0.8 C
Скопје
00:03 - 22 декември, 2024

На еспресо со Билјана Дебарлиева, водителка: Оптимистка сум, верувам дека утре ќе биде подобро од вчера

Во нејзината долгогодишна водителска кариера обработувала теми од најразлични области и сфери на животот и секојдневието. Сепак, Билјана е најмногу своја во темите поврзани со здравјето, проблематика што долги години во континуитет ја обработува заедно со лекарите.

Препознатлива е по професионалниот пристап на сите емисии што ѝ се доверени, кон гостите што гостуваат во нив, по совршената дикција, употреба на литературниот македонски јазик, насмевката, умереноста, накусо таа е една од ретките водители во македонскиот телевизиски етер, која во име на професионалноста не потпадна под модерните трендови во кои често многумина знаат да се загубат, а гледачите да се прашуваат „што рече!?“. Билјана Дебарлиева е своевиден бренд меѓу водителите и токму затоа секогаш ни е мерак да ја гледаме, да уживаме во емисиите во кои, под нејзина палка, доаѓаат до израз гостите, а водителот – како што е редот – мудро не мудрува, туку предност им дава на оние што ги повикала во студиото, додека акцентот се задржува на темата, без лутање и „дигресии“.

По цели 11 години поминати во ТВ Канал 5 како презентерка на вести и речиси осум години како водителка на емисијата за здравство „Визита“, Билјана Дебарлиева, како што вели, „сосема случајно, веројатно за мене и неочекувано“, добила понуда да ја води емисијата „Фактор здравје“, која се емитува на „ТВ 24“. Не ѝ било лесно и едноставно да ја донесе одлуката, ама сепак одлучила да ја прифати понудата и да ја направи промената, размислувајќи во насока дека секоја дадена можност, шанса, не треба да се пропушта.

– Дополнително ми беше предизвик и тоа што повторно ќе бидам дел од проект во кој се третира здравјето. Секој ден, од понеделник до петок, во 9.15 часот, во „Фактор здравје“ обработуваме најразлични здравствени теми, со можност и гледачите да се вклучат телефонски и да побараат совет од стручни лица, лекари, за проблемот што го имаат во моментот, објаснува Дебарлиева на почетокот од разговорот што го водиме со мал филџан еспресо.

Веќе подолг период се дружиш со здравствените теми. Како една несудена правничка, адвокатка, плива во здравствените води? Што те привлекува и те држи да останеш во оваа сфера?

– Во мојата долгогодишна водителска кариера сум обработувала теми од најразлични области и сфери на животот и секојдневието. Но, некако посебно се пронајдов во темите поврзани со здравјето, проблематика што долги години во континуитет ја обработуваме заедно со лекарите, упатувајќи на тој начин порака и совет до гледачите за секој здравствен проблем, за важноста на превенцијата и подигнување на свеста дека здравјето секогаш треба да ни биде на прво место.

Фото – Антонио Станков

Имам впечаток дека здравиот начин на живот, здравата исхрана, грижата за сопственото здравје, психичка и физичка благосостојба, сè повеќе станува опсесија и за Македонците, на што сметаш дека се должи ова „освестување“ и кај кои генерации доминира?

– Се согласувам дека се посветува поголемо внимание и грижа за сопственото здравје, би рекла кај секоја возрасна група и во секоја доба од животот, во смисла на менување на животниот стил, кој подразбира физичка активност и здрава исхрана. Се надевам дека младите не го прават тоа само за да имаат убав изглед и совршено тело, туку и заради добро здравје и добро функционирање на организмот. Не е важна причината поради која одлучиле да ја направат промената, важно е да ги чувствуваат бенефитите по своето здравје и на тој начин да се стремат кон убава и здрава долговечност.

Кога здравјето е во прашање, што лично ставаш во приоритет, здравата исхрана или честите прегледи?

– И здравата исхрана и редовните прегледи се еднакво важни и треба секој да ги практикува, зашто превенцијата е многу важна во одржување на здравјето. Како што велат лекарите, подобро да спречиме отколку да лечиме, а тоа ќе го постигнеме доколку навреме ги правиме прегледите што се препорачани според полот, возраста, состојбата на организмот. Во поглед на исхраната, веќе години наназад избегнувам да јадам благо, слатко во поголеми количини, кафето го пијам без шеќер, леб сè помалку јадеме со сопругот, газираните сокови комплетно ги исфрлив од менито, а вода пијам буквално по два литра дневно.

Една изрека вели дека „најдобар од сите лекови е одморот“. Колку време навистина имаш за одмор во денот, кога си легнуваш навечер, кога се будиш наутро и со каква мисла?

– Одморот и добриот квалитетен сон се предуслов за добро здравје. Мислам дека е привилегија да се има добар сон во ова денешно динамично и бурно време на живеење. Без разлика што секое утро станувам рано, никогаш не сум легнала пред полноќ. Веројатно и организмот ми е навикнат на тоа темпо, па 6 до 7 часа квалитетен сон ми се доволни за следниот ден да можам да одговорам на сите обврски што ме очекуваат. Се будам со позитивна мисла, правам план за сè што треба да завршам дента, си оставам доволно простор пред да почнам со подготовките да испијам едно македонско кафе, без кое мислам дека не би можела да го почнам денот.

Која е денес Билјана надвор од телевизискиот екран, во што верува, на што се надева, што и кого сака?

– Мајка, сопруга, пријателка, личност како и секоја друга жена во нашево секојдневие, опкружена и обременета со сите предизвици што ги носи денот, неделата, животот. Оптимист кој верува дека следниот ден ќе биде подобар од претходниот, дека секогаш по дождот доаѓа сонце. Ги сакам убавите мали нешта, тие ме прават среќна и повеќе ме радуваат. Сакам да патувам, да сум секогаш со моите најблиски, со семејството, а во последно време настојувам да се дружам само со позитивни и искрени пријатели.

Фото – Антонио Станков
Фото – Антонио Станков
Фото – Антонио Станков
Фото – Антонио Станков

Слични објави

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо

(Видео) Црногорската инфлуенсерка ја шокираше јавноста со својата изјава: Деца, ако учите, ќе можете да ми го миете автомобилот

Еспресо

(Фото) Ќерката на Цеца скршена по страшниот напад во Загреб: Анастасија се огласи со срцепарателна порака

Еспресо

(Видео) Рапер брутално убиен на паркинг: Се појавија вознемирувачки снимки

Еспресо
Се вчитува....