13.8 C
Скопје
15:44 - 18 декември, 2024

Ако законот биде услов, тогаш ништо од датум

Ако донесувањето на законот за Јавно обвинителство навистина стане пресуден, клучен услов за авроинтеграциите на земјава, тогаш нема ништо од датумот за почеток на преговори со Европската Унија. Имено, двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се спремни ни да почнат преговори на таа тема, а камоли да го донесат законот. А Франција, како главен кочничар и поставувач на услови за проширувањето на ЕУ, изгледа дека инсистира и го очекува тоа од двете партии и тоа до 12 февруари, пред да се распушти Собранието.

Амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние вчера во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ рече дека независно од новата европска методологија за проширувањето, која се подготвува, за Франција и за земјите од ЕУ е важно да биде донесен законот за ЈО и за Специјалното обвинителство. Тимоние рече дека предлогот за новата методологија за проширувањето на ЕУ, ќе биде ставен на маса до крајот на овој месец, а потоа ќе следат дискусии во земјите членки затоа што одлуките се носат со консензус.

– Не очекувам големи компликации околу предлогот за методологијата затоа што нашите предлози се базирани на аргументи и се прифатени од другите земји членки. Секогаш е потребно време за некои работи, но ние сме си определиле рок да бидеме подготвени со методологијата до самитот на ЕУ во мај во Загреб. Методологијата е важна, но за носењето на одлуката за преговори ни е потребна и функционална техничка влада, добри избори, како и тоа некои одлуки да бидат донесени пред 12 февруари, особено законот за Јавното и за Специјалното обвинителство. Бараме прогрес во агендата со реформите – прецизираше Тимоние.

И покрај тоа што цела година европските дипломати бараат да биде донесен овој закон, на македонските партии не им оди од рака да ги усогласат ставовите и да го изгласаат решението со потребното двотретинско мнозинство од 80 пратеници. Досега Министерството за правда во Собранието достави два предлог-закона, но тие не добија поддршка од опозицијата, а неодамна од Министерството најавија дека се подготвува и трет предлог-закон. Според последната изјава на министерката за правда Рената Дескоска, законот е во процедура во Собранието, но се нема волја да биде донесен.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека тие не се откажале од преговорите за усогласување на ставовите со СДСМ.

– СДСМ се откажа од носењето нов закон. Кога есеноска Јавното обвинителство ги презеде предметите од Специјалното обвинителство, министерката Дескоска рече дека после тоа донесувањето на законот и не е толку итно – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, ја обвинуваат опозицијата за опструкции.

– Ние иницијативата ја имаме поднесено одамна. За жал, ВМРО-ДПМНЕ на секој можен начин го кочи законот за да ги амнестира криминалците и криминалот во нивните редови – велат од СДСМ.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера на „Утрински брифинг“ објасни дека законот за ЈО никогаш не бил формален предуслов за датум, туку посакувана работа.

– Кога имав средба во декември, комесарот за проширување Оливер Вархељ ми рече „донесете го законот, ќе ни олесните многу“. Но, тоа никогаш не било услов – рече Османи.

Тој рече дека ЕУ има три одлучувачки самити – во март, во јуни и во октомври, а дека тие се фокусирани на самитот на 26 март. Редовните извештаи на ЕУ за напредокот на земјите се во април, но еврокомесарот Вархељ размислувал да објават вонреден извештај во февруари, за да имаат врз основа на што ќе одлучуваат во март. Но, ако нема клима во ЕУ дека ќе се донесе одлука во март, нема да има ниту вонреден извештај, за да не биде уште една препорака што ќе заврши неуспешно, што дополнително ќе ги зголеми фрустрациите.

Ако одлуката за датум не биде донесена на 26 март, следната можност ќе биде во јуни, кога предвремените избори во Македонија ќе бидат завршени, па европските земји ќе ја имаат пред себе и оценката и за изборниот процес.

Арсовски: Јавноста да ги притисне партиите

Аналитичарот Петар Арсовски смета дека јавноста во наредниот период треба да врши силен притисок кон партиите да го донесат овој закон за да не пропадне уште една година на патот кон членство во ЕУ.

– Според амбасадорот Тимоние, сега три работи се клучни – фер избори, функционална техничка влада и донесен закон за ЈО. Нема дилема дека мора да испорачаме фер и демократски избори со највисок квалитет. Техничката влада, пак, не е добар показател за демократијата во една земја, а оваа техничка влада и онака нема некои суштински надлежности да спроведува реформи и гледаме дека партиите си ја користат како платформа за политички маркетинг. На законот за ЈО намената му беше да се обезбеди иднината на предметите на СЈО по крајот на мандатот на специјалниот обвинител, но откако редовното ЈО ги презеде предметите, нема толку итна потреба. Но, ако се донесе, иако не е услов за преговорите, тоа сепак ќе им ги одземе изговорите на земјите членки за ново блокирање на датумот. На домашната политичка сцена оние што ќе поддржат да се донесе законот за ЈО, ќе добијат поголеми политички поени во јавноста пред изборите, бидејќи ќе покажат дека им е битна иднината кон ЕУ – вели Арсовски за „Слободен печат“.

The post Ако законот биде услов, тогаш ништо од датум appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....