25.8 C
Скопје
17:48 - 7 мај, 2024

Вечерва во Куршумли-ан: Отворање на 13. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“

Магичниот простор на Куршумли-ан во следните осум денови ќе биде збирно место за „Лупење идеи“ на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој во своето 13-то издание ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје. Фестивалската програма ќе се реализира на четири локации, и тоа во Куршумли-ан, плато на Музеј на РСМ пред Куршумли-ан, МКЦ и во „Europe House Скопје“.

– Со мото „Лупење идеи“ фокус на 13. „МакеДокс“ е развојот на идеи и годинава е време да дејствуваме и заедно да ја развиваме замислата за ново утре. Слој по слој, ќе ги лупиме идеите – старите, суви и ветви корки да ги оставиме зад нас, а на свежите бели нека блеснат нови движечки слики, и нови, и нови, и нови… Среќни сме што после две години ќе имаме фестивал без рестрикции и со голем број странски гости – истакнува Дарко Набаков, извршен директор на 13. издание на фестивалот „МакеДокс“.

Годинава на фестивалот ќе пристигнат околу 70 гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно. Филмската програма на 13. „МакеДокс“ содржи 71 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови и Студентска програма, додека сите филмови се дел од компетицијата за наградата Етички идеи. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми се Земја во фокус – годинава тоа е Чешка и Програмата за деца и младинци.

Фестивалот ќе биде отворен на 18 август, во Куршумли-ан, во 21 часот, со документарниот филм „Сѐ што дише“ (All That Breathes) на режисерот Шаунак Сен (Shaunak Sen), филм кој е индиско-британска копродукција, а пред него ќе биде прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата“ (Tomorrow Is A Water Palace) на режисерката Хуанита Онзага (Juanita Onzaga).

По филмската проекција на отворањето, во 23 часот, концерт ќе одржи групата „Баклава“, која ќе изведе песни од својот репертоар, но и новите песни посветени на Скопје.

Земја во фокус оваа година е Чешка Република и ќе бидат прикажани осум нови документарни филмови, а програмата ќе биде отворена на 19 август (петок) во Куршумли-ан со филмот „Рене – затвореник на слободата“ (Rene – The Prisoner of Freedom) на почесната гостинка Хелена Тшештикова (Helena Treshtikova), мајката на „тајм-лапс документарецот“, која ќе биде присутна на проекцијата, а следниот ден (20 август) ќе одржи и мастерклас во „Europe House Скопје“ за тоа како ги развива своите идеи и како ги доведува до целосно филмско дело.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 19 до 25 август, во 18 часот, во Куршумли-ан. На 21 август, во 12 часот на пладне, ќе биде отворена фото-изложбата „Спојка“ на Доријан Миловановиќ. За време на фестивалот ќе се одржи вториот дел од едногодишната работилница „Докуникулци“, на која учествуваат 10 млади од целата држава, како и неколку концерти и диџеј-сетови.

Дизајнот на плакатот за 13. „МакеДокс“ е на Самир Карахасан.

Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Сивус Скопје – Групација „Арикома“, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“.

Билети можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на мк.тикетс (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли-ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли-ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музеј на РСМ може да се набави по цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на отворање на 18 август и церемонијата на доделување награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни.

Слични објави

Ана Николиќ се вселила во стан кај Рале, соседите открија мрачни тајни: Се расправаа со недели

Еспресо

Среќници на неделата: Три хороскопски знаци ќе имаат за што да прослават многу наскоро

еспресо

Никола Роквиќ објави фотографии од венчавката: Ѝ упати емотивни зборови на сопругата

Еспресо

(Видео) Цеца покажа како ужива во вилата на Дедиње: Пејачката се релаксира покрај базен во доцните часови

Еспресо

(Видео) „Не е тешко да се сака…“: Жељко Митровиќ ѝ приреди невидено изненадување на сопругата за нејзиниот роденден

Еспресо

(Фото) Никола Роквиќ стаса во Македонија, бакнежот од мајка му ги разнежни обожавателите

еспресо
Се вчитува....