Популарната музичка двојка Ленче и Горан Кукиќ ја раскажаа нивната уникатна љубовна приказна.
Тие веќе со децении важат за еден од најстабилните и најомилените парови на македонската естрада. Нивната љубовна и професионална приказна е исполнета со многу спомени, а во опуштениот разговор во емисијата „Магазин“ на Сител, тие со насмевка се присетија на нивната прва средба која се случила пред повеќе од три децении.
Ленче со многу емоции, но и низ смеа се присети на моментот кога за првпат го здогледала својот сопруг. Во тоа време Горан престојувал во Австралија, па неговото појавување во Македонија било вистинско изненадување. Приказната започнува кога нивниот долгогодишен пријател Зоран Ванев отворал ресторан, па Горан и уште еден нивен другар, Роберт Ѓорѓиев, требало да ја земат Ленче за да патуваат од Струмица кон Штип.
„ Горан не беше тука, тој беше во Австралија. Така, подолго време не го видов. Кога го видов вака, си викам: ‘Леле, од кај е овој, леле ваков… што е ова, како ваков?!’“, раскажува Ленче за тој прв несекојдневен момент.
На оваа нејзина реакција, Горан веднаш се надоврза со шега на сметка на неговиот тогашен изглед, опишувајќи се дека бил облечен како Елвис Присли.
Ленче со истиот занес додаде дека и денес, по цели 30 години, со истите очи го гледа својот сопруг, сеќавајќи се како тогаш во себе си говорела: „Од кај излезе овој тука, леле, леле!“.
Таа низ смеа потврди дека Горан навистина тогаш бил целиот во црвено и наликувал на царот на рокенролот, додека Горан џентлменски се согласи со нејзините зборови, додавајќи дека во младоста сè е убаво.
Нивниот специфичен стил на облекување и уникатната енергија ги следеле во чекор во текот на целата младост, па дури и на нивната свадба. На прашањето од водителот околу тоа дека и самата свадбена облека на Горан била на некој начин копија на стилот на Елвис Присли, Ленче со гордост потврди дека тој навистина изгледал така на нивниот најважен ден.
Разговорот во студиото се загреа кога се покрена прашањето за тоа кој всушност прв покажал интерес и „пуштил водичка“ во нивната врска. Наместо надмудрување, сопружниците во еден глас и одговорија дека тоа било обострано и дека „и двајцата“ го направиле првиот чекор.
На шегите во студиото дека Ленче сигурно му дала некаков посебен знак или „ишарет“ на својот сопруг, таа поентираше со убава мисла за суштината на нивната долговечна љубов: „Ќе дадеш некој ишарет сега, да… А доколку енергијата се спои, после тоа е Божја работа“.
View this post on Instagram
