Отворено за болеста и последните денови на Владо Јаневски зборуваа Силвана Мучиќ-Плевнеш и Влатко Плевнеш од „Силви бенд. Тие со многу емоции зборуваа за својот долгогодишен пријател и соработник гостувајќи во „Ајкон шоу“, поткастот на Давид Давидовски.
Влатко со децении беше дел од бендот на Јаневски и го придружуваше на многубројни настапи низ светот, а нивната блискост одамна ги надминала професионалните рамки.
„Не само што соработувавме, јас и тој бевме повеќе од браќа. Бевме многу блиски. Цели 30 и кусур години бев шеф на неговиот бенд, а и приватно бевме многу блиски. Многу настапи имавме само јас и тој, како дуо. Бевме во Австралија, во Дубаи, Германија, Швајцарија, цел свет го поминавме јас и тој сами, со настапи и концерти“, раскажа Влатко.
Тој откри дека со Владо настапувал и само неколку месеци пред неговата смрт и дека во тој период веќе знаел со каква болест се соочува неговиот пријател.
„Знаете како, јас знаев дека ќе се случи тоа, иако и сега не го прифаќам. Не ја прифаќам таа информација. Само два месеца пред неговата смрт имавме настап двајцата. Бевме во Струга и сè беше најнормално. По неколку дена го откажавме следниот настап“, рече Плевнеш.
Влатко кажа дека Јаневски боледувал од тешка болест.
„Имаше карцином човекот, јас го носев. За жал, карциномот го победи. Господ си ги зема најубавите, најквалитетните личности. Ние само два месеци пред неговата смрт имавме настап, во Струга, беше најнормално. За неколку дена го откажавнме настапот. Јас бев цело време со него“, рече тој.
За болеста на својот близок пријател, Влатко не зборувал јавно додека Владо бил жив.
„Во ниеден момент од мојата уста не излезе да се каже дека е таква работата. Дознав дека почина само седум минути по неговата смрт. На никого не кажав, си го оставив тоа за себе“, рече Плевнеш.
Силви, пак, се присети на еден поинаков Владо, далеку од сцената и рефлекторите, човекот кој седел на кафе во нивната мала гарсониера, се дружел со нив на црногорското приморје и на нивната свадба дошол со огромен букет.
„Владо беше исклучително емотивна личност, да знаете. Само послушајте ги текстовите и сè ќе ви биде јасно“, рече Силви.
Таа вели дека најмногу сака да го памети токму од нивните приватни средби.
„Јас сакам да го паметам Владо од нашите приватни средби. Ние двајцата уште неземени, во гарсониера од 27 квадрати, а Владо заедно со нас. Владо со 101 роза на нашата свадба, се појави со еден огромен букет. Владо разигран на Црногорското приморје… Тоа беа едни од најубавите дружења и така сакам да го памтам“, раскажа Силви.
Таа се присети и на периодот пред големата музичка кариера на Јаневски.
„Владо, не знам дали знаете, многу пред да почне да пее беше туристички водич. Влатко и јас многу свиревме, а Владо знаеше да дојде на нашата свирка и да замоли да испее некоја песна. Обично ја пееше ‘Yesterday’“, рече Силви.
Посебно емотивен момент за неа се случил неодамна додека ја шетала внуката Малика низ населбата.
„Вчера ја шетав мојата внука по уличките во нашата населба и таа на цел глас пееше една песна од Владо. Јас само погледнав во небото и си помислив: ‘Владо, дали слушаш? Моја Малика пее твоја песна’“, раскажа Силви.
Владо Јаневски почина на 28 јуни годинава, по кратко боледување. Тој беше еден од најзначајните македонски кантавтори и зад себе остави песни што одбележаа повеќе генерации, меѓу кои „Некогаш и негде“, „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „И тогаш некоја будала“, „Не зори, зоро“, „Црно тиквешко“ и „Еден бакнеж“.
Неполн месец по смртта на Јаневски, на јубилејниот концерт на „Силви бенд“ во Охрид, Силви и Влатко му ја посветија „Некогаш и негде“. Силви тогаш не можеше да ги задржи солзите додека ја пееше песната на нивниот пријател.
Слични објави
Половина век без Силвана Арменулиќ – легендарната пејачка загина во страшна сообраќајна несреќа, а околностите за нејзината смрт и понатаму се мистерија
Песна на Цеца и по 25 години меѓу најслушаните во Србија — хитот од 2001 година повторно се искачи на трендинг
„Мајка ми не знаеше дека го променив презимето во Тржан“: Лена со другарката отишла во општината за да го смени презимето од татко ѝ
Се вчитува....
