Пејачката Викторија Лоба искрено проговори за својата емотивност, за впечатокот што го остава кај луѓето и за ранливоста што ја крие зад навидум сериозниот изглед.
Иако на сцената секогаш изгледа самоуверено и одмерено, Лоба признава дека зад нејзиниот „покер фејс“ се крие чувствителна личност, која понекогаш е погрешно разбрана од околината.
Во интервју за „Бекстејџ“, пејачката откри дека слушнала оти некои луѓе ја доживуваат како недопирлива, па дури и арогантна, но вели дека нејзината вистинска природа е многу поинаква.
„Можеби дека сум премногу емотивна. Имам слушано дека оставам впечаток на некоја недопирлива, а понекогаш дури и арогантна артистка. Но, можеби да, за некого сум била некогаш арогантна, нели, огледало, секој си го добива тоа што си го проектира. Меѓутоа, сепак, под тој „покер фејс“ кај мене се крие ранливост. Искрено ќе признаам, некогаш знам да се жалам за нешто. И да, сум премногу емотивна, но мислам дека ја користам таа своја емоција во вистински правец“, рече Лоба.
Викторија Лоба е препознатлива по својот нежен вокал, елегантниот сценски изглед и поп-песните со кои ја гради својата музичка кариера. Таа е дел од генерацијата пејачи кои своите почетоци ги поврзуваат со домашните музички фестивали, меѓу кои и „Макфест“ во Штип.
Лоба беше една од учесничките на годинашното, 41. издание на „Макфест“, кое се одржа на 30 и 31 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. На финалната вечер, пејачката ја изведе новата балада „Феникс“, а вниманието го привлече и со впечатливата црно-златна креација со пердуви.
На годинашниот „Макфест“ беа претставени вкупно 27 нови композиции, од кои 18 беа изведени во финалната вечер. Покрај Лоба, настапија и Ристо Самарџиев, Јован Јованов и Тони Зен, Врчак и Симона Поповска, Огнен Здравковски, Давид Темелков и други познати пејачи.
Слични објави
Се вчитува....
