-2.2 C
Скопје
20:48 - 22 декември, 2024

Билјана Црвенковска: Жените, мајките, девојките во Македонија, се плашат да кажат „НЕ“

За мене пишувањето е сонување приказни, но згора на тоа, во моите приказни отсекогаш сонот имал многу важно место, како што ќе видат читателите и од овој роман, вели Црвенковска.

По успесите како писателка за деца, Билјана Црвенковска го промовираше својот прв роман за возрасни, насловен „Девет приказни за госпоѓица Сит“, женски приказни раскажани од жена.
Црвенковска мисли дека има потреба за женски приказни воопшто, без разлика од кого се напишани, дали од маж или од жена.

– Недостигаат женски ликови во нашата литература, иако во последно време тоа се менува, особено со книгите на Румена Бужаровска, кои постигнуваат огромен успех не само кај нас, но и со книгите на други наши современи авторки (па и автори). Сепак, мене лично сè уште ми недостигаат приказни во кои жените се главните ликови. Не сакам премногу да откривам од романот, но читателите ќе забележат дека во него практично и нема други ликови освен девет (всушност десет) жени – и една мачка, вака го започнавме разговорот со писателката Билјана Црвенковска за „Женски печат“.

Во фокусот на романот се – не една ниту две – туку дури девет жени, односно девет поврзани женски приказни, длабоки и потресни, љубовни, тивки или гласни, нежни или моќни… Што е тоа што ги поврзува сите овие жени?

– Романот е сочинет од девет приказни и нешто повеќе од тоа, би рекла, ха, ха. Верувам дека ќе има дискусии дали може да се дефинира како роман, тоа кај нас е честа појава, да мора да се стават работите во некаков кош. Инаку, не можам да откријам како се тие девет приказни поврзани во романот, оти тоа е главната поента на крајот, но можам да откријам што ги поврзува тематски: повеќето од нив живеат надвор од сопствената држава (во случајов се добива впечаток дека поголемиот дел од нив се од Македонија, но можат да бидат од каде било, јас избегнувам да пишувам стриктно локални приказни), сите имаат некој проблем што мораат да го решат и сите успеваат на некој начин да се изборат со самите себеси и да донесат одлука која на некој начин ги ослободува од стегите. Останатите теми што ги допирам се економската нестабилност, насилството, родовата рамноправност, справувањето со загуба и одредени ЛГБТ- прашања.

Ако жанрот магичен реализам, во кој е пишуван романот, го пренесеме на описот на македонската жена, која е нејзината реалност, а во што е имагинативното?

– Веќе споменав дека романот се поврзува со Македонија, но може да се смести и на кое било друго место. Се одлучив за овој жанр од неколку причини: Прво, не сакам реализам, тоа не е мој жанр и секогаш ми недостига на која било реалистична, секојдневна, некогаш тешка или горчлива приказна да ѝ дадам поинаков призвук, да ѝ дозволам да завлезе во онаа зона меѓу јавето и сонот; Второ, магичниот реализам е мој омилен жанр, иако сум решена дека ќе напишам роман кој ќе биде епска фантастика, или барем фантастика, тоа е мојот втор омилен жанр; Трето, пред речиси три години се роди идејата за овој роман: знаев дека ќе бидат девет приказни, односно десет, како што ќе видите на крајот на романот, дека ликовите ќе бидат жени и дека ќе има мачка. Знаев дека повеќето од приказните ќе бидат проблеми кои ги има современата жена во Македонија, и надвор од неа, зашто сакав да го третирам сериозно прашањето на миграцијата. Сепак, приказните се современи и универзални, избегнувам да се занимавам со она што би било заедничко само за жените во Македонија.

Што е тоа, според тебе, што сè уште ги плаши жените и мајките во Македонија?

– Да кажат „не“. Жените, мајките, девојките, воопшто имаат проблем/страв при кажувањето на овој збор, во кој било момент, во која било сфера, за кое било прашање. Но полека се учиме сите како да бидеме похрабри и да кажеме „не“ на многу работи за кои порано било незамисливо да ги одбиеме, веројатно затоа што сме верувале дека „мораме“ да ги правиме од оваа или онаа причина.

Колку сме блиску или далеку од родова еднаквост?

– Мислам дека за некои прашања сме поблиску одошто сме биле претходно, но за некои сме исто толку далеку како и нашите баби и прабаби, особено кога се работи за грижата за домот и за децата. Додека не се смени тоа и додека тој труд не се подели подеднакво меѓу жената и мажот – далеку сме, особено споредено со запад, а ако споредуваме со скандинавските земји – во прашање се светлосни години.

Како пријател на децата, преку твоите книги за деца, сметаш ли дека новата генерација девојчиња може да ги донесе промените во однос на надминување на патријархатот, мизогинијата и хомофобијата, или треба да почекаме уште нови генерации?

– Верувам дека може. Новите генерации се во многу нешта различни од нас, но она што јас го сметам за позитивно кај нив е што се станати похрабри, порешителни, понетрпеливи кон неправдите и не сакаат да молчат. Доколку се образуваат во еден современ дух, доколку им се пружи пристап кон квалитетна литература која се занимава со овие прашања: феминизам, прифаќање на различностите, родова еднаквост итн.

Прашање од Калиопа Петрушевска, мајка на авторката, професорка во пензија и една од првите читатели на романот:
Дали за тебе пишувањето/литературата е она место каде што се допираат јавето и сонот?

За мене да, апсолутно. За мене пишувањето е сонување приказни, но згора на тоа, во моите приказни отсекогаш сонот имал многу важно место, како што ќе видат читателите и од овој роман. Јас се дефинирам себеси првенствено како сонувач(ка), мечтател(ка), а дури потоа како писателка или што и да е друго. А токму тоа место, таа гранична зона меѓу јавето и сонот, е место каде што најчесто престојувам и каде што се чувствувам најкомотно.

Прашање од Елена Копртла, уредничка на изданието:
Ако го следиме Богдан Богдановиќ, кој вели дека во секој голем роман живее барем еден голем град или обратно, во секој град се случува барем еден голем роман, во „Девет приказни за госпоѓица Сит“ се среќаваме со 9 големи градови, 9 современи фланерки кои се и дел и одвоени од урбаниот спектакл, и актерки и набљудувачки (не знам колку се согласуваш со оваа теза). Сè уште ми е дилема и дали сите девет точки се места каде што жените, со другите малцинства, не се полноправни граѓани?

Ова е интересно прашање, и да, се согласувам со тезата, иако всушност не се девет големи градови, едната од приказните се случува во едно мало селце, односно во планина, но нејсе… Не би рекла, инаку, дека тие не се полноправни граѓани таму каде што се, но секако повеќето од нив се мигрирани во туѓа земја, каде што дојденците и дојденките најчесто не се прифатени и не се третираат исто како тамошните. Една третина од Македонија е иселена во странство. Многумина од нив едноставно немале друг избор. Тие што имале, повторно одлучиле да бараат подобри услови надвор. Верувам дека уште толку во овој момент размислуваат за заминување.

Прашање од Ника Гавровска, писателка за деца и една од првите читатели на романот:

Пријатно изненадена од потенцијалот за создавање приказни за возрасните читатели, заради твојата досегашна посветеност на детската литература, се прашувам дали имаш страв од возрасниот читател на романот и дали тој страв е можеби поголем од оној на искрениот детски поглед?

– Секогаш велам дека е потешко да пишуваш за деца, оти одговорноста е поголема, мораш да имаш познавање од психологија и педагогија, мораш да бидеш и ти дете за да умееш да им се приближиш и да се идентификуваш со нив, а и тие со тоа што ќе го напишеш, и да, тие се многу строги читатели, кои ако не им се допаѓа – ќе ја остават книгата и нема ни да ја отворат. Но сметам дека е многу полесно за еден автор ако почнал да пишува прво за возрасни, а потоа за деца, одошто обратно. Имав коментари, иако ова не ми е првпат да пишувам за возрасни, туку е да речеме прв роман, дека можеби не треба да го правам тоа за да „не ми се наруши имиџот како автор за деца“. Не се согласувам со тоа ни најмалку, бидејќи за еден автор е особено важно да расте и да се гради. Исто така, за еден автор е особено важно да има рамноправен читател, критички настроен, кој со своите позитивни и негативни критики ќе му овозможи да порасне како автор. Исто така, за еден автор е особено важно да може да ги изрази до максимум своите книжевни капацитети, што исто така е ограничено, жанровски и стилски, пред сè, кога е во прашање книжевноста за деца. Но самиот момент што автор за деца првпат влегува во водите каде што доминираат сериозни писателски имиња (повеќето од нив сериозни повозрасни мажи) може да биде дочекано со сомнеж(и). Страв? Не. Предизвик? Апсолутно!

Слични објави

Зошто се длабат тиквите за Ноќта на вештерките? Интересни верувања за еден од најпопуларните празници во западниот свет

еспресо

Огледален датум 24.10.24: Што треба да знаете за овој ден

еспресо

(Фото) Првиот снег стигна на Балканот: Студениот бран патува кон исток

еспресо

Денес е Успение на Пресвета Богородица: Што треба да правиме на овој голем празник

еспресо

Огледален датум 8.8.2024: Што значи овој ден и како ќе ви го промени животот

еспресо

Топ осум производи кои секојдневно ги јадат долговечните Јапонци: Нутриционистите советуваат да ги внесете во исхраната

еспресо
Се вчитува....