3.8 C
Скопје
20:31 - 20 декември, 2024

Среде бавча со Гордана Цветаноска: Македонскиот аграр е како вејка на ветрот

Најтешко е да си земјоделец во Македонија. Носителите на одлуки најчесто ги дизајнираат законските решенија без дијалог со земјоделците, без да ги слушнат нивните потреби. Затоа се зголемуваат напуштените земјоделски површини. На македонскиот земјоделец му треба договорно производство, сигурен пласман со гарантирани цени, вели Цветаноска во разговорот за еспресо.мк

Љубопитна, секогаш активна, со ведар дух, Гордана Цветаноска е долги години во новинарството, но и посветена земјоделка. За себе вели дека е девојка од Мало Коњари, кај Прилеп, селото од приказната за Силјан Штркот, и дека, поради тоа, земјоделската приказна за неа не е нешто ново, туку трае во континуитет.

– Домот, градината, расадникот, оранжеријата се тука на едно место, како една голема фарма, искуствата се надополнувале во неколку сектори: овоштарство, производство на тутун, градинарство. Таа нишка за почитување на еколошките стандарди постоела отсекогаш во моето семејство. Не може да се донесе на трпезата храна што мириса на хемија, тоа веќе не е храна. Претходното искуство од традиционалното производство за начинот како работеле нашите предци и она што имав можност да го видам во Австралија за тоа колку се цени и вреднува органското и еколошкото производство ми даде дополнителен поттик, вака Гордана го започнува разговорот со кој ја откриваме нејзината еколошка градина „Бавчика“.

Еколошката градина „Бавчика“ заедно со расадникот се простира на половина хектар. Тоа е комбинација од бавча со зеленчук: пиперка, домати, црн патлиџан, компири, тикви, тиквички, прокељ, зелка, пашканат, разни мирудии, потоа бостан (годинава особено се радуваат на дињите); а расадникот е мал овошен рај бидејќи има од сè по нешто, од јаболка, круши, сливи, со лешници, кајсии, праски…

Долги години сте посветени на новинарството, на динамичниот живот, дали одлуката да започнете со земјоделство значеше, меѓу другото, и потрага по мир?

– Новинарството е многу динамична, а во денешно време напната и нервозна работа, тоа за мене е тридецениска посветеност која, за жал, сè помалку се цени и вреднува. Земјоделството за мене била и сè уште е паралелна активност, на која некогаш помалку, некогаш повеќе ѝ посветував внимание. Да, за мене земјоделството и работата во бавчата и расадникот е мир, еден секојдневен „разговор“ со смирен тон и, што е најважно, работа со голема разбирачка, за разлика од примарната професија – новинарството каде што сè помалку има мотив и простор за креација и задоволство.

Кога зборуваме за органско производство што точно подразбира тоа?

– Во „Бавчика“ се почитуваат еколошките принципи за производство на здрава храна без употреба на вештачка прихрана и хемија. Тоа од отсекогаш се применувало во моето семејство колку што условите дозволувале. Денес, современите начини на земјоделско производство овозможуваат примена на органски препарати или пак, уште подобро, тоа можат да бидат старите традиционални рецепти за заштита и прихрана на растенијата. Во секој случај производство на здрава храна без хемија. Можеби во иднина ќе продолжиме по тој пат за сертифицирање на примарното производство во органско и секако на крајните преработени производи.

За мене работата во бавчата е мир, секојдневен „разговор“ со смирен тон и работа со голема разбирачка, за разлика од примарната професија – новинарството, каде што сè помалку има мотив и простор за креација и за задоволство.

Одгледувате и живина, па претпоставуваме тука се и домашните јајца. Планирате ли да го проширите интересот можеби и на ограничено сточарство? Кои се следните предизвици?

– Мојот сопруг одгледува живина: кокошки, гуски, патки, мисирки, така што тоа катче во дворот е секогаш весело надополнето со гулаби. Тој вели дека еден ден планира да направи фазанерија. Но, плановите се поврзани пред сè за обезбедување услови за градинарско производство под пластеник, со што би ја заштитиле бавчата од надворешните негативни влијанија и временски непогоди. Желбите се „Бавчика“ полека да напредува кон современите текови за преработка, каде што се и најголемите инвестиции. Во секој случај идејата е „кругот на природата“ да се почитува што би значело во тој кружен систем, живината да биде на отворени пасишта во расадникот, што пак ќе им се обезбедува здрава храна, како и еколошко ѓубрење за овоштарникот.

Колку време во денот се посветувате на Вашата градина, која е најтешката работа, а која активност Ве ослободува, Ве релаксира, Ве радува?

– Земјоделството не трпи неколкудневно отсуство, а дневниот одмор треба да биде прецизно испланиран пак според потребите на бавчата, овоштарникот… Тоа е секојдневна обврска која, ако не се извршува со љубов и  разбирање за тоа што денеска им треба на растенијата, нема резултати. Најтешката работа сепак е планирањето:  што за наредната сезона, колку од што да се посади, засее, каде, во кој дел од градината и до кој „комшија“ од зеленчукот… Инаку, сè што се работи во градината ме ослободува. Секако, најмногу релаксира и ме радува берењето и собирањето на плодовите, нивното складирање и преработка.

Тешко ли е да се биде земјоделец во Македонија? Со изострено новинарско око, но и со искуството кое до сега го имате со земјоделието, што треба државата приоритетно да направи за земјоделците?

– Најтешко е да си земјоделец во Македонија. Во тој сектор сум повеќе години директно вклучена и како новинар и како земјоделец, а од искуството што сум го имала, а сè уште е присутна таа состојба, слободно можам да речам дека гласот на десетици илјади земјоделци сè уште не се слуша. Носителите на одлуки најчесто ги дизајнираат законските решенија без дијалог со земјоделците, без да ги слушнат нивните барања и потреби. Затоа се зголемуваат напуштените земјоделски површини, а производството се намалува. На македонскиот земјоделец му треба договорно производство, сигурен пласман со гарантирани цени. За жал, македонскиот аграр е како вејка на ветрот, без некоја јасна стратегија за поттикнување на дејноста со недоволно искористени европски фондови. Македонија мора да најде начин за заштита на домашното земјоделско производство како што тоа, впрочем, го прават и европските држави. Да обезбедуваме храна за задоволување на сопствените потреби, а не да зависиме од другите, или најчесто од соседите. Македонија има голем потенцијал, плодна почва, традиција во производство на храна, имиџ на земја која е препознатлива по квалитетна понуда на храна. Штета би било оваа наша генерација да не го почитува доволно тоа, за генерациите пред нас и за тие по нас.

Инаку, Гордана е членка на Фејсбук групата …ДВОРЧЕТО…, група која ви ја препорачуваме да си станете член и да се изнагледате преубави објави!

Слични објави

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо

Разоткриен просекот на оценките на Јована Јеремиќ од факултет: Сакам да ги нервирам квазиинтелектуалците

Еспресо
Се вчитува....