14.8 C
Скопје
19:37 - 3 мај, 2024

Никола Паскали: На хартија има големи планови, во пракса нема подобрување

Љубовта на Никола кон Охридското Езеро можеби и не е случајна, ако се погледне наназад на постарата генерација Паскали. Татко му, Кочо, е пионир нуркач во Македонија, а дедо на Никола е Александар Паскали-Цане, пливач, тренер, судија по пливање и ватерполо. Семејство – чувари на Охридското Езеро.

Нуркањето е дел од животот на Никола Паскали, нуркач и подводен археолог. Нурка 365 дена во годината. Мотивација му се подводните убавини и специфичностите од подводниот свет. Вели дека бил импресиониран и демотивиран од доста ситуации и пронајдоци. Секојпат е негативно изненаден од пронајдениот отпад под вода – видот на отпад и неговата количина, додека од друга страна, фасциниран е секогаш кога ќе успее да фотографира и долови некоја ситуација или жив свет во вистински момент. Неуморен организатор е на акции за чистење на Охридското Езеро.

Најстрашно е дека нагомиланиот отпад после туристичктата сезона, се гори во околните депонии од каде продира неподнослив мирис, посебно во вечерните и утринските часови.

Во каква состојба е езерото по летните годишни одмори?

– По летните годишни одмори, состојбата со отпад во Охридското Езеро е уште подраматична отколку во другите периоди, кога нема толку многу туристи и посетители. Таквата состојба не е само под вода, туки и на плажите и на копно. Најстрашно од сè тоа е дека нагомиланиот отпад после туристичктата сезона, се гори во околните депонии од каде продира неподнослив мирис, посебно во вечерните и утринските часови.

На каков сè отпад наидуваш при ваквите чистења? Каков е одзивот од граѓаните за вклучување во акција од ваков тип?

– При многубројните еко акции под вода, било да се тоа индивидуални, спонтани или организирани, сум извадил и фотографирал отпад од најразличен тип и габарит. Од дотраени апарати за домаќинство како бојлери, фрижидери, шпорети, понатаму мебел, до санитарии како кади, ве-це школки, керамички плочки, сè до најраспостраениот отпад – пластична амбалжа, влажни марамици, пластика за еднократна употреба и сл. Да не ги заборавиме и градежниот шут и авомобилски гуми.
Во последно време се забележува напредок во однос на подигнување на јавната еколошка свест, поготово кај младата популација, за свесноста за зачувување на животната средина и нивната вклученост во вакви или слични акции и иницијативи за заштита на Охридското Езеро.

Актуелен е проблемот со мрежите духови, неодамна од нив беа извадени седумдесетина, какви проблеми можат да предизвикаат и како системски да се пристапи за надминување на овој проблем?

– Мрежите духови се огромен проблем и кај нас, како и насекаде во светот. Претставуваат голема закана за живиот свет во езерото, но исто така и ризик за пловните објекти и капачи. За решавање на ваков проблем потребни се системски решенија, регулација, едукација и вклучуваење на сите засегнати страни околу овој проблем

Кои се тешкотиите со кои треба да се справиш во однос на пристапноста, техничката опременост, финансиска поддршка, бирократија?

– Секако дека понекогаш постојат и потешкотии и препреки. Би ја издвоил финансиската поддршка, бидејќи се работи за скапи нуркачки опреми и реквизити, за кои самостојно издвојувам средства за да ги купам или обновам. Меѓутоа ни тоа не представува препрека за да продолжам со ова што го работам.


Сметаш ли дека постои дефиниран концепт за зачувување на Охридското Езеро и ретките видови подводен свет во него?

– Во теорија и на хартија имаме голем број планови, концепти, насоки, меѓутоа во пракса и на терен не гледаме значително подобрување во однос на зачувување на Охридското Езеро и неговиот биодиверзитет како природно и културно наследство.

Кога зборуваме за подводниот туризам, што им се нуди на туристите и кои се најатрактивни локации?

– Од подводен туризам нудиме нуркање – скуба дајвинг, нуркање со дисалка (snorkeling) и нуркање на здив. При тоа, туристите може, но и не мора, да имаат искуство или сертификат. Најатрактивни локации за нуркање на туристите се стариот дел на градот, каде можат да ги видат подводните извори, стари керамички садови и фрагменти и стара дрвената конструкција за подигнување на бродови. Исто така атрактивни се и археолошките локалитети како Заливот на Коските. За поискусни и сертифицирани авантуристи интересен е т.н. Ѕид кај Трпејца и потонатите бродчиња кај Струга. И сите останати локации каде може да се забележи разновидниот ендемичен жив свет во езерото, од кој би ги издвоил изворите кај Св. Наум. Најголем интерес за нуркање постои за време на летната туристичка сезона, но имаме посетеност и во другите периоди од годината.

На што си моментно фокусиран на археолошки план?

– Фокусиран сум на откривање на нови археолошки локалитети, како и други подводни културни богатства и наоди, атрактивни за понатамошно истражување и подводен туризам.

Слични објави

„Немојте да раѓате деца и…“: Сопругата на Огњен Амиџиќ упати порака и покажа како изгледа

Еспресо

Велигден кај Бреговиќ: За сите по нешто

еспресо

Велики петок: Што (не)треба да се прави на овој ден

еспресо

Промени на добро: Три хороскопски знаци се среќлии на месец мај

еспресо

„Зошто браќа?“: На Јелена Карлеуша откажан ѝ е настап во Црна Гора

еспресо

Џина Џиновиќ повеќе не може да молчи: Јавно се закани, хаос во вилата во Сењак

Еспресо
Се вчитува....