23.8 C
Скопје
17:33 - 2 мај, 2024

Разговор со Ѓорѓи Галетановски: Од сите хотели, Дино Мерлин го избра најефтиниот, и сакаше сам да шета низ Зоолошка

Ѓорѓи Галетановски, поранешниот доректор на скопската Зоолошка градина вели дека од „улицата“ го научил 80 проценти од тоа што го знае сега, и го применувал во работата, кога беше на директорската функција и воопшто.

На поголемиот дел од јавноста ѝ беше чудно како тој од менаџер на дискотеки и концерти стана првиот човек на ЗОО Скопје, а многумина негативно реагираа на оваа одлука. Галетановски за „Еспресо“ раскажува дека му е мило што станал омилен директор на ЗОО за скопјани и како се нафатил на овој предизвик.

-Не ми пречеше туку повеќе ме инспирираше да успеам. Па, веројатно токму поради претходната професија можеби не веруваа дека ќе се снајдам, сепак до вчера си работел во ноќните часови со забави и одеднаш треба да менаџираш сериозна институција“, вели Ѓорѓи и објаснува како се снашол од „живот на улица“ во живот во канцеларија.

-Па, мене таа улица ме научи на 80 проценти од сѐ што знам денес. Јас имам неколку другари од детството, другите ми се газди на локали, пејачи. Да бидам искрен, не бев баш добар ученик, тоест во основно бев добар но средното го учев вонредно бидејќи работев на јуниор забави во скопските дискотеки од 16 годишна возраст, подоцна и на сениор забавите. Се погоди некој тежок семеен период и морав да работам, а парите од организирање забави беа сериозни за тие години. Можеби траеше предолго, и на 36 години си реков: „Доста е, овој живот е убав ама нема крај“.

А, Зоолошка се случи во периодот во 2019 година, смена на градските власти и тоа беше институција малку запоставена во која видов дека има простор за менаџирање. Сметав дека треба да стане атракција за скопјани и за сите странци што доаѓаат. Направив тим од мои луѓе заедно со вработените кои беа таму, а тоа се најдобрите луѓе што ги познавам, и се фативме за работа. Од хигена, нови живеалишта, нови животни, многу настани. Набрзо стана хит и масовно посетена“, раскажува Галетановски и се сеќава на една од лошите случки од тој период.

-Ау, само што ме назначија за директор, избегаа крокодилите од живеалиште. Ја скинале оградата. Голем стрес беше, но среќа вработените беа присебни, посетителите беа евакуирани и успешно ги заловија крокодилите“, раскажува Ѓорѓи, кај скопјани познат по прекарот Чомбе.

На тема, дали сега Скопје има менаџери и ноќен живот како порано, тој вели дека нема и не може да има.

– Прво поради иселеноста на младите и поради дефицит на работници, а второ и најмногу поради промената на животните навики. Порано менаџер значело титула во Скопје. Имаш многу придобивки, добра плата, гратис пиење, ресторани, девојки, но лошата не ја чувствуваш. Спиеш до доцна, немаш нормален живот и времето брзо поминува, ама не се каам. Ако мене ми бил идол еден Џаро кој направил многу звезди и ги организирал најдобрите концерти на Балканов или ако јас и моите колеги тогаш сме учеле како се работи од Пеџа, Камењар, Столе и други, сега младите нема од кого да учат, а и како што реков, начинот на живот е друг. Ако порано сме чекале да излеземе на забава да се видиме на пијачка или кафе, сега младите дремат на социјални мрежи како и сите ние. Но, сепак не сме лоши, имаме во Скопје и убави кафулиња и убави дискотеки и ресторани“, објаснува Галетановски.

По труењето на коњите во Зоолошката градина и неубавите случувања, Галетановски вели дека следи преку медиумите сѐ што се случува и воопшто не му е убаво.

-Штета е голема, и мора да направат нешто за поголема грижа за животните, а посебно што таму работат и живеат прекрасни луѓе кои се емотивно врзани со нив. Не би се вратил да бидам директор, но би се вратил секогаш да помогнам на вработените и животните таму колку што можам“, вели Ѓорѓи.

Во моментов тој е невработен и на прашањето дали повторно би прифатил државна функција или се враќа во приватниот сектор, вели:

-Па, добро ми дојде паузава. Се почувствував истрошен. Треба некогаш и да одмориш. Би прифатил доколку институцијата има потреба и потенцијал од менаџирање и подобрување на условите. Моментално одмарам уште малку, па ќе се фатам за работа“, вели Галетановски.

Како менаџер тој беше вклучен во организација на настапите на домашни и странски пејачи, а еден од нив е и босанскиот кантавтор Дино Мерлин, кој настапи на скопскиот плоштад, на новогодишната забава во 2020 година.

-Сум бил вклучен во организација на настапи на многу домашни артисти. Мене и многу од нашите пејачи ми се и приватно пријатели.  Од регионалните ѕвези, најголемата беше соработката со Дино Мерлин, кога пееше за дочекот на Нова година, во 2020 на Плоштад. Бев задолжен за протоколот и за организацијата. Голем професионалец и тежок за работа бидејки бара сѐ да е под конец. За неговата екипа се грижи исто како за него. Интересно ми беше кога го прашавме каде сака да претстојува, од сите хотели го одбра најефтиниот и кога отиде да ја посети Зоолошката, беше изненаден позитивно и нѐ замоли да го оставиме сам да прошета, а омилени животни му беа слоновите“, се сеќава Галетановски.

Tој ја коментира петицијата која се организира против концертите на Дино Мерлин во Белградската арена.

– Да се меша минато со концерт на најголемата звезда на Балканот според мене е чиста глупост. Дино продаде три Арени, а тоа не знам на кој друг би му успеало. И искрено се надевам дека неговиот менаџер ќе го исполни ветувањето и во 2024 ќе го наполни Градскиот стадион во Скопје“, вели Ѓорѓи.

За домашната естрада, тој смета дека сме слаби на тоа поле, треба многу работа, многу менаџирање и труд. Според Галетановски, и на естрадата а и за ноќни „свирки“ нема некој избор на бендови.

-После Тоше Проески никој не продолжи со светска кариера. За најдобри и најуспешни на нашата естрада, освен што ги имаме Тамара, Каролина, Слаткар не би можел да одвојам други. Од млади сега гледам дека „2 бона“  „бркаат“ светска кариера и вложуваат дечките во себе. Има некои девојки што имаат потенцијал, ама тешко им оди. А од “кафанските” уметници освен Панки – „Куку леле“, Драган Темелков- Џони, Жаре Бербер, сѐ уште не гледам ни дека некои се трудат да ги наследат“, раскажува Галетановски.

Фото: Приватна архива

Слични објави

Синовите на Лепа Брена имаат уште по едно име: Стефан го откри неговото вистинско име и на брат му

Еспресо

(Видео) Горан Бреговиќ ја отсвири песната на Сандра Африка на гитара и ги остави сите зачудени: „Неко че ми ночас направити сина“

Еспресо

Јована Јеремиќ сепак одлучи да не се мажи повторно: Не сакам деца, а бракот не ми е важен

Еспресо

(Фото) Таа е најбогатата пејачка на Балканот! Заработува 92 милиони годишно, има две фирми и еден вработен

Еспресо

(Видео) Деми Мур ја покажа завидната фигура: Рамен стомак и минијатурно бикини

еспресо

Астропрогноза за четврток, 2 мај: За Водолиите промена на имиџот, за Вагите комуникација

еспресо
Се вчитува....