-4.2 C
Скопје
02:36 - 23 декември, 2024

Совети од нутриционистката Маја Велковска: Есенска исхрана за превенција од вирусни инфекции

Во текот на студените денови се препорачува да се размисли за суплементација на витамин Д, сите други суплементи, од типот на различни витамини, минерали, имуномодулатори и имуностимулатори треба да се користат само кога постои вистинска потреба од нив.

Маја Велковска е дипломирана нутриционистка, првенка на генерацијата, активна е во едукацијата за нутритивната вредност на храната, за правилен начин на исхрана, со цел превенција од болести и одржување добра општа здравствена состојба, диетотерапија при одредени заболувања и состојби и здрава исхрана за различни категории граѓани, од деца до трудници и стари лица.
Денес со нутриционистката Велковска разговараме на актуелната тема есенска исхрана за превенција од вирусни инфекции, олеснување на симптомите на кашлица и болки во грлото и неопходни суплементи за оваа сезона, не заобиколувајќи ја темата на сочувување здрава телесна тежина во постудениот период од годината кога најмногу сме склони на дебелеење.

Со променливото време влеговме во сезоната на вируси и настинки. Како храната може да делува како превенција?

– Преку храната и исхраната, во телото ги внесуваме сите неопходни макро и микронутриенти што се потребни за правилна функција на имуниот систем, и тоа е еден од главните начини на кои храната и исхраната ни помагаат во борбата против вирусните инфекции. Исто така, одредени намирници, можеби попознати како суперхрани, имаат докажани антивирусни својства, имуномодулаторни ефекти, имуностимулаторни ефекти итн., и тоа е уште еден начин на кој можеме да се подготвиме за претстојниот период на зачестени вирусни инфекции.

Вирусните инфекции често одат со кашлица и со болки во грлото, што може од нутриционистички аспект да се преземе за олеснување на овие симптоми?

– Кога се соочуваме со вакви симптоми, тогаш може да ни помогнат нешта што делуваат антивоспалитено, регенеративно и антимикробно, врз респираторните слузници. За болно и воспалено грло, од помош може да ни биде ѓумбирот, прополисот, и гаргара со течности какви што се чај од жалфија, бетадине (раствор за орална употреба), раствoр од сода-бикарбона и вода. За сува кашлица потребни ни се нешта што ќе делуваат смирувачки на слузницата на респираторниот систем, па така најмногу се користат чаеви со мед и ѓумбир, чај од ловоров лист, чај од лушпа од кромид, инхалации со етерични масла од лаванда или еукалиптус. Кај продуктивната кашлица можат да ни помогнат нешта што што имаат муколитички дејства (помагаат во разредување на секретот од белите дробови), и нешта што го олеснуваат исфрлањето на секретот од белите дробови. Тука секако би ни биле од помош ананасот, чајот од белиот слез итн.

За време на корона-кризата долга беше листата на неопходни витамини, сега кога пандемијата е стивната, кои суплементи треба да ги задржиме на дневната листа, а од кои да се ослободиме?

– Совет што би важел за целата популација е дека во текот на зимата се препорачува да се размисли за суплементација на витамин Д, во договор со стручно лице. Сите други суплементи, од типот на различни витамини, минерали, имуномодулатори и имуностимулатори, треба да се користат само по потреба и само во случаи кога постои вистинска потреба од нив. Како природен додаток во исхраната што може да ни послужи за подобрување на работата на имуниот систем, би го издвоила имуномедот (мешавина од мед, матичен млеч и други пчелини производи), а како суплемент што најчесто се користи за подобрување на работата на имуниот систем, а кој исто така се изработува од природна состојка, би го издвоила бетаглуканот.

Изработувате специфични програми за слабеење, а есента и особено зимата се периоди кога сме помалку активни, а со тоа и полесно ја зголемуваме телесната тежина. Кој режим на исхрана лично го поддржувате за одржување добра форма, а кој за слабеење?

– И за слабеење и за одржување на телесната маса, поддржувам само начини на исхрана што се темелат на консумирање квалитетна храна, приготвена на здрав начин, и начини на исхрана што не се премногу рестриктивни и не забрануваат внесување одредени квалитетни намирници поради тоа што содржат јаглехидрати или нешто друго.

Како да ги комбинираме намирниците во полза на добрата телесна форма?

– Избегнувајте ги највкусните комбинации што доведуваат до прејадување, а сè друго е дозволена комбинација. Шегата настрана, кога станува збор за одржување нормална телесна тежина и форма, најважно е да внимавате колку храна внесувате, односно колку калории внесувате, и да внимавате да консумирате квалитетна храна што содржи доволно микронутриенти (витамини, минерали, фитонутриенти итн.) и макронутриенти (протеини, јаглехидрати и растителни влакна, масти). Комбинациите се нешто што е различно за секого и што зависи од личниот вкус и од желбите.

Може ли да ни го откриете рецептот против кашлица, а воедно и за подобрување на имунитетот?

– Трагајќи по некој природен „лек“ за малку подолготрајна кашлица, а воедно и за подобрување на работата на имуниот систем, наидов на еден интересен микс од суперхрана, кој е наменет баш за ова. На Инстаграм му дадовме име „Имуно/кашлица микс“, а рецептот ќе го споделиме и со вас.
Во една голема тегла се мешаат: 300 мл таан од интегрален сусам, 3 лажици мед, 2 лажички куркума во прав, 2 лажички ѓумбир во прав, 2 лажички мелен бел синап, 4 лажици мелено ленено семе.

Сите состојки добро се мешаат, а потоа смесата се чува во фрижидер. Доколку сте болни, се користи по една мала лажичка на ден по секој оброк (2-3 лажички на ден), а доколку се користи превентивно – доволна е една мала лажичка на ден.

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....