Ерменија и Азербејџан објавија воена состојба на своите граници околу спорниот регион Нагорно – Карабах. Двете земји се во децениски спор за регионот, а до 1994 беа и во отворена војна. Веќе 26 години таму владее примирје кое е контролирано од ОБСЕ. Но доколку дојде до отворена војна, со какви сили располагаат двете држави и каква е состојбата на вооружените сили на Ереван и Баку.
Номинално, Азербејџан има поголема територија и поголем БДП од Ерменија со 39 милијарди долари наспроти 11 милијарди. Земјата има10 милиони жители наспроти 3 милиони во Ерменија и 150 илјади жители во Нагорно – Карабах. Воениот буџет на Азербејџан изнесува една милијарда и 550 милиони долари, наспроти 430 милиони долари колку што за одбрана издвојува Ерменија.
Број на војници
Азербејџан има 57 илјади војници, од кои две третини се воени обврзници, додека Ерменија има 42 илјади војници, но половина од нив се професионалци. Тука се додаваат и 15 илјади парамилитарни формации контролирани од Баку и 4 илјади од Ереван. Но своја војска има и спорниот регион Нагорно – Карабах кој пак себеси се нарекува Република Артсак, која не е признаена од ниедна земја, па ниту од Ерменија. Така „Република Артсак“ има 20 илјади војници, што не е бројка за занемарување. Но иако Ерменија не го признава „Артсак“, сепак Ерменската армија активно учествува во одбраната на регионот, што за Азербејџан преставува акт на окупација на земјата. Регионот на Нагорно – Карабах инаку има 11.400 квадратни километри, што е нешто помалку од територијата на Северна Македонија.
Оклопни средства
Кога ја споредуваме оклопната воена техника, Азербејџан има јасна предност во однос на бројките. Оружјето на двете земји е од руско производство, затоа нема да ги набројуваме поединечно производителите, освен кога се работи за техника кој не потекнува од бившиот Советски сојуз. Најголем адут на Баку се стоте тенка Т-90С кои се модернизирана верзија на моментално најдобриот руски тенк (не сметајќи ја новата платформа Армата која сеуште не е во целосна употреба). Азербејџан има и 244 Т-72 тенка, како и 55 постари Т-55 платформи, што вкупно значи 439 главни борбени тенкови за Азербејџан. Ерменија од друга страна не поседува Т-90 тенкови, земјата има вкупно 360 тенкови, од кои 101 Т-72, 8 Т-55, а армијата на „Артсак“ има 250 тенка Т-72. Треба да се каже и дека границата на двете земји е претежно планинска, што значи дека тенковите не би можеле да се употребуваат во масивни оклопни формации, туку како средства за подршка на пешадијата или како огнена артилериска подршка. Предноста кај оклопните транспортери и возилата за подршка на пешадијата е уште поизразена кај Азербејџан кој има 682 возила, наспроти 291 на Ерменија и 250 на „Артсак“.
Артилерија
Азербејџан поседува 735 артилериски орудија, од кои 87 се самоходни, додека Ерменија има 232 орудија од кои 38 се самоходна артилерија. Двете земји имаат десетици повеќецевни ракетни фрлачи аналогно со доктрината на руската (советска) армија. Со 230 артилериски орудија распоредени во Нагорно – Карабах, Ерменија постигнува релативна рамнотежа во артилериската пресметка. Треба да се спомене дека во насока на модернизација своите вооружени сили, Азербејџан има набавено повеќецевни ракетни фрлачи „Линкс“ од Израел, со што обезбедува одредена квалитативна предност во однос на Ерменското советско оружје.
Беспилотни летала
Во овој сегмент Азербејџан има голема предност, бидејќи земјата набави 30 дронови од Израелскиот „Елбит“, кои се сметаат за едни од најнапредните летала во тој сегмент. Ерменија од своја страна има 20 дронови од сопствено производство со послаб квалитет од својот непријател.
Воено воздухопловство и противвоздушна одбрана
До 2019 година Ерменија не поседуваше класични борбени авиони, но состојбата се смени со набавка на 4 руски ловци СУ-30СМ, кои се сметаат за едни од најнапредните летала од 4 генерација. Ереван располага и со 15 СУ-25 авиони, кои се бомбардери наменети за подршка на пешадијата, како и со 6 чешки тренери Л-39. Азербејџан поседува 18 класични ловци МИГ-29, 20 МИГ-25 и 12 Л-39. Во овој случај јасна е предноста на Азербејџан, покрај набавката на 4 СУ-30СМ од страна на Ерменија. Баку располага и со 25 хеликоптери од типовите МИ-24/35 додека Ереван располага со 15 МИ-24, и освен што има бројна надмоќ, хеликоптерите на Азербејџан се модернизирани варијанти.
Она што на Ерменија и недостасува во военото воздухопловство, земјата се обидува да го надомести со противвоздушната одбрана. Ереван располага со два модернизирани С-300 системи, како и со повеќе системи со среден и краток дострел. Азербејџан располага со два помодерни С-300 системи, како и со повеќе други системи од типот на БУК МБ-90, но со оглед на дефанзивната улога на овие оружја, веројатно е дека поупотребливи ќе бидат на ерменската страна.
Азербејџан на своите МИГ-29 имплементира турски крстосувачки ракети, со што значително ги подобри напаѓачките капацитети на авионите.
Двете страни имаат повеќе типови на балистички и крстосувачки ракети, но според топологијата на теренот се смета дека тие оружја имаат мала улога во овој воен судир.
Иако Азербејџан има одредена предност во воената техника, буџетот за одбрана како и човечкиот потенцијал за водење на војна, последниот конфликт кој траеше од 1988 до 1994 покажа дека било која страна не може да обезбеди значителна предност на теренот. Освен границата со Азербејџан, речиси целата територија на Ерменија се состои од тежок планински терен, и тој би бил голема пречка за речиси секоја армија на светот, а сигурно е дека вооружените сили на Азербејџан немаат капацитети за значителни продори во длабочината на ерменската територија. Доколку дојде до војна со посилен интензитет, веројатно е дека ќе се случи долга и спора кампања со многу човечки жртви на двете страни. Во Ерменија своја воена база има Русија, додека Турција се стави отворено на страната на Азербејџан и се закани дека воено ќе му помогне на Баку. Ова укажува дека со такви моќни сојузници на своја страна, ниту една земја не може да обезбеди значителна предност и дека после судирот кој економски би ги исцрпел двете страни, Ереван и Баку ќе мораат повторно да седнат на преговарачка маса.
The post АНАЛИЗА: Кој би победил во војната меѓу Азербејџан и Ерменија? appeared first on Слободен печат.
АНАЛИЗА: Кој би победил во војната меѓу Азербејџан и Ерменија? was first posted on септември 29, 2020 at 12:15 pm.