7.8 C
Скопје
16:43 - 18 декември, 2024

Ида Протугер Вељковиќ: Како кормилото на мојот живот го земав во сопствени раце

Со Ида Протугер Вељковиќ, тренер за личен и организациски развој, разговараме на тема како се станува тренер за личен развој, дали ѝ недостига новинарството, каков е животот во Австрија во споредба со животот кај нас и како, всушност, се реоткрила себеси преку новата професија.

Со твојата преселба во Виена, каде што со семејството живеете веќе неколку години, одлучи да се вратиш на старата љубов, психологијата. Како се станува „лајф коуч“ и која е работата на тренерот за личен развој?

– Малку е познато дека јас сум всушност дипломиран психолог. Психологијата ми беше љубов уште од средношколски денови, но по дипломирањето, некако судбината ми ги „смести“ коцките наместо како психолог, да се вработам во Македонската информативна агенција. Во новинарството останав скоро дваесет години, но од 2013 година, кога се затвори неделникот „Граѓански“, ми престана работниот стаж. Истата година забременив, па дојде ново бебе и животната динамика ми се смени. Размислувавме со сопругот за живот во странство, тој доби позиција во ОН во Виена и така се случи преселбата. Првата година ми беше своевиден шок, затоа што од богат социјален живот во Скопје, се најдов во град и земја чиј јазик не го зборувам, без работа и со дете од една година. Размислував опции да известувам од овде за Македонија или да анализирам тамошни случувања. Фактите беа дека овде има малку интересни случувања за македонската публика, а сум далеку од случувањата и изворите на информации таму. Тогаш одлучив дека ќе почнам своја приказна во новиот контекст. Идејата за „лајф коучинг“ ми дојде во разговор со моја блиска пријателка психотерапевт, која ми „ги отвори очите“ за оваа професија, која е прилично нова и во подем. „Лајф коуч“ е називот на англиски, на македонски се преведува како тренер за личен (и организациски) развој, а на германски називот е советник за животни и социјални прашања. Предизвикот секако не беше лесен, затоа што овде државата ја лиценцира оваа професија и тој професионален тренинг трае две и пол години, односно пет семестри. Вклучува 550 часови стручно образование и 750 часови пракса, интроспекција и супервизија. Образованието е на германски, така што прво учев речиси цела година германски на интензивен курс, па после почнав со тренингот за „лајф коуч“. Сега сум во фаза на дипломирање, што се надевам ќе биде скоро по Нова година. Инаку тренингот за личен развој се разликува од психотерапијата по тоа што не се занимава со патологија на личноста. Тоа е професионално советување на индивидуи или пак менаџмент во компании, на кои им е потребна поддршка во надминување на животни ситуации. Некогаш се тоа кризи, некогаш соочување со важни одлуки, секојдневни предизвици, релации со блиски, партнерски односи, но и потреба за развој, односно поддршка во достигнување на лични цели. Бидејќи не знаев дали повеќе ми лежи индивидуално/семејно советување или пак „бизнис коучинг“, ја завршив и обуката и за „бизнис коучинг“, што е посебна диплома, па ќе одлучам понатаму.

Уранија Пировска, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, прашува: Долги години беше активна во новинарството и важеше за една од поуспешните во фелата. Животните околности, нов брак, дете и преселбата надвор од земјата те доведоа во ситуација да не можеш да го работиш она што ти беше професионална определба, а притоа не си жена што е навикната да не биде активна. Како се справуваш со ваквата сигуација, односно како тоа влијае на твоето чувство на исполнетост од интелектуална/професионална гледна точка?

-Точно дека новинарството стана моја професија, но животна определба ми е активност и креација. Мислев дека го „жртвувам“ новинарството за поквалитен живот овде во однос на елементарни услови: воздух, образование, здравство, но всушност неочекувано, јас доживеав голема внатрешна трансформација и личен развој и напредок. Има еден приказ со кој антропологот Џосеф Кембел (под влијание на теоријата на митот на Карл Јунг) го илустрира личниот развој. Образецот се нарекува „пат на херојот“. Прави паралела на митските приказни (каде што јунакот тргнува со некаква мисија, па се соочува со демони, мрачни шуми, неизвесности, па се враќа како победик) со патот на лична трансформација преку животни околности, со помош на „коучингот“ и сл. Јас некако мислам дека го поминав тој пат кон себе овие години и ми беа многу продуктивни на внатрешен план. И тој личен развој продолжува со искуството од работа со клиентите, иако тоа е сега на ниво на пракса. Тука имам и нов социјален круг на пријателки со кои сум многу емотивно поврзана. Така што можам да кажам дека сега сум своја и среќна повеќе од кога било.

Биљана Секуловска, новинар, прашува: Дали ти беше тешко напуштањето на новинарството и колку твојата нова професија има сличности со старата?

– На почетокот имав криза затоа што новинарството зафаќаше огромен дел од мојот идентитет. Ми недостасуваше адреналинот што го носи новинарската професија, тој живот. Сега пак, чувствувам дека повеќе ми одговара оваа динамика. Возбудата доаѓа од многуте нови работи што ги учам и многу читам. Не знам дали е почетничка возбуда или ќе трае, но имам огромен ентузијазам и љубов кон новата професија и тој се зголемува со секој нов позитивен фидбек. Инаку, има многу сличности во двете професии. Двете бараат вештини на комуникација, аналитичност и голема одговорност. Новинарот има одговорност за тоа како ги презентира фактите, да не наметнува свој светоглед, но аналитички да го прикаже контекстот. Слично е и тука. Не се наметнува сопствен светоглед на работите, но споделувате и анализирате информации битни во одреден контекст. Она што е различно е дека ако во новинарството се бара многу често брза реакција, овде е важно трпението. Исто така, професионалното советување вклучува многу емотивен ангажман. Колку и да се одвојува приватното од професијата, не може да не ве допрат проблемите на другите. Границата се поставува со одговор на прашањето дали јас во тоа време кога сум со клиентот, сум вложила максимум и сум го дала најдоброто од себе.

Емилија Георгиевска Наневска, психотерапевт, прашува: Дали имаш дневни ритуали на самогрижа?

– Кога на еден од семинарите зборувавме за уживањето (има еден метод што се вика „Седум правила на уживањето“), сфатив дека имам предрасуда дека е тоа луксуз. Секогаш сум мислела дека постигнувањата се на прво место, а уживањето доаѓа ако останат време и пари. Тоа е заблуда. Ниту е луксуз, туку квалитет во животот, ниту пак за тоа се потребни многу пари, туку свест за она што ни причинува задоволство. Моите мали ритуали за самогрижа се почеток на денот со чаша цеден лимон, па смуди. Кафето го пијам на раат, на омиленото место во станот и тоа ми е како медитација. Вежбам лесни јога вежби за истегнување, одам често и на базен. Кога син ми има активности надвор од градинка, тоа време читам за мое задоволство.

Јана Белчева, претседател на Советот на општина Центар, прашува: Новинарството и истражувањето те карактеризираа со години и беа твој белег во општеството. Но, во новата средина, ти одбра и покажа дека човек мора да се труди, да учи и да напредува и во нови области за да си го најде своето место. Дали низ едукацијата која ја помина ги препознаваш различностите или сличностите на проблемите низ кои минуваат луѓето тука и таму?

– Она што го забележувам како разлика во воспитувањето и образованието е дека овде се едуцираат луѓето да станат возрасни и се инсистира многу на одговорноста. Од друга страна, поставуваат граници во интимизирање. Не се толку блиски и приврзани како луѓето кај нас и воопшто на Балканот. Ова се разбира е воопштено и е моја перцепција. Кај нас пак, има навистина топлина и се негуваат емотивни односи, но одговорноста недостасува. Таков е и односот кон проблемите. Овде луѓето делуваат и преземаат одговорност, а кај нас секогаш некој друг е виновен, друг треба да ја заврши работата. Резултат на таквото образование се функционални институции овде и нефункционални во Македонија. Бидејќи општеството овде е функционално, граѓаните се поопуштени. Некој може ќе рече дека се парите проблем, но мислам дека не. Тука гледам многу скромни луѓе, а опуштени, а во Македонија богати, а нервозни и гневни. Оттука мислам дека функционалноста на институциите, на системот, носи мир и ги намалува фрустрациите. И обратно.

Зошто за тебе лично Виена е град по мерка на човекот?

– Градот овде комуницира со граѓаните. На секој чекор. Кога ќе се случи пожар, невреме, вонредна ситуација, веднаш се бара и се наоѓа решение да им се олесни комуникацијата и транспортот на граѓаните. Нема оправдување дека некој друг е виновен. Едноставно се презема одговорност и се делува кон решенија. Јавниот транспорт е совршен и за каков било застој или промена во возниот ред, надлежните наоѓаат начин веднаш таа да допре до граѓаните. Максималната брзина за возење низ град е 30 до 50 км на час, на улиците има посебна лента за велосипеди. Има многу јавен простор кој е на услуга на граѓаните. Едноставно граѓаните чувствуваат дека некој ги почитува нивните потреби, постојат закони и санкции и тоа прави да се чувствуваат подостоинствено.

Во Македонија сè уште има мал број жени на раководни позиции и во политиката, во споредба со нивните машки колеги, каква е ситуацијата во Австрија? Што мислите, што е потребно да се направи кај нас за да се зголеми бројноста на жените на лидерски позиции?

-Да се подобри образованието и да се подигне свеста. Во учебниците прво да почне да се деконструираат „моделите“ каде жената треба да е грижлива мајка, домаќинка и сопруга, туку да се воспитуваат и образуваат децата да пораснат во самосвесни битија кои имаат право на избор и одлука. Така воспитаните деца нема да имаат предрасуди околу полова поделба на професии и обврски. Одговорна улога во тоа имаат и медиумите и средствата за комуникација. Инаку во Австрија моментално од пет лидери на поголемите политички партии, две се жени.

 

Слични објави

Зошто се длабат тиквите за Ноќта на вештерките? Интересни верувања за еден од најпопуларните празници во западниот свет

еспресо

Огледален датум 24.10.24: Што треба да знаете за овој ден

еспресо

(Фото) Првиот снег стигна на Балканот: Студениот бран патува кон исток

еспресо

Денес е Успение на Пресвета Богородица: Што треба да правиме на овој голем празник

еспресо

Огледален датум 8.8.2024: Што значи овој ден и како ќе ви го промени животот

еспресо

Топ осум производи кои секојдневно ги јадат долговечните Јапонци: Нутриционистите советуваат да ги внесете во исхраната

еспресо
Се вчитува....