5.8 C
Скопје
16:11 - 22 декември, 2024

Ако не нè отепа, вирусот ќе нè направи посилни!

Со брзината со која се движи низ Европа – за една недела веќе се констатирани случаи во десетина земји, покрај вирусната „експлозија“ во Италија – веројатно не е веќе прашање дали корона вирусот ќе пристигне и во Македонија, туку кога. За сега, малку нè служи и среќа, бидејќи добивме десетина дена подобро да се подготвиме да го „пречекаме“ вирусот, во споредба тоа да ни се случеше пред недела-две.

Сите домашни и меѓународни експерти проценуваат дека вирусот релативно брзо се шири, пред сè поради тоа што е отпорен на подолго надворешно „преживување“ и предоцна се детектира кај заразените носители, но дека не е дојден „крајот на светот“ дури и да се појават случаи на заболени. Смртноста е релативно мала, главно ограничена на постари луѓе со претходни здравствени хронични проблеми. Место за голема паника нема, граѓаните се молат да не шират хистерии и лажни вести.

Граѓаните се молат и нешто друго: да мијат раце, редовно да се тушираат, да кашлаат и да киваат во марамчиња, ако не се чувствуваат добро да одат на доктор (реален доктор, не на д-р Интернет) и да земат болување; и да не одат, наместо по работа, во кино или по кафулиња и кафеани; да пијат лимонади и Ц-витамини, да се грижат тоа да го прават и нивните деца и, воопшто, малку повеќе да мислат на другите, а не само на себе, макар заради оваа ургентна вирусна медицинска причина!

Ах, да – и да не шират хистерии и лажни вести.

Логично, следното ќе биде да се откажат сите предизборни политички собири, митинзи, протести, маршеви… Каква непланирана, вонредна убавина! Во комбинација со најавената закана за прекинување на преносот на сите домашни телевизии на кабловските оператори, Македонија наеднаш станува многу попристојно место за живеење!

Е, тоа се вика грижа за здравјето на нацијата.

Па, погледајте го и самиот овој текст: наместо уредно да се занимавам со вчерашниот млакичок марш на опозицијата пред правосудните органи во државата, на кој ВМРО констатира дека под „деспотијата на Заев“ нема шанса за правда, па затоа, за да има правна држава, замислете, себе се препорачуваат да се вратат на власт и реформски да го реконструираат правниот систем – јас предам и распредувам за корона вирусот!

Во наредните десетина ќе се види и дали Светската здравствена организација ќе прогласи глобална пандемија, бидејќи до тогаш се претпоставува дека вирусот можеби ќе биде проширен на сите светски континенти, во барем половината постоечки држави во светот. На пример, веќе се размислува и за откажување или одлагање на Олимписките игри во Токио, кои треба да се одржат за пет месеци од сега, а бројот на глобалните патувања – во вакво, песимистичко сценарио – ќе падне на неопходни и ризични дестинации.

Економските и другите глобални штети би биле непроценливи. Сите „јајца“ во светот, како што гледаме, ќе се најдат во една кошница.

Сепак, молам без паника, ќе се преживее и оваа непријатност, како за сите, така и за нас. Впрочем, кај нас никогаш, ништо не успева како што треба, па нема ни на вирусов да му успее сосема да нè извади од баналноста на нашето секојдневие.

Но, тоа не значи дека не треба да се размислува што ќе се прави со изборите, бидејќи таа масовна демократска операција може да се „поклопи“ таман со климаксот на потребата од поширок медицински карантин во земјава… Би било трагично ако за тоа се поведе стандардната партиска „тепачка“, со меѓусебни подметнувања и обвинувања кои само ќе ја влошат менталната состојба на нацијата во време кога ќе имаме поважни, здравствени предизвици за размислување.

Сигурен сум дека претседателот Пендаровски грижливо го следи развојот на настаните. Тој е вистинската адреса, во услови на формално распуштено Собрание и техничка извршна власт, за навремена реакција за овие деликатни прашања.

Ах, да – и да не се шират хистерии и лажни вести. Тоа зависи од сите нас.

The post Ако не нè отепа, вирусот ќе нè направи посилни! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....