08:53 - 23 септември, 2026

Упорната жед е порака од вашиот организам – Лекарите откриваат 10 причини зошто постојано сте жедни

Иако може да биде непријатна, жедта е корисна, природна физиолошка функција која му сигнализира на организмот дека е време за хидратација. Во повеќето случаи, решението за жедта е многу едноставно – само треба да испиете чаша вода. Но, што ако постојано сте жедни?

Ако имате чувство дека едноставно не можете да испиете доволно вода за да ја згаснете жедта, тоа би можело да биде знак од организмот кој вреди да го послушате. Општото чувство на жед е нормално и дефинитивно не е причина за паника. Ако сте жедни во топол ден или по вежбање, тоа е нормално. Меѓутоа, ако чувството на жед трае подолго време, особено ако продолжи и откако сте внесле доволно течности, можеби треба да се посомневате во една од овие причини зошто постојано сте жедни.

Дијабетес тип 1 или тип 2

И дијабетесот тип 1 и дијабетесот тип 2 можат да го зголемат ризикот од дехидрација, особено ако сè уште не сте свесни дека ја имате оваа состојба.

– Имајќи го предвид тоа дека нивото на шеќер во крвта е превисоко, организмот ги поттикнува бубрезите да произведуваат повеќе урина за да се ослободат од вишокот глукоза – објаснува лекарот по семејна медицина, д-р Хедер Розен.

Таа додава дека честото мокрење, уште еден чест симптом, предизвикува жед. Тоа доведува до внесување повеќе течности, со што проблемот дополнително се влошува.

Ако чувствувате прекумерна жед и често мокрите, како и ако имате други симптоми, како необјаснето губење на тежината, замор или раздразливост, лекарот може да направи тест за глукоза во крвта за да утврди дали имате дијабетес. Не ги игнорирајте овие симптоми со години.

Ксеростомија (сува уста)

Сувата уста, позната и како ксеростомија, често се меша со прекумерна жед.

– Тоа е абнормална сувост на слузницата во устата поради намален проток или промена во составот на плунката. Ако вашите жлезди не произведуваат доволно плунка, тоа може да доведе до други непријатни симптоми, како лош здив, проблеми со џвакањето и густа, леплива плунка.

Вообичаени причини за сува уста се пушењето тутун или марихуана, ‘рчењето, дишењето на уста или едноставно стареењето. Сувата уста може да биде и несакан ефект на неколку лекови на рецепт, вклучително и антидепресиви и лекови за крвен притисок, лекови против алергија, како што се Бенадрил или Кларитин, како и лекови против вртоглавица или мачнина при патување, како што се Антиверт или Драмамин, вели д-р Розен.

Таа напоменува и дека постојат неколку заболувања кои можат да предизвикаат сува уста, како што се дијабетесот и одредени автоимуни заболувања, меѓу кои ревматоиден артритис, лупус или Сјогренов синдром, па затоа најдобро е да разговарате со вашиот лекар.

Промени во текот на менструалниот циклус

Ако чувствувате зголемена потреба за пиење течности за време на менструацијата, тоа е сосема нормално.

– Нивото на естроген и прогестерон може да влијае врз количината на течности во организмот. На тоа додајте ја и загубата на крв за време на самиот циклус, особено ако имате обилни менструации, и резултатот е компензаторно зголемување на жедта – вели д-р Розен.

Проблеми со тироидната жлезда

Тироидната жлезда, жлезда во форма на пеперутка која се наоѓа во долниот дел на вратот, е одговорна за лачење одредени хормони кои помагаат во регулирањето на апетитот, енергијата, внатрешната температура и другите витални функции на организмот.

– За жал, проблемите со тироидната жлезда се прилично чести кај жените. Кога жлездата произведува премногу или премалку хормони, тоа може да предизвика низа неспецифични симптоми, вклучително и невообичаено обилни менструации, анксиозност, чувство на топлина и сува уста, а сето тоа може да доведе до зголемена жед – вели д-р Пруденс Хол, медицинска директорка на Центарот „Хол“ во Калифорнија.

Таа додава дека луѓето кои страдаат од хипотироидизам, односно намалено производство на тироидни хормони, имаат поголема веројатност да страдаат и од други здравствени состојби кои предизвикуваат жед, како што се дијабетес тип 1, Сјогренов синдром и анемија поради недостиг на витамин Б12.

Хроничен стрес

– Хроничниот стрес предизвикува намалена функција на надбубрежните жлезди, што може да резултира со низок крвен притисок ако стресот е силен. Тоа може да предизвика вртоглавица, депресија, анксиозност, но и екстремна жед – наведува д-р Хол.

Жедта е начин на кој организмот се обидува да додаде повеќе вода во крвта во обид да го зголеми крвниот притисок. Всушност, единственото долгорочно решение за тоа е намалување и подобро справување со нивото на стрес со помош на стратегии како медитација, вежбање и доволно квалитетен ноќен сон.

Консумирање храна со диуретично дејство

– Храната што има диуретично дејство може да ве направи жедни бидејќи предизвикува почесто мокрење. Во неа спаѓаат намирници како целер, аспарагус, цвекло, лимон, диња, ѓумбир и магдонос.

Иако оваа храна има многу здравствени придобивки, овој ефект треба да ве поттикне да вклучите што поширок спектар овошје и зеленчук во исхраната. На тој начин ќе ги задоволите нутритивните потреби и ќе ја контролирате жедта – советува нутриционистката Џесика Кординг.

Исто така, овој ефект можете да го ублажите со јадење повеќе храна богата со течности, како овесни снегулки и кафеав ориз, кои впиваат вода во текот на готвењето.

Исхрана со малку јаглехидрати

Чувството на жед е чест несакан ефект на кето-диетата, која бара значително намалување на внесот на јаглехидрати.

– Јаглехидратите впиваат и задржуваат повеќе вода од протеините и мастите. Како резултат на тоа, почесто ќе мокрите, што ќе доведе до зголемување на жедта – вели диететичарката Беки Керкенбуш, додавајќи дека одржувањето соодветен внес на вода би требало да го реши проблемот.

Перименопауза и менопауза

Покрај топлите бранови, главоболките и промените во расположението, жените често пријавуваат зголемена жед за време на перименопаузата и менопаузата. Во овој период организмот минува низ големи хормонални промени, особено во нивото на естроген и прогестерон, што може да влијае врз рамнотежата на течностите и електролитите во организмот.

– Секоја состојба што ја менува рамнотежата на водата или солта во организмот може да предизвика жед. За жал, тоа може да предизвика фрустрирачка комбинација на симптоми поради кои истовремено сте жедни и мора постојано да трчате во тоалет за да мокрите. Иако инстинктот можеби ви кажува да пиете помалку течности за да ги намалите посетите на тоалетот, обидете се да му одолеете на тој порив. Одржувањето соодветна хидратација и понатаму е многу важно за време на перименопаузата и менопаузата – предупредува д-р Хан.

Прекумерно крвавење

– Континуираното или ненадејното губење крв, поради проблеми како обилни менструации и чирови што крвават, може да го зголеми чувството на жед бидејќи организмот се обидува да ја надомести загубата на течности.

Прекумерното крвавење исто така е честа причина за анемија, состојба при која организмот ги губи црвените крвни клетки побрзо отколку што може да ги надомести – вели д-р Розен.

Со физички преглед и анализа на крвта ќе се утврди дали имате анемија, а лекувањето ќе зависи од видот на анемијата што ќе биде дијагностицирана.

Реакција на лекови

Секогаш е важно да разговарате со лекарот за можните симптоми и несакани ефекти пред да започнете со земање нов лек. Многу вообичаени лекови, како оние што се препишуваат за крвен притисок, дијабетес или за поддршка на менталното здравје, можат да влијаат врз функцијата на бубрезите или да предизвикаат дијареја и зголемено мокрење.

Сите овие симптоми можат да доведат до дехидрација и чувство на прекумерна жед. Ако земате лекови кои го зголемуваат ризикот од дехидрација, немојте едноставно да престанете да ги земате. Разговарајте со лекарот за тоа како да го подобрите дневниот внес на течности или подобро да се справите со овој несакан ефект.

Слични објави

Дневен хороскоп за 23 септември: Не ја занемарувајте потребата за одмор

apostolova

(Фото) Александра Пријовиќ денеска полни 31 година: Мајка ѝ Борка објави досега невидени фотографии од нив двете

Еспресо

Сузана Манчиќ за новата улога на баба: „Ѝ реков на ќерка ми дека нема многу да ѝ помагам“

Еспресо

„Еден бакнеж“, песната од која Нина Спирова не била воодушевена, а станала нејзин заштитен знак

Т.Ц.

Милиќ Вукашиновиќ жестоко го прозва Бреговиќ: „Стана мала селска измамничка“

Еспресо

(Фото) Полноќно изненадување за Маја Шупут во хотелската соба – го прослави роденденот во Лондон

Еспресо
Се вчитува....