20.8 C
Скопје
19:36 - 29 април, 2024

Писмо: Печат солзиве, мајку му стара

Ова писмо ми стигна на имејл од еден татко чиј син се отселил. Ви го пренесувам во целост бидејќи немав срце да го коригирам. А и немаше потреба.

Здраво Зевзек, како е? Ние не се познаваме, ама решив да ви пишам неколку редови затоа што полесно ми е кога зборувам за проблемот. Видете вака, проблемот можеби и не е проблем туку решение, ама зависи кој како гледа и од кој агол. Бидејќи мразам големи воведи, а и времето е такво, демек брзо, динамично и еуфорично ќе преминам веднаш на она што сакам да го кажам.
Имам син, прекрасен човек. Добро, секој татко за своите деца ќе каже дека се прекрасни, знам дека тоа го помисливте веднаш. Не му се допаѓаше на мојот син ВМРО-ДПМНЕ и режимот на Груевски. Тогаш почна да ги осознава работите и рече – „ќе спијам на факултет и ќе протестирам“. „И да протестираш“, му реков, „ако веруваш во тоа, прави го тоа“. Не беше дел од Шарените, ама беше и остана слободоумен. По паѓањето на режимот, очекуваше радикални промени, му велев дека ништо не доаѓа преку ноќ, а тој не можеше да ја разбере мојата резервираност. Пусто искуство, знам дека кај нас работите никогаш не одат глатко и мазно, туку со проблеми и ујдурми. Самиот виде дека едно се ветуваше, а друго се остваруваше. Еднаш, видно изнервиран од местенките во политиката, рече: „Веќе нема да гласам“. „И немој, ако немаш понуда што ти го грее срцето, немој да гласаш“, му одговорив.

Изучи школи, заврши факултет, работеше за добри странски фирми. Плата добра, мнооогу добра, ама јад го јадеше. На улица хаос, секој сака прекутрупа да те помине. На Фејсбук само критики и мрак. СЈО се самоуби, „Рекетот“ пак се врати. Впрочем, тој не ни исчезнал. И повторно општествена стагнација. Се случи влез во НАТО, ама конкретна промена не се почувствува на терен бидејќи од нашите мозоци никако да излезе соцреализмот. Народот поделен, почит никој спрема никого. Наоколу сиромаштија – материјална и духовна.
„Има ли нешто весело во државава?“ ме праша еднаш. „Биди весел ти“, му одговорив. „Како да бидам кога сите се депре?“. Не знаев што да му кажам.
Ќе си одам, навести тивко.

Во меѓувреме заминаа братучед му и вујко му. Едниот графички дизајнер, другиот доктор. Заминаа онаму каде што ги почитуваа повеќе од овде. Еве ќе ви ја раскажам приказната за докторот. При крајот на деведесеттите тој беше вработен во Градска болница и како талентиран абдоменалец доби стипендија во Германија, па отиде да магистрира… Арно ама, кога се промени министерот, доби наредба под итно да се врати. „Како да се вратам, па имам уште еден испит“, праша докторот. „Или врати се, или отказ“, му рече министерот. Докторот си остана во Германија, ги заврши студиите, магистрираше, потоа докторираше, а сега е директор на престижна хамбуршка клиника. Го викаат во Скопје кога има комплицирани абдоменални операции.

Да се вратам на син ми. Замина пред две недели. Три куфери тој, три куфери девојката.
Мавташе долго кога ескалаторот го носеше кон гејтот. Да не доживеете такво чувство, никој од вас.
Знам дека сега светот е глобално село, знам дека младите бараат поголеми предизвици, знам дека сакаат повеќе пари, но овде парите не беа во прашање. На мојот син мака му беше од неиздржливата политика на едните, другите, третите. Фактички опции без опции, партии без концепт, политичари без љубов за своите. Веројатно толку е знаењето, толку се личните капацитети на оние што добиле шанса да бидат мудри и умни. Досадно е да се чека не во предворјето на ЕУ, досадно и безнадежно е да си заглавен во тунелот на ниските страсти за провизии, местенки, договорени бизниси.

Јас ви простувам, ве сфаќам, тоа е појако од вас. Алчноста ви ги разорила душичките, сакате пари, моќ, женски, кафеани, веселби. Само сакав да ви кажам дека ме боли и знам дека нема да ме разберете. Во животов имав многу премрежија – еден удар ваму, друг удар онаму, смрт на блиски, ама ова пече, мајку му, пече. И тешко поминува. Само едно ме теши, Исус кога бил распнат, мајка му под Крстот крвавела во срцето, а Тој прости. Нека ви е простено, драги и мили политичари, економисти, аналитичари и сите останати што многу можевте, а малку направивте. И тоа малку го доупропастувате.

Зевзек, толку во ова мое писмо. Ти посакувам успешна работа и те поздравувам.

2.

И што по вакво писмо? Го читам, препрочитувам, се ежам. Веројатно ништо. Ако замолам од утре да се обидеме да бидеме барем малку попаметни, знам дека нема кој да ме чуе.
Солзите се солени и печат дури и кога не се мои.

 

Слични објави

(Фото) Македонката Татјана Јанушева блесна на престижна модна ревија во Франција

Еспресо

Синот на Цеца ја расплака нацијата: Вељко Ражнатовиќ се откажа од паричната награда, еве за кого одат 5000 долари

Еспресо

Јелена Карлеуша призна дека не верува во помирување со Душко: Ситуацијата е очајна многу долго, никогаш нема да биде како порано…

Еспресо

Марија Шерифовиќ за проширување на семејството: Еве дали ќе има и второ дете

еспресо

(Видео+фото) Цифрата значително скокнала! На осмиот ден од одењето пешки за Грција Никола Роквиќ објави колку пари се собрани

Еспресо

(Видео) „Ви благодарам што сте дел од мојот живот!“: Каролина го прослави роденденот со сопругот и најблиските

Еспресо
Се вчитува....