Нина Црнокрак, помалата ќерка на познатиот манекенски пар Светлана и Мики Црнокрак, го прослави својот 15. роденден. По тој повод, гордата мајка сподели неколку фотографии од својата помала наследничка, од детството до денес, покажувајќи колку пораснала и се разубавила.
„Среќен роденден, убавице моја“, напиша Светлана на својата инстаграм-приказна.
На фотографиите Нина позира со мајка ѝ, а особено внимание привлекува фотографијата од нејзиното детство.

Нина уште од мала ги следи стапките на своите родители во светот на модата. Во 2023 година ја освои титулата „Little Miss Planet“ на изборот што се одржа во Бугарија.
Нејзината постара сестра Моника, исто така, е успешна во манекенството и на изборите за убавина.
Семејството Црнокрак неодамна имаше уште еден убав повод за славење. На 11 октомври Светлана и Мики прославија 29 години брак. Тие се венчаа во 1997 година, а нивната љубовна приказна започнала на модните писти, кога и двајцата биле манекени.
Во интервју за „Слободен печат“, Светлана зборуваше за односот со своите ќерки, меѓу кои има 13 години разлика, и за тоа како успева да биде и мајка и пријателка.
„Моника и Нина се разлика од 13 години и меѓу нив има посебна енергија и поврзаност. Моника е најголемиот идол на Нина“, изјави Светлана.
Таа тогаш откри дека како мајка знае да биде строга, но повеќе инсистира на почитување и меѓусебна доверба.
„Како мајка сум строга, кога треба да бидам, иако тоа се случува многу ретко. Повеќе сум принципиелна и барам почитување“, рече Светлана.
Светлана и Мики со години успешно го водат модното студио „Црнокрак“, а нивните две ќерки ја продолжуваат семејната традиција во светот на модата.
