше единствениот градоначалник кој на својата работа ѝ даде најголема јавност и транспарентност преку редовните, месечни настапи на локална телевизија, каде што ја претставуваше работата на општината и одговараше на сите прашања на граѓаните.

Како лидер на политичката опозиција во земјата, Зоран Заев стана синоним за храброст и предводник во борбата за правда, слобода и демократија.

Во февруари 2015 година, Заев го започна проектот „Вистината за Македонија”, објавувајќи го прислушкуваниот материјал со кој беа откриени криминалните активности на владата предводена од Груевски. Отпорот кон автократската влада продолжи со активната улога на лидер на СДСМ во кампот „Слобода”, кој беше организиран од протестното движење Граѓаните за Македонија – неформална коалиција на политички партии и граѓански организации кои заеднички се организираа за враќање на демократијата во општеството и за ревитализација на јавните институции во служба на граѓаните.

На 17 мај 2015 година, ова движење организираше историски најголем натпартиски и граѓански протест во Скопје со повеќе од 100.000 граѓани пред зградата на Владата.

Најавената аболиција на претседателот Иванов за тогашните високи владини претставници ги поттикна граѓаните на земјата на масовно протестно движење наречено „Шарена револуција”. Движењето започна во април 2016 година, се рашири низ целата земја и траеше 100 дена.

Зоран Заев го создаде и промовираше концептот „Едно општество за сите”, како мозаик на заедничко живеење на различните култури и заедници во земјата, најавувајќи го идниот развој на Северна Македонија како место за живот на сите граѓани, без оглед на нивната етничка, политичка и било каква определба. Овој обединувачки концепт беше движечката сила за успехот на СДСМ на парламентарни избори во 2016 година, за убедливата победа на локалните избори во 2017 година и за победата на Стево Пендаровски на претседателските избори во 2019 година.

По „Пржинскиот договор” и парламентарните избори во 2016 година, проследен со тежок период на политички превирања, вклучувајќи го и насилниот инцидент во Парламентот на 27 април, на 31 мај 2017 година, Зоран Заев беше избран за премиер на Република Македонија и го доби мандатот на граѓаните да ја предводи новата влада ориентирана кон реформи.

На истекот на втората година од мандатот на Владата на Заев, Европската комисија го објави историски најпозитивниот извештај за напредокот на земјата во кој беа нотирани темелните реформи спроведени во земјата низ политички дијалог и соработка со сите парламентарни партии и особено со опозицијата.

Премиерот Заев, уште во стартот на својот мандат ja поведе земјата кон евро-атлантска интеграција, со фокус на добрососедската политика и враќање на довербата на нашите стратешки партнери од ЕУ и САД.

Како резултат на овие интензивни активности уште во август 2017 година, беше потпишан Договорот за стратешко партнерство, пријателство и добрососедство со Република Бугарија, а во јуни 2018 година, во Преспа, беше потпишан историскиот договор со Република Грција за решавање на прашањето со името на нашата земја и за воспоставување пријателство и соработка.

Со решенијата од Договорот од Преспа, нашата земја го прифати името Република Северна Македонија, а Грција се согласи дека граѓаните на нашата земја имаат целосно право да се нарекуваат Македонци, што го зборуваат македонскиот јазик.

Во јули 2018 година, во седиштето на НАТО во Брисел, на премиерот Заев му беше врачена поканата за членство во НАТО, односно за старт на процесот на пристапување со ратификација на Протоколот за пристапување во алијансата, кој започна веднаш после прифаќањето на уставните измени за спроведување на Договорот од Преспа.

За време на мандатот на Заев, државата постигна историски најниска стапка на невработеност во јуни 2019 од 17,8%, како и највисока годишна стапка на директни странски инвестиции во износ од 624,5 милиони евра за 2018 година.

За време на својот двегодишен мандат, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, во земјата и во странство, оствари средби со најголемите и највлијателни светски лидери, а за своите успеси на политички план, заедно со премиерот Алексис Ципрас, ги доби највисоките признанија како што се наградата „Еван Фон Клајст”, што ја доделува Минхенската конференција за безбедност и наградата “Emerging Europe” за најдобри практики во промоцијата на соработката, единството, инклузијата, разноличноста и позитивното размислување.

Премиерот Заев, заедно со неговиот колега Ципрас, во 2019 година ја доби и официјалната номинација за Нобеловата награда за мир.

Од јануари 2020 година се повлекува од премиерската позција согласно законски утврдениот модел на пржинската Влада.

Љупчо Николовски – вицепремиер за борба против корупција 

Роден е на 20 август 1983 година, во Крива Паланка. Оженет.

Образование: Факултетска диплома на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, насока финансиско право – дипломиран правник со положен правосуден испит; Диплома за специјалист по политички менаџмент – Нов Бугарски универзитет, бугарски факултет за политики и совет на Европа, Овластен претставник за заштита на права на индустриска сопственост пред Државниот завод за индустриска сопственост 2012; Правен факултет „Јустинијан Први” при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје – магистрант на магистерски студии на Програмата за административно право и јавна администрација.

Од 4 август 2020 година – Пратеник во Собранието на Република Македонија; јули 2019 – Генерален секретар на СДСМ; Јуни 2017 министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на Република Македонија; Декември 2016 година – мандат за пратеник во Собранието на Република Македонија; 15 Ноември – 30 Декември 2016 – дополнителен заменик министер во МЗШВ на Република  Македонија; Февруари 2014 година – Шеф на кабинет на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, 2013 година – Сопствена адвокатска канцеларија; Мај 2009 – 2011 година консултант и секретар за корпоративно управување во Институт за директори – Скопје; Консултант во AAG, Analysis and Advisory Group со фокус на човечки ресурси и деловно право, ЕУ фондови и финансирање; 2007 – мај 2008 година, приправник во адвокатска канцеларија „Марковска и Андревски” од Скопје.

Член на Унијата на правници на Република Македонија; Член на Македонската младинска унија на млади правници; Член на Македонската комора на правници; Ambassador of Knowledge – Life learning Academia – Organization for Certification and Professional Knowledge Process Management – Ljubljana, Slovenia.

Познавање на македонски (мајчин) јазик, англиски јазик, италијански јазик,  компјутерски програмски апликации Microsoft Office (“Semos education” Certificate)

Фатмир Бетиќи – вицепремиер за економски прашања 

Роден е на 26 октомври 1975 година. Оженет.

Образование: Диплома по бизнис Администрација, смер  Бизнис менаџмент (Еквивалент на мастер студии), на Универзитетот во Тирана, Албанија (1994-199). Од април 2018 година посебен советник за претседателот на Владата на Република Северна Македонија директно под надлежност на премиерот; Коресподенција  со министерствата, јавните  и правните организации на дневна основа во врска со мислењата и одлуките што произлегуваат од владините сесии, проекти, предлози, нови нацрт-закони итн.; Спроведување на истражувања и анализи за политики, стратегии и теми поврзани со економијата; Подготовка на професионални мислења, коментари и препораки, изготвување на брифингот материјали, извештаи  и други релевантни документи за владини седници; Член на Економскиот совет на Владата; Дел од Советот за економски реформи и одржлив развој – одговорен за подобрување на политиките во деловното опкружување. Од ноември 2017 до февруари 2018 година заменик директор на проект Allison lon – Проектен директор; Од јануари 2015 до април 2018 година Сениор експерт во компанијата Ко-План ДОО, Консултантска канцеларија; Од јуни 2017 до декември 2017 година Советник на Државниот ревизор во Државен ревизор на Косово; Од февруари 2012 до јуни 2013 и од септември 2015 до јуни 2017 година извршен директор на Стопанска комора на Северозападна Македонија; Од јуни 2015 до април 2016 година советник на државен секретар во Министерството за администрација на локалната самоуправа  во HELVETAS, Swiss Intercooperation; Од октомври 2014 до март 2015 година сениор експерт во ДЕЊТРА Центар, Скопје (Проект на УСАИД); Од јануари 2013 до април 2015 година клучен експерт (проект на ЕУ) на Косово во ESEP ltd, Шкотска; Од септември 2009 до ноември 2011 Експерт (проект на ЕУ) ИПА земјите корисници (Западен Балкан) во компанијата АТС – Австрија; Од декември 2007, септември – октомври 2008 и мај 2009 година обучувач/консултант  во BDPA, EWI and MDF, Босна и Херцеговина; Од јануари 2006 до септември 2009 година координатор на градење на капацитет / Сенор обучувач во Македонски центар за меѓународна соработка; Од април 2003 до јули 2004 програм координатор / обучувач во Македонски центар за меѓународна соработка; Од февруари до декември 2002 година раководител на подружница во  МЦМС – Канцеларија во Косово; Од ноември 1999 до февруари 2002 и од јануари 2003 до декември 2005 година в.д. раководител на Одделение / обучувач во МЦМС.

Претходно членство во различни тела: Член на Совет за унапредување и супервизија на ревизијата во Република Македонија, септември 2012 – септември 2013; Член на Управен одбор на „Институтот на директори” – Скопје од неговото создавање до 2013 година; Претседател на Управниот одбор на Иницијативата за развој на капацитетите во АСР Женева.

Други вештини: Познавање на албански (мајчин) јазик, македонски јазик, англиски јазик, германски јазик, српски јазик, хрватски јазик.

Артан Груби – прв вицепремиер и министер за политички систем

Роден на 7 јуни 1977 година во Скопје. Оженет, татко на три деца.

Образование: Основно и средно образование заврши во Скопје, додека со високо образование се стекнал на Правниот факултет „Јустинијан Први” со звање дипломиран новинар.

Постипломските студии по медиуми и комуникации ги заврши на Правниот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј” во Скопје на тема: „улогата на новите медиуми во транзициони општества”;

Докторант е на Државниот Универзитет во Тирана, на Факултетот за социјални науки – политички науки, и е пред одбрана на трудот на тема: „Улогата на медиумите во граѓанското учество во политчко-општествени промени”.

На Државниот универзитет во Тетово предава на Факултетот по новинарство по предметите „Теории на Комуникации”, „Медиумите и Конфликтите”, „Интерперсонална комуникација” и „Односи со јавност”.

На парламентарните избори во 2014 година беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија.

Беше реизбран за пратеник во Собранието на Република Македонија на парламентарните избори 2016 година.

Претходно, има 14-годишно искуство со меѓународни организации во Македонија, Црна Гора, Албанија, Холандија и Косово при Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, НАТО, Хашки трибунал и американски агенции за помош со разни оперативни задачи.

Други вештини: Одлично познавање на албански (мајчин) јазик, англиски јазик, македонски јазик, познавање на француски јазик и основно познавање на холандски јазик, како и јазиците на земјите во регионот.

Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања 

Никола Димитров е министер за надворешни работи на Република Северна Македонија од 1 јуни 2017 година. Тој е роден во Скопје, во 1972 година.

Како професионален дипломат од 1996 година, тој има богата дипломатска кариера. Беше Заменик министер за надворешни работи на Република Македонија во 2000 година, како и вонреден и ополномоштен амбасадор во САД (2001-2006) и Кралство Холандија и постојан претставник при Организацијата за забрана на хемиско оружје (2009-2014).

Во периодот помеѓу 2003 до 2008 година, министерот Димитров беше Специјален пратеник во разговорите со Грција, за надминување на разликата околу името, под покровителство на Обединетите Нации. Тој беше и Ко-застапник на Република Македонија во случајот против Грција пред Меѓународниот суд на правдата (Примена на Времената спогодба од 1995 година) (2008-2011).

Меѓу поважните професионални ангажмани се вбројуваат и позициите: Национален координатор за интеграција во НАТО (2006-2009), Специјален пратеник на Владата за европски и евроатлантски интеграции во Брисел, Кралство Белгија (2007-2008) како и Советник за национална безбедност на Претседателот (2000-2001).

Други професионални ангажмани на министерот Димитров се: Истакнат член на Хашкиот институт за глобална правда, Хаг, Холандија (2014-2017), Член на Постојаниот суд за арбитража, Хаг, Холандија (од 2011), Член на Советодавниот одбор, ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии (од  2016), Член на Балканот во Европа, Советодавна група за политики, Европски фонд за Балканот и Центар за ЈИЕ студии при Универзитетот во Грац, Австрија и член на Управниот одбор, Фондација за интегрирано образование (од 2015), како и демонстратор на Правниот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” по Меѓународно јавно право и Меѓународно право за правата на човекот (1996-200).

Министерот Никола Димитров во 1998 година станува магистер по правни науки на Универзитетот во Кембриџ, Обединетото Кралство. Во 1996 година дипломира на Правниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Никола Димитров е добитник на наградата „26 јули” на Фондација „Франк Манинг”. Во 2012 година посетува професионална обука, Џон Ф. Кенеди Факултетот за администрација при Универзитетот Харвард.

Радмила Шекеринска – министер за одбрана 

Родена е на 10 јуни 1972 година, во Скопје.

Магистрира на престижната школа за дипломатија и право „Флечер” во САД во 2007 година и се стекнува со називот Магистер по меѓународни односи. Дипломирала на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 1995 година. На почетокот на својата работна кариера од 1997 до 2002 година работи како асистент на Електротехничкиот факултет.

На 31 мај 2017 година е избрана за Министер за одбрана на Република Северна Македонија. На првата седница на Владата, на 5 јуни 2017 е избрана и за Потпретседател во Владата на Република Северна Македонија.

Претставник на граѓаните на Република Северна Македонија во законодавниот дом во рок од четири мандати мандати. Раководител со Националниот совет за европски интегации од  основањето во 2008  до 2014.

Во 2009 и 2012 е избрана за Шеф на набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и парламентарни избори во Киргистан и во Ерменија.

Во 2008 година беше избрана за еден од потпретседателите на Социјалистичката интернационала (СИ), функција што ја обавуваше до 2011 година. Член е на Претседателството на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) која ги обединува социјалдемократските, социјалистички и лабуристички партии во Европа.

Во 2002 година до 2006 година е Заменик претседател на Владата, задолжен за европска интегација и координатор за странска помош. Во тоа својство ја подготви кандидатурата на нашата држава за членство во Европската унија и го раководеше процесот на внатрешни подготовки за обезбедување на кандидатскиот статус. Во тоа време, државата го доби статусот на земја кандидат за членство во Европската унија.

На 5 ноември 2006 година е избрана за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Република Македонија до 2008 година. Со тоа станува единствената жена која досега раководела со една од големите политички партии во Република Северна Македонија.

Шекеринска е добитник на наградата Млад глобален лидер, која ја доделува Светскиот економски форум. Наградата беше доделена за нејзиниот ангажман и посветеност на полето на европските интеграции на Западниот Балкан.

Членува на групата Munich Young Leaders формирана во рамките на Минхенската конференција за безбедност (Munich Security Conference). Беше членка на Европскиот Стратешки Форум, на Советодавниот одбор на проектот Schengen White List  и на Советот на Institute for Cultural Diplomacy.

Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи 

Оливер Спасовски е роден на 21.10.1976 година во Куманово, оженет е и е татко на две деца. Тој е дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Спасовски својата професионална кариера ја зпаочнува како адвокатски приправник. Од 2001 до 2005 работи како советник на градоначалникот на Општина Куманово, а од 2008 до 2011 година работи како секретар на Општина Куманово.

Во периодот од 2006 до 2008, од 2011 до 2014, и од 2016 до 2017 година, Спасовски бил пратеник во Собранието на Република Македонија.

Оливер Спасовски ја извршуваше функцијата прв човек во Министерството за внатрешни работи во три наврати. Првиот пат од 11.11.2015 година до 18.05.2016 година и вториот пат од 02.09.2016 година до 29.12.2016 година, како и од 31 мај 2017 година по трет пат е избран за министер за внатрешни работи.

На 3.01.2020 е избран за претседател на преодната Влада, а на изборите на 15 јули за пратеник во Собранието.

Бујар Османи – министер за надворешни работи 

Бујар Османи е роден на 11 септември 1979 во Скопје. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година. Дел од својата специјализација по хепато-билио-панкреатична хирургија ја заврши во Лондон, Обединетото Кралство во периодот 2006-2007 година, додека од 2012 година се стекнува со звање специјалист хирург. Од 2014 е докторант на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје.

Своето работно искуство го започнал во 2004 година како доктор на медицина на Универзитетската клиника за хируршки болести „св.Наум Охридски„ во Скопје. Истата година држел предавања во средното медицинско училиште „Др.Панче Караџозов” во Скопје. Во 2008 година е назначен како министер за здравство на Република Македонија и таа функција ја извршува се до 2011 година. Од 2011 година е Специјалист хирург во Универзитетска Клиника за Дигестивна хирургија – Скопје. Во 2011 исто така е назначен за Секретар за комуникација со јавност при претседателството на Демократската Унија за Интеграција. од јуни 2017 година е назначен како заменик претседател на Влада задолжен за европски прашања.

Како заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања го координираше процесот на пристапување кон ЕУ и е Национален ИПА координатор.

За време на КОВИД кризата е главен координатор на локалните кризни штабови и кризниот штаб на Град Скопје.

Бујар Османи е оженет, татко на две деца. Зборува албански (мајчин јазик), македонски, англиски и делумно француски јазик.

Венко Филипче – министер за здравство 

Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 2001 година, а во 2008 ја завршил специјализацијата по неврохирургија.

Д-р Венко Филипче ја вршеше функцијата министер за здравство во изминатите три години, а таа функција беше именуван од позицијата советник за здравство на премиерот Зоран Заев и од професионалната позиција Доцент на медицинскиот факултет во Скопје.

Избран е за асистент на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година.

Магистериумот по неврохирургија го одбранил во 2011 година, а докторската дисертација во 2015 година.

Во 2017 е избран за доцент на Медицинскиот факултет.

Во текот на својата работа се усовршувал во неврохируршки центри во Грац, Белград, Дејтон, Колумбус, Истанбул, Цирих.

Во 2012 година завршува fellowship по интервентна неврорадиологија со што станува првиот неврохирург во Македонија и околните земји кој ја основа хибридната неврохирургија на матичната клиниката во Скопје.

Свои публикации има објавено во повеќе домашни и странски списанија во областа на неврохирургијата.

Филипче е и секретар на Македонското неврохируршко здружение како и член на извршниот комитет на Здружението на неврохирурзи на Југоисточна Европа, а во 2016 бил организатор на Македонско-јапонската невроваскуларна конференција.

Крешник Бектеши – министер за економија 

Во 2008 година дипломира на Колеџот за менаџмент со развој за применети науки и технологијa (менаџмент и бизнис администрација) на Институтот за технологија во Рочестер, а во 2009 година се стекнува титулата Магистер по менаџмент и стратегија (логистика и управување со снабдувачки синџири) на Универзитетот Шефилд.

Од 2011 до 2016 година работи како раководител на Меѓународната канцеларија на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија во Брисел (Белгија), на промовирање на бизнис климата на Северна Македонија и на привлекување на странски директни инвестиции од Белгија.

Во рамките на работната позиција учествува и во помагање на компаниите од Белгија и Северна Македонија во остварување на заедничка деловна соработка, како и во истражување на пазарот на Белгија, и организирање на B2B и B2G состаноци, бизнис форуми, семинари.

Од 1 јули 2016 до 31 декември истата година, како раководител на Меѓународната канцеларија на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија, работи како промотор на бизнисот на Република Северна Македонија во Берн, Швајцарија, и е задолжен за соработката со Стопанската комора на Швајцарија.

На функцијата министер за економија е од 1 јули 2017 година.

Бојан Маричиќ – министер за правда

Бојан Маричиќ е роден на 7 јануари 1983 година во Скопје. Оженет, татко на две деца.

Образование: 2010-2011 – Магистер во Современи европски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Обединетото Кралство, со целосна стипендија доделена од Чивнинг програмата на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство;

2008-2009 – Магистер во меѓународно и европско право на Универзитетот во Амстердам, Кралството Холандија, со целосна стипендија од МТЕК програмата на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија;

2001-2006 – Дипломиран правник (отсек меѓународно право) на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје.

Професионално искуствојануари 2020 – во тек – Национален координатор за интеграција во Европската унија, Берлинскиот процес и регионална соработка, Влада на Република Северна Македонија;

Јули 2018 – во тек – Заменик на главниот политички преговарач, Главен технички преговарач и Шеф на техничкиот преговарачки тим за пристапување на Република Северна Македонија кон Европската унија, Влада на Република Северна Македонија;

Јули 2017 – во тек – Национален шерпас за Берлински процес, Влада на Република Северна Македонија;

Јуни 2017 – јануари 2020 – Посебен советник за евроатлантски интеграции на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Влада на Република Северна Македонија;

Ноември 2013 – Јуни – 2017 – Извршен директор на Евротинк – Центар за европски стратегии, водечка граѓанска организација за истражување, обуки и мониторинг на пристапувањето на Република Македонија во ЕУ;

Октомври 2012 – Октомври 2013 – Истражувачки асистент на Фулбрајт проект на професорот Кит Браун од Браун Универзитет, САД;

Септември 2011 – Ноември 2013 – Виш истражувач за правни и политички прашања во Евротинк – Центар за европски стратегии, водечка граѓанска организација за истражување, обуки и мониторинг на пристапувањето на Република Македонија во ЕУ;

Септември 2009 – Септември 2019 – Проектен координатор и аналитичар во првната програма, програмата за јавна администрација и ЕУ програмите во Фондацијата отворено општество – Македонија;

Февруари 2007 – Август 2008 – Проектен асистент на проект за приближување на европското законодавство во Секторот за правни и кадровски работи на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија;

Ноември 2006 – Септември 2008 – Демонстратор по Право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје.

Други активности: Бројни (преку 20) академски и аналитички публикации во областа на ЕУ интеграциите на Северна Македонија и Западен Балкан во ЕУ:

Консултантски услуги за проектен циклус, пишување проектни апликации, менаџирање на промени, реформи, стратешко планирање, застапување и лобирање и комуникациски стратегии на граѓански организации и јавни институции;

Долгогодишно предавачко искуство на обуки, академски предавања за ЕУ прашања, јавно говорење, аргументација и дебата и формулирање на јавни политички и застапување;

Долгогодишно искуство за анализи и истражувања за меѓународни организации и домашни политички и граѓански фактори.

Највисоко ниво на познавање на македонски јазик (мајчин), српски јазик, хрватски јазик, англиски јазик. Основно ниво на познавање на француски јазик, руски јазик, бугарски јазик.

Фатмир Бесими – министер за финансии 

Роден на 18 ноември 1975 година.  Оженет, има едно дете.

Образование: Доктор по економија на Универзитетот „Стафордшир”, Стоук-он Трент, Обединето Кралство: Теза на истражување „Монетарна и девизна политика на курсот во Република Македонија за време на процесот на пристапување кон Европската унија”, (2003-2007); постдипломски студии MPhil по економија на Универзитетот Стафордшир”, Стоук-он Трент, Обединето Кралство (2000-2002); Економски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Отсек економија, Смер финансии и банкарство (1994-1998);

Извршно образование: Транформациско лидерство, Универзитет Оксфорд, Обединето Кралство (во соработка со Светскиот економски форум, Форум за млади лидери), јули 2014; Основи за лидерство на 21 век: Вредности, Институт за глобални работи, Универзитет Јеил, Њу Хевен, Конектикат, САД (во соработка со Светскиот економски форум, Форум за млади лидери), октомври 2012 година; Глобално лидерство и јавна политика на 21 век, Извршна програма за образование, Кенеди школа за Влада, Универзитет Харвард, Кембриџ, МА, СД (во соработка со Светскиот економски форум, Форум за млади лидери), март 2010 година; Програма за лидерство за одржлив развој, Светска банка и Кембриџ Универзитет и PricewatherhouseCoopers, Кембриџ, Обединето Кралство, ноември 2008 година.

Работно искуство и професионални надлежности: Вонреден професор, Факултет за бизнис и економија, Универзитет на ЈИЕ – Скопје, од септември 2016 година; Извршен директор на ECONNOVIA, Друштво за консалтинг и истражување (април – август 2020 година).

Владини и јавни функции: Заменик претседател на ВРМ задолжен за економски прашања (јуни 2014 – март 2016 година); Заменик претседател на ВРМ задолжен за економски прашања (март 2013 – мај 2014); Министер за одбрана во Владата на РМ (јули 2011 – февруари 2013 година); Министер за економија во Владата на РМ (август 2008 – јули 2011 година); Министер за економија во Владата на РМ (декември 2004 – јули 2006 година), Вицегувернер на Народна банка на Република Македонија (август 2003 – ноември 2004 година); Дикретор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги Македонија, Р. Македонија (ноември 2002 – август 2003 година).

Други вештини: познавање на албански (мајчин) јазик, македонски јазик, англиски јазик, хрватски јазик и основно познавање на германски јазик.

Арјанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство 

Роден на 18 октомври 1986 година, во Ресен.

Образование: Дипломиран на Факултетот за Бизнис администрација на Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово, 2008 година.

Основач и управител на приватна компанија од 2009 година; во 2018 година избран за генерален секретар на политичката партија Движење БЕСА.

Ноември 2003 – Април 2004, координатор на проект поддржан од ОБСЕ; Октомври 2005 – Септември 2006, Член на Европскиот член на Европскиот младински парламент; Април 2010 – Мај 2010, Дел од Меѓународната програма за посета на САД – “IVLP European Young Leaders”

Други вештини: Албански (мајчин) јазик, англиски јазик.

Јагода Шахпаска – министер за труд и социјална политика 

Родена  на 18 март 1964 година, во с. Тепавци, Битола.  Мажена, мајка на две деца

Јагода Шахпаска е избрана за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија на предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули 2020 година. Ова и е трет пратенички мандат.

ОбразованиеСпецијализација по интерна медицина на Медицински факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, 2003-2007 година; Едукација за абдоминална ултрасонографија на Универзитетот „Ѓорѓи” – Пловдив, Република Бугарија, 2007 година, Едукација за ехокардиографија на Универзитетот „Св. Ѓорѓи” – Пловдив, Република Бугарија, 2007 година; Медицински факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, 1982-1988 година.

Професионална кариера: Специјалист по интерна медицина во ЈЗУ Здравствен дом – Пехчево, 2007-2014 година, Лекар по општа пракса во Итна медицинска помош во ЈЗУ Здравствен дом – Пехчево, 1992-2003 година; Републички здравствен и санитарен инспектор за Општина Делчево и Македонска Каменица, 1991-1992 година.

Политичка кариера: Пратеник во Собрание на РСМ во периодот од 2016-2020 година, во овој мандат беше: Заменик претседател на Комисија за здравство, член на Комисија за труд и социјална политика; Член на Комисија за европски прашања; Член на Комисија за надворешна политика; Заменик член на Комисијата за еднакви можности; Шеф на Парламентарната група на Собрание на РСМ за соработка со чешкиот Парламент, Член на Делегацијата на ПС на ОБСЕ; Член на Slik roud group на ПС на ОБСЕ; Член на Парламентарна група за соработка со германскиот Бундестаг; Член на Парламентарна група за соработка со Парламентот на НР Кина; Член на Парламентарна група за соработка со Парламентот на Ирска; Заменик претседател на ИППГ на Лица со посебни способности; Член на ИППГ за правата на ЛГБТИ лица; Член на ИППГ група за ХИВ/СИДА; Престој во германскиот Бундестаг преку Гостинска програма за пртеници од земји на Западен Балкан, јуни 2018 година. Беше пратеник во Собранието на РМ и во периодот од 2014-2016 година. Во периодот од 2009 до 2013 година беше член на Советот на Општина Берово, кога беше и координатор на советничката група на СДСМ.

Познавање на македонски (мајчин) јазик, англиски јазик.

Ирена Стефоска – министер за култура 

Образование: Редовен професор во Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје; Дипломирала на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје (1991); Магистрирала на Централно Европскиот универзитет во Будимпешта (1994) и на Филозофскиот факултет во Белград (2001); Докторирала на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје (2007); Добитник е на Фулбрајтовата стипендија, професор истражувач на Универзитетот Браун во САД (2009-2010), и на стипендијата на Фондацијата Robert Bosch, на програмата Historical Dialogue and Accountability на Универзитетот Колумбија (зимски семестар 2012). Алумна на „Георг Екарт Институтот” во Брауншвајг, Германија, водечка институција во светот за истражување на учебници по историја, географија и мајчин јазик. Член на меѓународната мрежа / Aliance for Historical Dialogue and Accountability, при Институтот за човекови права на Универзитетот Колумбија во Њујорк од 2012 година; Носител и учесник во меѓународни и национални проекти и публикации поврзани со феноменот на нациите и национализмите на Балканот со историските и политичките мотиви на Балканот, со наставата по историја и културите во регионот, а во насока на педагогија и култура на мирот. Остварила истражувачки претстои, и предавања на еминентни универзитети во Европа и САД, меѓу кои на Хумболтовиот универзитет во Берлин, на Универзитетот во Чикаго, на Универзитетот Урбана – Илиноис, на Универзитетот Колумбија во Њујорк, во Центарот Вудро Вилсон во Вашингтон, на универзитетите во Регенебург, Грац, Белград, Софија и др.; Објавувала во земјите и во странство; Преведувала стручна литература и белетристика од англиски, српски, латински и бугарски јазик. Била пратени во Собранието на РС Македонија (2016-2020), каде претседавала со Комисијата за култура, и со групата за соработка со грчкиот Парламент.

Познавање на македонски (мајчин) јазик, англиски јазик, српски јазик, хрватски јазик и бугарски јазик, а се служи со грчки јазик и има пасивно познавање на францускиот јазик.

Јетон Шаќири – министер за информатичко општетсво и администрација 

Роден на 17 март 1987 година, во Струга.

Образование: Од 1 септември 2008 година е професор по економски науки – Факултет за економски науки, Меѓународен универзитет во Струга; Од 1 септември 2009 до јуни 2018 година Меѓународен универзитет во Сгруга, Директор на Додипломски и Последипломски студии, Од јуни 2018 до декември 2019 година директор на МЈП „Проаква” – Струга, Јануари 2020 – во тек, директор на ЈП „Водовод и Канализација3 – Струга. Дипломирал на Економски науки, Државен универзитет на Тетово, Тетово (2005-2008); Магистер по  економски науки Меѓународен универзитет во Струга – Бизнис економија, магистер по економски науки – 27 јули 2010, Доктор по економски науки – Универзитет на Тирана, Економски факултет – 16 септември 2016 година.

Други искуства: Октомври 2003 – Training – Vienna Inscurance Group, Hotel Sileks Ohrid; Април 2004 – OBSE project „Together” in Struga, Септември 2010 – Обука за компјутерски науки организирана од Секторот за технологија – Скопје; Април 2012 – учесник на тркалезна маса во организација на Општина Прешево; Ноември 2012 – Учесник на економска сесија, лидер во Универзитетот во Валона на симпозиумот организиран за 100-годишнината на албанската независност; Април 2015 – Обука од Народна банка на Р Македонија организирана од гувернерот Димитар Богов, обука за млади банкари; Декември 2017 – член на Управен одбор на ЈП Комунално – Струга; Претседател на огранок Струга 2 на ДУИ, Член на Генералниот совет на ДУИ, Член на Претседателството на ДУИ, огранок Струга.

Познавање на албански (мајчин) јазик  MS Word, Excel, Powerpoint.

Благој Бочварски – министер за транспорт и врски 

Роден е на 9 јануари 1985 година, во Штип.

Образование: Основно и средно образование завршува во Штип. Дипломира на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје. Член е на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија До 2013 година е член на Извршниот одбор на СДСМ, а е реизбран во 2017 година; Од 2017 до 2019 година дополнително ја извршува функцијата потпретседател на СДСМ; Во 2014 година е избран за претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ; Од 2011 година работи во градежната компанија Пелагонија – Инженергинг – Штип како дипломиран инженер архитект; Работи на проектирње и изградба на објекти. Најпрво работи како стручен соработник, а потоа добива овластувања за проектирање и изведба на објекти од Комората на овласти инженери и архитекти; На парламентарните избори во 2016 година е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија како втор на листата во ИЕ 3, Пратеничката функција ја извршува се до изборот за градоначалник на Општина Штип во ноември 2017 година; На локалните избори во 2017 година беше избран за градоначалник на Општина Штип, а на 3 ноември стапи на функцијата; Потоа како градоначалник е избран за член на УО на ЗЕЛС; Во текот на мандатот е избран за копретседавач на Заедничкиот консултативен комитет на Северна Македонија со ЕУ; Во рамки на ЗЕЛС е избран за претседател на Комисија за урбанизам; Од 2019 година ја извршува функцијата претседател на Источно планскиот регион; од 2018 до 2020 година учествува на седум конференции како дел од проектот “Future of Europe reload” како градоначалник на Општина Штип заедно со уште шест општини од ЕУ.

Познавање на македонски (мајчин) јазик, англиски јазик, ги  познава програмите Auto Cad и Archi Cad, има сертификат за користење на програмот 3DS Max.

Насер Нудерини – министер за животна средина и просторно планирање

Насер Нуредини е роден во Тетово во 1979 година.

Основното образование го завршил во земјава, а потоа се школувал во Австрија, Германија и Велика Британија. Има и австриско државјанство. Оженет е и татко на едно дете. Работел како аналитичар во B.P Invest consult, во Виена и во Caib International markets Ltd. во Лондон, во Уникредит банка во Лондон, како директор за инвестиции за листирани финансиски компании и недвижности во Источна Европа, независен советник за М&A.

Како аналитичар учествувал во приватизација со инвестиции и советодавни активности за владите во Југоисточна Европа. Се занимавал и со хуманитарна дејност, а имал и уметнички изложби.

Зборува англиски, германски и италијански.

Мила Царовска – министер за образование и наука 

Родена е во 1984 година. Дипломирала на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на Институтот за социјална работа и социјална политика.

Mила Царовска е именувана за заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори на 4-ти јануари 2020 година, а претходно во периодот од 1-ви јуни 2017 година до 3-ти јануари 2020 година ја извршуваше функцијата министерка за труд и социјална политика.

Во својата професионална карира се стекнала со повеќегодишно искуство од областа на социјалната работа, меѓу кои и како фасилитатор во драмски работилници со деца сместени во институции, фасилитирање на едукативни работилници, СОС оператор и супервизор за консултации за корисници на дрога и нивните семејства, како и соработник на институциите за лечење на корисници на дрога, социјален работник на терен, советник за пред/пост тест за ХИВ/СИДА и истражувач на терен.

Мила Царовска беше специјален советник во кабинетот на министерката за труд и социјала Фросина Ременски.

Како докажан професионалец во својата област на делување, Царовска својата професионална кариера и доозбразование ги гради низ годините на бројни работни позиции и искуства кои вклучуваат директна комуникација со општествено ранливи и социјално загрозени категории на граѓани. Нејзиното менаџерско учество во десеттици проекти од сферите на социјалната политика, опфаќаат различни категории граѓани како Роми, млади, зависници и покрива теми како што се домашното насилство, сексуални права, образование на ранливите групи итн.

Поради своето богато работно искуство, Царовска е ангажирана во дванаесетина  домашни и меѓународни организации како експерт од својата област.

Царовска поради својата посветеност на  социјалната работа се здобива и со повеќе од 24 сертификати од домашни и меѓународни институции, како доказ за нејзината посветеност и преданост на проблематиката од социјалната сфера.

Горан Милевски – министер за локална самоуправа

Горан Милевски е роден во Битола во 1978 година. Член е на Либерално-демократската партија од 1995 година, а од 2015 година е претседател на ЛДП. Тој е дипломиран економист со насока на меѓународна економија. Магистер е по Бизнис администрација МБА – Менаџмент на Економскиот факултет во Прилеп. Во 2016 година е избран за пратеник во Собранието на Реублика Македонија. Бил копретседател на Мешовитиот парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација МК-ЕУ, претседател на Пратеничката група на Собранието со Парламентот на Кралството Данска.

Пратеничката функција ја извршувал и од 2014 до 2016 година. Од 2004 до 2014 бил наставник во Средното општинско економско училиште „Јане Сандански” – Битола по економски предмети. Во периодот од 2009 до 2013 година е избран за советник во Советот на општина Битола, како член на коалициона листа.

Од 2005 до 2009 година е избран за советник во Советот на општина Битола, како носител на листата на ЛДП. Од странски јазици го познава англискиот јазик.

The post Биографии на министри во новата Влада appeared first on Слободен печат.


Биографии на министри во новата Влада was first posted on август 31, 2020 at 7:27 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....