12.8 C
Скопје
17:52 - 25 април, 2024

Колумна на Горан Величковски: Глупо е да се носи танга на планина

На времето имаше драмска претстава „Вагинални монолози“. Овој текст слободно може да се нарече „Курајберски дијалози“.
1.
Не можам да се изначудам колку сме чудни ние луѓето. Секое лето преферираме да одиме на море или езеро и да се печеме како гуштерчиња. Надвор 40 степени, се туткаме под чадори, лежиме на лежалки, пиеме вода како сомови, а сè со цел да поцрнeме и кога ќе се вратиме на работа да го покажеме магичниот тен. Летниот туризам нема ама баш никаква поента, глупо е, бе човече, да се пржиш, да гориш, да фаќаш сончаница и да викаш колку сето тоа е здраво. Приказните од типот дека е многу полезно да се дише јодот од морето се чиста бесмислица бидејќи не постои доказ дека луѓето што живеат покрај море се подолговечни од тие што не живеат до вода. Значи, тезата за јодот е класична „бабина деветина“ измислена заради комерцијални цели. За разлика од летниот, зимскиот туризам има поента – скијаш, санкаш, дишеш планински воздух.
Што е финтата на дијалогов што го правам сам со себе? Кратко и јасно, во јули и август треба да се оди на планина, и тоа што повисоко толку поубаво и поздраво. Ама пустото, глупо е да носиш танга на планина.
2.
Зошто славиме родендени? Викаш роднини, па они ти носат подароци, па те бацуваат, па дуваш свеќички, па пиете и јадете, а утре ви е лошо. Ај кога си дете роденденот има некаква поента, демек ќе се соберат другарчињата па ќе си играат, ама кога гледам како педесетгодишни дами и господа собираат по педесет души и слават роденден, ееее тоа ми нема никаква смисла. Многу неважен е денот кога си се родил од едноставна причина што тоа е само ден кога си се родил, а со самото тоа ништо значајно и не се случило. По мене, на роденденот најубаво е да си ги почестите со внимание, бакнеж и сладок муабет родителите што ве направиле. Дефинитивно Рамбо Амадеус тоа го има испеано во генијален стих – „Фала ти мајко што си ме родила, што си са оцем љубав водила“, или во превод, фала ти, мајко, што ме роди и што со тато си се онадила.
3.
„Курајберските дијалози“ ги продолжуваме со последната мода, а тоа е објавување некролози на Фејсбук. Пази човече, ти умира некој во фамилија и ти пишуваш ферман од 150 реда во кој раскажуваш приказни од заедничкиот живот со упокоениот, кажуваш колку таа личност била добра, фантастична, чесна, па продолжуваш со патетика за на крај да се заврши со зборовите – ангелите нека ти го осветлат патот, или никогаш нема да те заборавам, или лесна ти земја, или имај вечен спомен. Прво, кај, бре, луѓе, наоѓате време и сила во тие моменти да пишувате текстови? Второ, зар лајковите и изразите со сочувство ќе ви ја намалат болката? Трето… Нема трето!
4.
Колку човековата маркетинг безобразност може да биде вообразена покажува примерот со сечканата туна наречена „Хепи туна“. Секогаш кога ќе ја отворам туната да ја јадам, ми преседнува во грклан и уста не ми се отвора. Жена ми тогаш е најсреќна и си ја јаде цела коментирајќи дека сум будала. Како и да е, веќе јадам само сардина во сос од домати. Таа барем не е сечкана и не е прогласена за среќна.
5.
Кога сме на тема јадење, многу ми се чудни луѓето што „палат“ кола и одат да кркаат плескавици во Ниш, Врање, Приштина итн… Човече, зар не те мрзи да возиш, да потрошиш 30 евра за бензин, да плаќаш патарина, да чекаш на граница и сето тоа заради јадење, прашувам пријател што често си прави вакви екскурзии.
– Не, треба да пробаш и ти, Србите прават најубаво месо на свет, три дена ми стои плескавицата во уста.
Или е јако месото или три дена не миеш заби, си мислам.
Неговиот поглед е полн со презир, јас за другарчето сум старомодно магаре.
6.
Ќерката на друг мој пријател сега ќе се мажи и кај нив во фамилија настана вистински пекол. Запнал типов да вика први и втори братучеди на свадба, ангажирал народна музика, сака младоженецот да дојде по ќерка му, а таа преферира само журка со млади луѓе.
– Во право е ќерка ти, му велам, па нејзина е свадбата…
– Ја види мајката, свадбата е на сите нас, мене братучедите ме викале на свадба, ќе ги викам и јас нив.
– А ги знае ли ќерка ти?
– Ги има видено два-три пати.
Дијалогот стана бесполезен кога другарчето се дообјасни – ете им шанса на младите подобро да се запознаат со сите нивни роднини.
7.
Пред пар денови сосема случајно на улица се сретнав со едно школско другарче од основно.
– Кај си, бе, човек, што правиш?
– Супер што се видовме, а, бе, не знаеш колку сакам еден ден да излеземе и да се изнамуабетиме – ми рече.
Заменивме бројчиња, се гушнавме, си ветивме дека ќе се чуеме.
Го побарав прв, му викам кај си, кога да се видиме, а он мене – извини, ме бара брат ми на втора линија, ќе те барам одма.
Не ме побара, ама знаев и дека нема бидејќи тој нема брат, туку сестра.

 

Слични објави

(Фото) Ана Ивановиќ носи часовник од 500.000 евра! Убавата тенисерка прошета уникатен „Ролекс“

Еспресо

(Фото) Црна позадина, без зборови: Поранешниот сопруг на покојната водителка Бојана Јанковиќ занемен од тага и болка

Еспресо

Сеќавање на Велибор Џаровски-Џаро: „Животот е едно големо зезање“

еспресо

Откриени детали од судењето на Гоца Тржан и Маја Николиќ: Пејачката е подготвена за војна со инфлуенсерката

jasmina.kantardzieva

(Фото) Мина го покажа лицето на синот што го доби со Амиџиќ: Тој е плод на најголемата љубов што сум ја почувствувала во животот

Еспресо

(Видео) Вељко го исполни ветувањето: Расплакана Цеца му шепна емотивни реченици на синот по мечот

Еспресо
Се вчитува....