21.8 C
Скопје
12:29 - 29 март, 2024

Марија Соколоска, нутриционистка: Здраво слабеење значи намалување на половина до еден килограм неделно

Нутриционистката Марија Соколоска животниот пат ја одвел од Кочани преку Бугарија и Скопје, па преку Прилеп до Лондон. Всушност, тогаш и не била нутриционистка, не знаела многу за здравата исхрана, поминувала низ фази кога се борела со вишокот килограми, а ја мачеле изгорениците на телото. Преживеала 29 операции, но не ги загубила оптимизмот и надежта дека мора да биде подобро, па така решила да си го промени животот, а за почеток, да ослабне и да научи повеќе за здравиот начин на исхрана. Така сè почнало, од првата посета на теретана до првиот нутриционистички курс, до првиот сертификат, а следувале бројни други. Особено е горда на дипломата за петти степен на напреден нутриционизам и на специјализацијата за слабеење на жени. Да, добро прочитавте, на жени. Марија е махерка за „вајање“ на женски силуети, за „топење“ на вишок килограми, или со други зборови, дајте ѝ полничка или обезна жена на третман, а таа од неа ќе направи модел.

Нашата ведра соговорничка, која плени со животна радост, е махерка и за мотивација, па ако „паднете“ во нејзини раце, бидете сигурни дека ќе стасате до целта. Во тоа се уверија стотици наши жени, кои за време на домашната изолација ги следеа упатствата на Марија и си го променија не само изгледот, туку и стилот на живот. И тоа, гратис.

Проблемот со изгореници по целото тело и физичката попреченост водеа до зголемување на телесната тежина. Во еден период почувствував дека веќе сум изгубена во своето тело, барав начин како да ја намалам тежината.

Како од Кочани дојде и остана во Лондон?

– Родена сум во Кочани, каде што живеев до осумнаесеттата година, подоцна заминав на студии во Бугарија и дипломирав на Меѓународно право и дипломатија. Животот ме однесе насекаде. Откако дипломирав, се преселив во Скопје, но тоа не беше мојата последна станица. Се омажив во Прилеп, таму основав семејство, но некако не се пронајдов. Отсекогаш сакав да го спознаам светот, многу патував, израсната сум во семејство во кое мајка ми има туристичка агенција. Но поради мојот живот во кој доминираше борбата со сопствениот физички изглед, со моите изгореници по целото тело, се посветив на истражување за можностите на пластичните, реконструктивни операции. Пронајдов дека во Англија, односно во Лондон, постои одличен метод. Така заминав таму, да видам дали може да го применам методот и да направам реконструктивна операција. Во Англија ме привлекоа културата и системот на земјата, па останав.

Кај нас не е популарна таа разлика, но во светот – да, да ја објасниме накусо разликата меѓу диетолог и нутриционист.

– Диетичарите се сертифицирани да рабоатат со клинети, кои се со хронични заболувања и  работат во клиники или болници. Тие изработуваат алтернативен третман врз основа на идејата за лекување, работат со тимови за лекување на комплексни клинички состојби, како нарушувања во исхраната, дијабетес, цревни нарушувања, пациенти со карциом и така натаму. Од друга страна, нутриционистите се специјализирани за губење на телесна тежина, даваат информации за исхраната, но не и на клиенти со посебни медицински состојби. Ние правиме иследување за да ја дознаеме причината за проблемот на една личност и да им помогнеме да го надминат тој проблем. Во нашите планови, кои ги прилагодуваме на клиентот, понекогаш вклучуваме и вежби.

Дали некогаш си имала самата проблем со килограмите? Кога и како кај тебе се јави интересот за здрав живот и за здравата исхрана?

– Проблеми со телесната тежина сум имала во различни периоди од животот. Проблемот со изгореници по целото тело и физичката попреченост водеа до зголемување на телесната тежина. Во еден период почувствував дека веќе сум изгубена во своето тело, барав начин како да ја намалам тежината. Тогаш почнав да трагам по информации, да посетувам теретана, се консултирав со луѓе кои ослабнале, но сепак, сфатив дека морам да започнам да го менувам мојот стил на живеење. Се запишав на првиот курс кој ми помогна да ја научам тајната на слабеењето. За мене храната е 80 отсто најважна при прпоцесот на слебеење, а на другото припаѓаат 20 отсто. Со постојана едукација и истражувања го составив и мојот единствен метод за слабеење насловен „Ит д реинбоу“, кој ја дава слободата на избор на посакувана храна, во кој не се наметнува ниедна храна, а исхраната само е избаласирана и модифицирана.

Имав преку пет илјади жени кои наизменично се приклучуваа на мојот профил на социјалните мрежи, се сплотивме сите, слабеевме и се дружевме.

Зошто одбра да се специјализираш за диетен режим наменет само за жени?

– Жената за мене е нешто свето, таа поминува низ различни фази во животот, за разлика од мажите, генетските предиспозиици на жената за зголемување на телесна тежина се далеку повисоки од оние на мажите, потоа бременоста, менопаузите, хормоналните дисбаланси и многу други работи доведуваат до тоа жената да биде на поголем ризик од мажите за зголемување на телесната тежина. Токму поради тие фактори сакав да се специјализирам и да им помогнам на жените, но и од самиот факт што и самата имав зголемена телесна тежина. Сепак, морам да нагласам дека ние жените сме подисциплинирани, поистрајни и поиздржливи од мажите при процесот на слабеење.

За време на периодот на изолација, преку социјалните мрежи активираше огромен број жени да започнат правилен режим на искрана и резултатите беа извонредни. Колку жени всушност беа вклучени во овој проект за слабеење и кои беа најголемите успеси?

 Сè почна многу спонтано. За време на изолацијата останавме дома, а јас сакав да бидам поблиску до моите пријатели од Македонија и насекаде низ светот, па така прво го направив проектот за слабеење за нив. Но подоцна една жена, на една од интернет-групите, побара помош за некаква напивка за помош во процесот на слабеење, а јас им го дадов мојот рецепт што сама го дизајнирав и што се дозира кај секој различно. Потоа следуваше помошта околу исхраната. Така почнаа да се приклучуваат многу жени, што на крајот немаше веќе место на мојот профил и отворив и друг, не очекував дека толку многу жени ќе се заинтересираат. Имав преку пет илјади жени кои наизменично се приклучуваа на мојот профил на социјалните мрежи. Резултатите беа одлични, а јас бев пресреќна што склопив многу пријателства. Некако се сплотивме сите, слабеевме и се дружевме. Жените се едуцираа, се мотивираа и се забавуваа. Проектот траеше шест недели и искрено, ми недостасува тоа дружење. Планирам повторно да направам предизвик и да им помогнам на жените кои не можат да си дозволат да платат нутриционисти. Имаше жени кои за шест недели загубија и по 12 килограми, а многу од нив научија и за исхраната, за комбинациите на храна и за тоа колку е важна водата и распределбата на оброците.

Ивана Петров солабнала 14 килограми за 8 недели.
Мира Груеска „стопила“ 10 килограми за 8 недели, и намалила 16 см. во обем.
Весна Филипова

Што препорачува диетата која ја промовираш и која сама си ја дизајнирала?

Морам да ве коригирам, мојот метод не е диета, туку начин на живот. За да се намали телесната тежина кај жената влијаат многу фактори, не е само напишаната индивидуална програма на лист хратија, туку и дисциплината, менталната подготвеност, сонот, водата, правилната распредлба на оброците, и уште многу други фактори. Во мојот метод им ја давам слободата да ја изберат храната што тие ја сакаат, јас само ја комбинирам, ја модифицирам и додавам некои нутриниенти што ќе го доведат организмот до еден баланс и ќе помогне во намалување на тежината.

Се вели дека убавите летни тела се вајаат во текот на зимата, а летото е веќе пред нас, дали препорачуваш брзи диети и колку се тие ефикасни, имаат ли нус-појави или јо-јо ефект?

– Секоја жена има желба што побргу да ослабне. Но брзите диети секогаш даваат  јо-јо ефект, а калорискиот дефицит може да доведе до непосакувани дејства и да го загрози здравјето, да се наруши хормоналниот баланс и да предизвика многу други ризични фактори. Не е важно само да се ослабне, за мене најважно е да се слабее здраво. Многу жени посегнуваат и по опасни таблети за слабеење и разни чаеви, со желба што побрзо да се изгубат килограмите. Природата ни дала сè, треба да се има само добро изработен индивидуален план на исхрана и да се практикува соодветна физичка активност. Најдобро е да се намалува телесната тежина бавно, но сигирно. Здраво слабеење значи намалување на половина до еден килограм неделно.

Искрено, за колку време реално можат да се „стопат“ десет килограми со умерена физичка активност?

– Зависи од многу фактори, па различно е кај секоја жена. Вагата не е секогаш показател. Многу често жените се демотивираат кога се раководат според вагата, зашто тежината може да остане иста, но да се изгуби на обем. Треба да се прави разлика меѓу телесната тежина и губењето на масти во телото. Важно е жената да остане детерминирана и истрајна, да не дојде до демотивација. Килограмите не дошле одеднаш и нема да заминат одеднаш. На телото му треба време. Најважно е да се врати енергијата и да се зачува здравјето.

Вагата секогаш не е показател. Многу често жените се демотивираат кога се раководат според вагата, зашто тежината може да остане иста, но да се изгуби на обем. Треба да се прави разлика меѓу телесната тежина и губењето на масти во телото.

Каков треба да биде идеалниот индекс на телесни масти (БМИ) кај една жена и како може сами да ја пресметаме идеалната телесна тежина според висината и возраста?

– Идеаланиот индекс на телесна маса кај жените се пресметува со формула. Ако вашиот БМИ е помеѓу 18.5 и 24.9 тогаш е нормален. Намалена телесна тежина значи индекс под 18.5, зголемен – од  25 до 29.9, а 30 и нагоре значи прекумерна телесна тежина. Индексот на телесна маса едноставно се пресметува, формулата е БМИ = кг /м2, при што кг се телесната тежина на една жена, а м2 е висината во метри квадратни. Постојат бројни калкулатори на Интернет кои веднаш ќе ви го одредат вашиот идеален индекс на телесни масти.

Што е најважно во мотивацијата да се издржи еден диетен режим до крај?  

– Кога една жена почнува со трансформација, на почетокот секогаш е најважно што таа веќе излегла од својата комфорна зона, и со тоа веќе педесет проценти од успехот е гарантиран. Да се остане мотивиран во целиот процес е клучен фактор. Доколку се работи со професионалци на кои им ја дале довербата, тие треба да го одржат клиентот мотивиран и да не дозволат да дојде до демотивација, да се пребродат евентуалните кризи и да не дојде до „кревање раце“ од целта, односно до откажување. Затоа постојаната комуникација со клиентот е многу важна во одржувањето на мотивираноста. Жената емотивно осицилира во текот на процесот, и тоа е нормално. Важно е да се продолжи и да не се отстапува. Нереалните очекувања обично водат до разочарување, затоа кога се разговара со клиентот секогаш се прашува која е неговата цел, за да одреди пред сè психичката подготвеност и да се одреди пристапот кон целта.

 

 

Слични објави

Момченце починало поради предизвик на Тик Ток: Опасен тренд „хромирање“ се шири на социјалните мрежи

еспресо

Отворена прва продавница за алкохол во Саудиска Арабија: Ќе се купува алкохол со овластување

Еспресо

Мир Божји, Христос се роди! Народни обичаи и верувања за Божиќ: Бидете со најблиските и заедно прославете го Христовото раѓање

Еспресо

Старо верување: Скршете орев на Бадник и дознајте дали среќата ќе ве следи

Еспресо

Каква кармичка судбина ќе имате во 2024 според датумот на раѓање: Декодирајте ја иднината преку персоналната бројка и откријте што ве чека!

Еспресо

Денес го славиме Свети Игнатиј, еве што (не) треба да правите

Еспресо
Се вчитува....