9.8 C
Скопје
13:26 - 31 март, 2026

Од плакарот на Анита: Муабет со комшиката

Откако не знам веќе по кој пат и овој ден го пројдов чистејќи го домот, ги „сотрев“ бактериите и ја направив мојата трета „генералка“ за декември, излегов на терасата да ја фрлам и последната честичка прашинка. Таму, комшиката на соседната тераса гордо „тегне“ од своето цигарче.

– Аман комшике, душа ѝ извади на правосмукалката, прозорциве ти сјаат, ме ослепуваат, постојано переш, џогираш и гланцаш, ти доаѓа и жена за чистење, а ти пак повеќе чистиш од неа, станот на средство за дезинфекција ти мириса – ми вели таа загрижено.

– Ела, приближи се да ти шепнам нешто – се приближив уморно, да слушнам … и слушнав… – Немој толку да ја чистиш куќата, ќе си ја исчистиш среќата!!!

– Ауу среќата? Со чистење на куќата и среќата ја чистам?

– Да, да ќе си ја исчистиш среќата, ќе ја избркаш од домот!

Се насмеав зачудено и загрижено, ја испратив со чудна мимика и си влегов во домот.

Си ја чистам среќата? Затоа ли мене нешто во животов ми чкрипи?! Веднаш ги облеков чевлите, да, оние зимските со малце кал на нив и кога се разгазив по теписите, за мерак, шетам лево-десно, во една па во друга соба, марширам и внимателно следам да не ми избега некој ќош. Одам во кујната, си ставам едно мерачко кафе да се напијам, како мешам со лажичката така засилувам, нека прсне малку на подот и плочките. Си ставив и сок, а како се движам кон дневната така подрипнувам од радост, нека прсне од сокот насекаде. Среќата мене ќе ми бегала? Аха, ги растурив и алиштата, фрлив по некое парче облека на секое столче. Го растурив и креветот и уште еден куп алишта фрлив врз него.

Среќо, сега ќе видиш ти! Влегов во бањата и кога се распрскав со вода, нека има, дури до таванот. Играчките од детето буквално ги расфрлав низ целата куќа, нека биде шарено. Извалкав неколку чинии и тенџериња и ги распослав низ кујната. Малку шеќер, малку сол истурив на подот, како јинг и јанг да ја чуваат среќата. Ги размачкав и прозорците и масите, истурив и земја од цвеќињата, нека биде што повалкано. Каде ќе бегаш сега, среќо моја?

Едно кафе и за неа сварив, нека седне нека се укотви и никогаш нека не замине. Нема каде да ми бега сега!

Хмм, конечно се освестив после час-два и седнав во хаосот. Седам и гледам, а почнав и да мислам – прво нешто што ми дојде на памет… за новата „генералка“ да ја повикам жената или пак комшиката?!

Слични објави

Ако се укине промената на времето, кое време е најдобро да се задржи?

Еспресо

Време е за освежување на домот – пролетно чистење според правилата на фенг шуи за нова енергија

Еспресо

Би платиле ли некому 26.000 евра за да му даде име на вашето дете? На неа ѝ плаќаат токму толку!

Еспресо

Утре се слави Младенци, празникот на љубовта

Еспресо

Нарцисот го добил името по Нарцис, момчето што се вљубило во својот одраз – прочитајте ја легендата за парадоксот на љубовта

Еспресо

Го занемаруваме, а најбрзо старее: Како правилно да го негувате деколтето

Еспресо
Се вчитува....