Идејата да се погледне квалитетен филм секогаш доаѓа во вистинско време, а посебно кога сите сме затворени дома, па постојано си бараме нови занимации.
Оваа недела ви предлагаме да го погледнете филмот „The Aftermath“, во кој главната улога ја толкува прекрасната Кира Најтли, а станува збор за воена драма, поточно за една голема љубов, која бруталноста на војната ја победува и едноставно не може да го пронајде својот баланс за да опстои.
Покрај Кира Најтли, во филмот во главните улоги се појавуваат уште и Џејсон Кларк, Џо Шрафнел и Ана Ватерхаус, додека остварувањето е во режија на Џејмс Кент.
На угледната страница на „IMBD“, филмот „The Aftermath“ може да се пофали со оценка од 6.3 ѕвездички, додека на престижната страница „Rotten tomatoes“, тој е опишан како „остварување кое со сигурност ќе ги освои најстраствените обожаватели на драми“.
Краток опис за филмот:
Дејството е сместено во Хамбруг, во 1946 година, по самиот крај на Втората светска војна, кога Рејчел Морган (Кира Најтли), пристигнува во овој град од Лондон, каде треба повторно да се сретне со својот сопруг, со цел да започнат нов живот во Германија.
Но, откако се среќава со сопругот Луис (Џејсон Кларк), Британката Рејчел доживува нешто што таа не го очекуваше.
Луис, кој е висок функционер и на кого му е доделена куќа во Германија, носи одлука да ги остави поранешните сопственици на куќата да живеат со нив, иако станува збор за државјани кои биле поданици на претходниот систем.
Рејчел е опишана како дама која буквално не може да смисли Германец, меѓутоа, токму со архитектот со кого ќе биде принудена да живее, ќе започне неочекувана љубовна романса, откако нејзиниот брак со Луис претрпува огромни последици поради војната.
„The aftermath“ е вистинска љубовно воена драма, која иако трае речиси два часа, нема воопшто да ве измори, напротив, ќе бидете сведоци на повторно реинкарнирање на една веќе „мртва љубов“.
Погледнете го трејлерот: