9.8 C
Скопје
06:33 - 19 март, 2024

Интервју со Зоран Радомировиќ – Шваба: Сакам кога луѓето не знаат кој сум ни со што се занимавам

Со музика почнал да се занимава од средината на 70-те години, во 1982 година со Милан, Гаги и Џинџер го формирале бендот „Катарина II“, а од 1986 година е басист на култната група „Електрични оргазам“, кога со албумот „Дисторзија“ го реализирале првото големо враќање на сцената, а оттогаш се и хитовите „Дебела девојка“, „Јас сум тежок како коњ“, „Вуду блуз“, „Ша ла ла“, „Капетан Есид“… „Електрични оргазам“ годинава  го прославува својот 40-ти роденден. Интересно е што биле формирани непосредно по импресивниот белградски концерт на „Леб и сол“ во Домот на синдикати, во 1980 година.

По двапати одложениот славенички концерт на супериорниот бенд „Електрични оргазам“ поради коронакризата, најавен за март, па за јуни, веруваме дека на 11 септември конечно ќе ги видиме на сцената на стадионот на АРМ во Скопје. И со сè срце ги очекуваме. Во меѓувреме, муабетиме со легендарниот басист Зоран Радомировиќ – Шваба на што друго, ако не на тема музика.

Популарноста има многу лица, нешто добиваш, а нешто губиш, кога си јавна личност дел од тебе им припаѓа на сите. Тоа на почетокот годи, додека си млад, но со годините популарноста почнува да пречи, многумина земаат право да се вмешаат во твојот живот, а ти ја губиш приватноста.

Каков беше рокенролот во годините кога почнавте да свирите, а каков е денес?

– Со музика почнав да се занимавам на средината на седумдесеттите години на минатиот век, со поаѓањето во средно училиште. Не ни претпоставував дека тоа беше златната доба на рокенрол музиката. Рокенролот беше еден од аспектите на поширокото општествено движење на тоа време, сè уште не беше комерциализиран во мера во која е денес, па така од тоа време остана многу квалитетна музика, која сè уште ја слушаме.

Кои беа тогашните „правила“ за да се стане успешен музичар во поранешна Југославија и што значеше да се биде славен?

– За да стенеш успешен музичар мораше да се посветиш само на тоа, својата енергија да ја вложиш во музиката, при тоа да бидеш талентиран и најважно, да го чувствуваш духот на времето во кое живееш.

Накусо, како денес од овој агол, гледате на вашиот пат кон славата?

– Не се занимавав со музика за да станам славен, славните за мене беа нешто големо, надвор од овој свет, бев задоволен од тоа што јас го работам и се трудев да напредувам. Работев во друштво на луѓе со кои најдов заеднички јазик, свиревме од задоволство, работејќи онака како што мислевме дека треба. Славата доаѓа после многу години работа и за мене претставува некој вид обврска што ја имаш кон публиката. Славата е товар, те тера да ја оправдаш.

Што добивте од популарноста, но и од државата?

– Популарноста има многу лица, нешто добиваш, а нешто губиш, кога си јавна личност дел од тебе им припаѓа на сите. Тоа на почетокот годи, додека си млад, но со годините популарноста почнува да пречи, многумина земаат право да се вмешаат во твојот живот, а ти ја губиш приватноста. Сакам кога луѓето не знаат кој сум ни со што се занимавам, тогаш можам да бидам тоа што сум.

Од државата ништо не очекував, ниту добив. Занимавањето со рокенрол тоа го подразбира, тој е субверзивен и противник е на системот. Член сум на Здружението на музичари на џез, забавна и рок музика на Србија од 1979 година. Од 2011 година имам статус на слободен уметник.

Од државата ништо не очекував, ниту добив. Занимавањето со рокенрол тоа го подразбира, тој е субверзивен и противник е на системот.

Можете ли да ни го опишете денот и чувството кога бевте предгрупа на „Ролинстоунс“?

– „Ролингстоунс“ е група која обележа една епоха, епоха во која јас израснав. Самиот факт дека свириме на иста бина ги исполни моите детски соништа и направи да се чувствувам како дел од големиот планетарен рокенрол циркус. Таа иста година, некој месец подоцна, „Електрични оргазам“ свиреше на турнеја низ градовите во САД, па така таа 2007 година ми остана во најубаво сеќавање.

Како гледате на тоа што денес интернетот е доминантен медиум во презентација на музиката? Кои се предностите и недостатоците?

– Интернетот стана доминантен медиум во многу области на животот, па и во музиката. Мислам дека интернетот веќе ја менува музиката, музиката денес се слуша од интернет, полека исчезнуваат класичните носачи на звук и индустријата која одеше со нив. Голем дел од рокенрол иконографијата ќе престане да постои на стариот начин. Секое време има свои предизвици, треба да се оди во чекор со времето и да се користат современите технологии. Електричните гитари некогаш се сметаа за нова технологија и многумина не ги прифатија, така е и денес со интернетот. Музиката ќе најде пат низ секој медиум, треба да се биде отворен кон новото и прилагодлив на сегашното време.

Не се занимавав со музика за да станам славен, славните за мене беа нешто големо, надвор од овој свет.

Кој басист ве инпирира?

– Слушав многу извонредни басисти, но само еден е Џако Пасториус, басист после кој бас- гитарата веќе не беше иста. Голем иноватор и инспирација.

Кој е Ваш омилен албум од „Електрични оргазам“ и омилена песна, и зошто?

– Првиот албум што го снимив со „Електрични оргазам“ е воедно и мојот омилен, „Дисторзија“. Излезе во 1986 година за загрепски „Југотон“. На него се чувствува енергијата на новата постава на групата, па така слушањето на плочата моментно ме враќа низ времето. „Капетан Есид“, песната што ја затвора плочата, ми е најдрага.

Со роденденски репертоар што ги вклучува сите песни што ја обележаа кариерата на супериорниот бенд требаше да настапите во Скопје, но концертот беше одложен поради коронавирусот. Кога ќе ве видиме, дали на 11 септември? И што ни подготвувате?

–   Поради оваа ситуација со корнавирусот двапати го одложувавме почетокот на роденденската турнеја на „Електрични оргазам“, се надевам дека се гледаме на 11.09.2020 година во Скопје. На списокот песни е пресек на кариерата на групата, од првиот албум до денес.

 

Слични објави

(Фото) Ким Кардашијан покажа ретка фотографија пред пластичните операции: Нема да ја препознаете!

еспресо

„Немам дечко веќе 40 дена“: Дара Бубамара отворено за мажите и врските

Еспресо

(Видео) Лозано има нова песна, слушнете ја „Бариера“

еспресо

Невкусен мајтап на Ким Кардашијан на сметка на „исчезнатата“ принцеза: „Одам да ја најдам Кејт“

еспресо

(Видео) Теа Таировиќ провоцира: Пејачката заводливо танцува во тесни хеланки

jasmina.kantardzieva

(Фото) Популарниот диџеј Дејвид Гета третпат стана татко: „Сијан, добредојде“

еспресо
Се вчитува....