Подтотвени сме за најголемата финансиска криза за оваа генерација, истакна новиот министер за финансии Фатмир Бесими, на денешната прва прес-конференција откако седна во министерското столче. Тој додаде дека нема да биде лесно поради сериозноста на состојбата и големата неизвесност од корона епидемијата.
Бесими најави дека ќе се заложи за враќање на патот на економски раст и отворање нови работни места.
– Неизвесноста е голема, има пад од 12,7% на БДП до крајот на вториот квартал од годинава, а јавниот долг е искачен на 59,5%. Сепак, граѓаните ќе бидат заштитени, бидејќи имаме нови мерки за одржлив раст, изјави Бесими.
Министерот додаде дека силите ќе бидат насочени кон намалување на ударот од кризата.
– Ќе работиме да ја вратиме економијата на раст од 4%, како и на обезбедување повисока просечна плата за 20 до 30% од моменталната. Ќе се заложиме да не расте невработеноста, напротив ќе ја намалуваме за 3% на годишно ниво, подвлече првиот човек на Министерството за финансии.
Бесими најави и изработка на нов Закон за ДДВ, со кој ќе им се дадат бенефиции на извозно ориентираните компании и поактивно привлекување странски директни инвестиции.
The post Бесими: Нема да биде лесно, ќе работиме да ја вратиме економијата на раст од 4% appeared first on Слободен печат.
Бесими: Нема да биде лесно, ќе работиме да ја вратиме економијата на раст од 4% was first posted on септември 16, 2020 at 11:40 am.