Актерот Дритон Вејсели, кој стана популарен со улогата на Талат во хумористичната серија „Преспав“, откри дека сè уште нема постојано вработување во ниту еден театар. Во гостувањето во поткастот на Стефан Лазаров, Вејсели зборуваше за разочарувањето од начинот на кој функционираат вработувањата во театрите, но и за ветувањето што некогаш го добил, а не било исполнето.
На прашањето на Лазаров како е можно актер како него сè уште да нема работа во државата, Вејсели одговори:
„Истото прашање и јас си го поставувам. Немам матичен театар. Досега не сум имал понуди. Имав еден краток период кога бев вработен во Театар Комедија, имав договор на дело, со ветување дека на наредниот конкурс ќе бидам примен“, раскажа актерот.
Тој откри дека иако бил ангажиран во неколку претстави, на крајот работното место го добил друг актер.
„Јас таму бев дел од неколку претстави. После тоа дојде еден директор, вработи друг пред мене и така останав. Сега играм претстави копродукциски“, рече Вејсели.
На прашањето дали е разочаран од ваквиот однос, актерот призна дека не му е сеедно, но дека се труди да го зачува позитивниот дух, кој му е неопходен за професијата.
„Покрај сè што се случува и не се случува, мораме некако духот да си го одржуваме како актери, како комичари, зашто тоа е единствениот материјал кој го користиме. На пример, еве, комедија правам, морам да сум расположен. Мора и покрај сè што се случува, душата да биде чиста“, рече актерот.
Вејсели не го криеше разочарувањето од системот на вработување во државните институции.
„Навистина ме разочарува што некои работи така функционираат кај нас во државата. Сите државни вработувања се малку специфични“, рече тој.
Актерот смета дека конкурсите за вработување во театрите често се однапред договорени и дека талентот и работата не се секогаш пресудни.
„Тоа е како договорена работа. И да дојде Ал Пачино, ќе треба да чека ред да се вработи во театар. Тоа се некои договорени работи и не може тука никој да влијае. Тоа е непишано правило“, кажа Вејсели.
На крајот, кога Лазаров го праша дали причината за тоа што не е вработен е што нема врски, актерот кратко одговори:
„Врска немам“.
View this post on Instagram
