На денот кога бројот на лицата починати од ковид-19 ја надмина границата од 1 милион, нова надеж во борбата со пандемијата дава најавата за масовна глобална дистрибуција на десетици милиони брзи и евтини тестови, кои можат за само неколку минути да дадат резултати за инфекција.
Светската здравствена организација објави дека со финансиска помош од Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс ќе бидат обезбедени 120 милиони брзи дијагностички тестови за земјите со низок и среден приход, кои се и најзагрозени од пандемијата бидејќи немаат добро развиени здравствени системи ниту имаат доволно лекари, медицински лица и лаборатории. СЗО склучила договор со производителот на брзите тестови да достават вкупно 120 милиони во рок од шест месеци, по цена од 5 долари за еден тест.
СЗО тврди дека ваквата иницијатива ќе биде „голема офанзива“ во глобалната битка со вирусот.
Брзите резултати од новите тестови, кои се очекува да бидат готови за дваесетина минути, ќе им помогнат на земјите поефикасно да го следат ширењето на вирусот и ќе им даде време да ги изолираат кластерите на заразата пред да излезат од контрола. Во земјите со густо населени населби и со висока стапка на инфекција, како Индија и Мексико, на пример, чекањето на резултати од тестовите спречува поенергична акција за пронаоѓање и изолирање на сомнителните случаи, со што се запира ширењето на заразата.
– Новите преносни тестови, кои се едноставни за користење, ќе даваат резултати за 15 до 30 минути, наместо да се чека со часови или со денови – изјави директорот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Тој појасни дека договорот што го постигнале Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс со фармацевтските компании „Ебот“ и „СД биозензор“ опфаќа производство на 120 милиони тестови за 133 земји, претежно во Латинска Америка, која е најтешко погоден регион од пандемијата според стапките на пренесување на заразата и на смртност на инфицираните лица.
– Ова ќе биде витална помош за нивниот капацитет за тестирање, а особено важно во регионите со висока трансмисија. Ова ќе го зголеми капацитетот на тестирање во потешко пристапните реони во кои нема лаборатории и нема доволен број обучени медицински лица за да ги спроведуваат тестирањата – изјави шефот на СЗО.
Новите брзи тестови прилегаат на тестовите за бременост и кај позитивните случаи прикажуваат две сини линии. СЗО по итна постапка веќе одобри користење на тестовите од јужноафриканскиот производител „СД биосензор“, а се очекува набрзо да ги одобри и од американската компанија „Ебот“. И двете компании тврдат дека тестовите даваат резултати со прецизност од околу 97 отсто во оптимални услови, односно помеѓу 80 и 90 отсто во реални услови.
Ова ќе биде од огромна помош за сиромашните земји, кои не беа во позиција да се натпреваруваат со богатите при набавката на денес распространетите ПЦР-тестови. Додека во Северна Америка денес се прават по 395 теста на 100.000 жители, а во Европа по 243, во Африка се прават по едвај 16 тестирања на 100.000 жители, а просекот значително го креваат Мароко, Кенија и Сенегал.
Секако дека огромно количество од брзите тестови, веројатно околу 80 отсто од производството, ќе завршат кај богатите земји што имаат пристап до Иницијативата за глобални алатки за ковид-19, договорена во март годинава од СЗО, Европската комисија, Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс и од владата на Франција. Но, набавката на 120 милиони тестови за сиромашните земји обезбедува глобална, а не регионална битка со глобалната закана.
Изнаоѓање брзи и ефикасни тестови е основа и за амбициозниот план „Муншот“ на британскиот премиер Борис Џонсон, кој сѐ уште не е официјално објавен, а кој според протечените детали од содржината предвидува и по десетина милиони тестирања на ден, за да се овозможи враќање кон нормалниот живот, се до пронаоѓање и дистрибуција на ефикасна вакцина. Планот „Муншот“ опфаќа зачестено, речиси секојдневно тестирање на ученици, вработени и на посетители на спортски и културни активности, за да се обезбеди нормално одвивање на наставата, работните процеси, натпреварите и манифестациите.
Клуге: Сѐ уште не се знае дали коронавирусот настанал по природен пат
Светската здравствена организација се уште нема целосни податоци за потеклото за новиот коронавирус и не знае дали тој се проширил по природен пат или „избегал од лабораторија“, изјави регионалниот директор за Европа, Ханс Хенри Клуге.
Тој додаде дека потеклото на вирусот го проучуваат кинески научници, а СЗО само им асистира во истражувањето.
– Тоа е многу важно да го дознаеме, но не можам да кажам ништо повеќе, бидејќи не сакам да го загрозам овој многу важен процес. Најважно е дека ние сме дел од тоа – рече Клуге.
Експертот на СЗО смета дека е прашање на време кога ќе се појави нова пандемија.
– И оваа ја предвидовме, но повторно нѐ затекна неподготвени. Нова пандемија секако ќе има, но сите ние треба подобро да бидеме подготвени за неа – изјави Клуге.
Децата имаат 44 отсто помали шанси да се заразат
Децата имаат 44 проценти помали шанси да се заразат со новиот коронавирус отколку возрасните, покажуваат резултатите од ново истражување на научен тим предводен од претседателот на британскиот Кралски колеџ за педијатрија и здравје на децата.
Со мета-анализа на 32 досегашни студии било заклучено дека децата и младите имаат значително помали шанси да развијат секундарна инфекција со вирусот отколку луѓето постари од 20 години.
The post Бил Гејтс и СЗО обезбедија 120 милиони брзи тестови за ковид-19 за најзагрозените appeared first on Слободен печат.
Бил Гејтс и СЗО обезбедија 120 милиони брзи тестови за ковид-19 за најзагрозените was first posted on септември 30, 2020 at 8:07 am.