-4.2 C
Скопје
03:20 - 23 декември, 2024

Чудниот случај на Мери Тофт: Место деца раѓала зајчиња! (ФОТО)

Нејзиниот бизарен случај се проширил низ земјата како пожар.

Мери Тофт (1701-1763) од градот Годалминг, Велика Британија, е една од најчудните жени кои некогаш живееле на оваа планета. Таа останала бремена во 1726 година и родила зајче.

Нејзиниот бизарен случај се проширил низ земјата како пожар.

„Ни доаѓаат неверојатни вести од Годалминг. Една несреќна мештанка минатиот месец родила зајче, а породувањето го извршил еминентниот лекар Џон Хауард со помош на една бабица. Жената донела на свет суштество што личи на зајак, но неговото срце и белите дробови му биле надвор од телото. Таа родила зајак и 14 дена подоцна, а неколку дена подоцна родила уште четири зајчиња, секој ден по едно. Сите умреле веднаш по раѓањето“, пишувало во неделниот весник „Мистс“ на 19 ноември 1726 година.

Мери тогаш имала 25 години. Таа била неписмена слугинка мажена за млад калфа кројач со кого веќе имала три деца. Таа била бремена, но поради тешката материјална положба во која се наоѓале морала да работи тешки физички работи, поради што абортирала. На денот кога се случил абортусот работела во поле и подоцна тврдела дека видела зајак чиј изглед многу ја вознемирил.

На почетокот од август таа исфрлила неколку парчиња ткиво, за кои рекла дека биле големи колку нејзината рака. Породувањето започнало на 27 септември кога од неа излегле неколку делови од животни. Жената што ѝ помагала била запрепастена од тоа што го видела и веднаш ѝ го покажала на мајката на девојката, Ани Тофт, која и самата била бабица, а таа пак веднаш го известила познатиот хирург Џон Хауард. Тој ја примил веста како обична будалаштина, но сепак, попуштил на молбите на Ана и се согласил утредента да ја посети ќерка ѝ. Откако детално ја прегледал не констатирал ништо чудно.
Наредните денови Мери имала уште неколку породувања, а веста брзо почнала да се шири. Докторот Хауард, кој се заинтересирал за случајот, повторно ја посетил, и според неговиот извештај од деветти ноември, Мери родила три мачкини шепи, една шепа од зајак, утроба од мачка во која се наоѓала една јагула, а во наредните неколку дена уште неколку делови од зајак.

Приказната стигнала и до кралот Џорџ I (1660-1727), па тој го испратил неговиот претставник Хенри Давенант. Во меѓувреме, докторот Хауард ја земал Мери под негова надлежност, нудејќи им на сите кои не верувале да присуствуваат на некое породување и самите да се уверат во бизарната приказна. Давенант, по наредба на кралот, редовно го контактирал Хауард и се распрашувал за состојбата на Мери. На дворот интересот за случајот бил толку голем, што кралот ги испратил неговиот доктор Натаниел Анри и неговиот секретар Семјуел Молина да го испитаат случајот. Тие не биле разочарани – присуствуале на раѓање на зајачко торзо. Дворскиот доктор решил да провери дали зајакот е уште жив и му ги потопил белите дробови во вода. Се испоставило дека тие пливаат и Анри и Молине се вратиле на дворот фасцинирани.

Веднаш по нив, кралот го испратил и неговиот личен хирург Сиријакус Алер, кој ја посетил Мери на 20 ноември и заклучил дека таа нема физички симптоми на бременост. Тој се посомневал дека целата приказна е лага зашто Мери постојано ги држела колената споени, како да се плаши дека нешто ќе испадне од неа. Сомнително му било и однесувањето на Хауард, зашто не му дозволувал да помага при породувањето. Сепак, ги уверил дека верува во нивната приказна и се вратил во неговата лабораторија да ги испита деловите од зајак. Таму утврдил дека тие се сечени со инструменти, а меѓу нив пронашол и трева, па веднаш го известил кралот дека станува збор за измама.

Хауард очигледно насетил дека нешто се спрема и му испратил писмо на Алер во кое барал да му ги врати деловите од зајакот. Кралот бил толку фасциниран од приказната и не верувал дека не е вистинска, па повторно го испратил Анри кај Мери. Таму тој дознал дека Мери повторно родила уште неколку зајчиња, но овој пат имала страшни болки, особено на десната страна од стомакот. Откако ја примил оваа информација, кралот му наредил на Анри да ја донесе Мери на дворот за да ѝ биде пружена најдобра нега. Во Лондон ја дочекал Ричард Менингем, славен доктор со титула витез, кој утврдил дека десната страна од абдоменот е благо зголемена. Во негови раце Мери повторно родила, овој пат бешика од дива свиња. На докторот целата работа му била сомнителна зашто бешиката мирисала на урина, но не дал никаков официјален коментар. Времето поминувало, а случајот станал главна тема во целата земја.

Сите лаги излегле на виделина на 4 декември

Политичарот Томас Онслоу на своја рака покренал истрага и утврдил дека сопругот на Мери, Џошуа, веќе со месеци редовно купува зајаци. Тој го притиснал Хауард, кој на суд признал дека сестрата на Мери го поткупила да учествува во измамата. Мери била уапсена, но ги отфрлила обвиненијата за измама, додека нејзината сестра тврдела дека зајците ги купувале само за јадење.

Сепак, на крајот, Менингем го изгубил трпението и ѝ се заканил на Мери дека ќе ѝ направи стравична операција. Исплашена, таа конечно признала сѐ. По абортусот, додека грлото на матката уште ѝ било проширено, ставила во неа делови од мачки и глава од зајак. И приказната за зајакот кој многу ја возбудил била измислена. Таа ги обвинувала сите, од мајка ѝ до соседите, дека ја наговориле на тоа, но ништо не помогнало. Осудена е за измама и завршила во затвор, а многу познати доктори го изгубиле угледот стекнуван со години.

Слични објави

Зошто се длабат тиквите за Ноќта на вештерките? Интересни верувања за еден од најпопуларните празници во западниот свет

еспресо

Огледален датум 24.10.24: Што треба да знаете за овој ден

еспресо

(Фото) Првиот снег стигна на Балканот: Студениот бран патува кон исток

еспресо

Денес е Успение на Пресвета Богородица: Што треба да правиме на овој голем празник

еспресо

Огледален датум 8.8.2024: Што значи овој ден и како ќе ви го промени животот

еспресо

Топ осум производи кои секојдневно ги јадат долговечните Јапонци: Нутриционистите советуваат да ги внесете во исхраната

еспресо
Се вчитува....