Досега непозната семејна приказна раскажаа Мартин и Стефан Филиповски од дуото „Некст тајм“.
Популарното дуо гостуваше во емисијата „Вечер по 8“, каде отворено зборуваа за својот музички пат, трансформацијата од поп-рок музичари во чувари на македонскиот мелос и неверојатниот успех на проектот кој започна токму со песната „Ја излези Ѓурѓо“.
Стефан и Мартин Филиповски се потсетија на своите почетоци како млади музичари, истакнувајќи дека тие биле меѓу првите што го вовеле трендот на обработка на стари македонски песни на еден помодерен, „филмски“ начин.
Иако денес нивните обработки бројат со милионски прегледи, близнаците откриваат дека сè започнало многу спонтано, со една песна која често ја пееле во домашна атмосфера, а е семејна, за нивната баба.
„Идејата не беше да се постигне некој успех со ова што го направивме, но успехот си дојде сам по себе… што викаме ние – несакајќи. Љубовта кон една песна го спои целиот проект. ‘Ја излези Ѓурѓо’ беше, што се вика, наша фамилијарна песна. Песна за баба ми Ѓурѓа од село Бабино“, рече Мартин Филиповски.
Токму таа емотивна поврзаност со песната била пресудна за Стефан да седне на пијано и да започне со првите аранжмани, кои подоцна добиле своја финална форма во соработка со познатиот композитор Никола Мицевски.
Браќата Филиповски велат дека дека преминот од класичен поп на ваков тип музика бил голем предизвик, со оглед на тоа што публиката ги познавала по хитови како „Нешто што ќе остане“.
„Ние бевме навикнати од два поп албуми… бевме навикнати да правиме песни каде ‘еден збор ќе се памти во цел рефрен. А оваа Ѓурѓо… си викавме како оваа песна ќе стане хит? Не мора, ајде да си ја испееме. Како што вели Мартин, кога правиш нешто со љубов, шансите за да постигнеш успех ти се поголеми. Сметавме дека македонската музика заслужува да се направи во едно ‘филмско издание’, нешто такво. Затоа што во првобитните верзии ги слушаш на свадби секојдневно, а ние сакавме да ја претставиме на поширока маса на луѓе“, заклучија Мартин и Стефан.
