8.8 C
Скопје
17:50 - 18 април, 2024

Репортажа: Сите плусеви и минуси на одморот во Преспа (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Уште од минатата летна сезона, заедно со короната, пристигнаа и домашните туристи по македонските плажи. И оваа година многумина одлучија да се сончаат дома. Иако Охрид е неспоредливо најпосетена туристичка дестинација, некои семејства, особено оние со помали деца, се двоумат каде да го минат годишниот летен одмор. Можеби најмалку посетено, од сите три наши езера е Преспанското.

Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска

Па, еве, ќе се обидеме да ви ги доближиме условите, цените, сите плусеви и минуси на овој крај, со цел да ви ја олесниме одлуката, доколку решите ова лето да не поминете граница. Семејствата со просечни примања се најповикани да ја посетат Преспа, пред сè затоа што нема атракции, продавници и тезги каде до бесконечно децата ќе ви бараат од сè по нешто. Доколку сте од оние кои сакате одмор во вистинска смисла на зборот, каде единствената рута ќе ви биде апартман или хотел – плажа и назад, тогаш повторно, ова е вистинското место за вас.

Недостатоци – тиња и „палење“ кола до плажа

Оние од повозрасните генерации, веројатно се сеќаваат на Претор и одмаралиштето „Мите Богоевски“. Се сеќаваат на летните лудории кои беа организирани и вечерните забави со караоке, маскенбали и слични анимации за децата од училишна возраст. Паметат дека една од најубавите песочни плажи беше токму плажата во Претор. Денес, од тоа време не останало речиси ништо. Таму ќе најдете две – три ресторанчиња, со ограничена понуда на храна, една продавничка, една пекара и три тезги. Цените не се ефтини, особено не во продавницата, која иако не е доволно снабдена, нуди производи како да сте во скопски супермаркет.

Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска
Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска

Плажата во Претор, каде што се наоѓа најубавиот пица ресторан, е убава и чиста, а цената за две лежалки изнесува 200 денари сосе кафе – макијато или еспресо, а за нес-кафе треба да доплатите уште по 20 денари. Но, водата е со тиња, која има непријатен мирис, а и чувството на стапалата е како да ќе пропаднеш секој момент. Приватното сместување за четиричлено семејство во апартманите во Преспа се движи од 1.500 до 2.500 денари од вечер.

Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска

Главниот недостаток во Преспа е тоа што, каде и да сте сместени, треба да „палите“ кола за до плажа, освен ако не ја одберете опцијата Преспа, приватно сместување и бањање во вода со тиња. Малку подолу, на 5 километри од Претор, се наоѓа автокампот Крани, а веднаш зад него е хотелот „МВР – Крани“. Плажата на Крани нема лежалки и не е една од најчистите, но затоа има снабдена продавница со достапни цени. Сместувањето во „МВР – Крани“ чини 900 денари по ден со појадок, ручек и вечера, а за помали деца можете да земете пола порција која чини 600 денари. За деца до 4 години не се наплатува. Собите, освен новите телевизори, се веројатно истите од времто кога хотелот е изграден, но секогаш е чисто и редовно се одржува хигиената. Оброците се обемни и вкусни, а персоналот е малку помалку љубезен од лани. Хотелот има убав голем двор, идеално место за играње на најмалите.

Крани
Крани / Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска

Позитивности – Преубавата плажа Конект-Сливница и вода топла „бара“

Најубавата плажа на Преспанско езеро се наоѓа помеѓу Претор и Крани, поточно на четири километри од Крани. Конект – Сливница е долга плажа со златен ситен песок и проѕирна вода. Наутро, до 9 часот водата е студена (студена во овој случај значи иста како во Егејско Море), а подоцна, буквално е потопла отколку температурата надвор, со еден збор – водата е бара. Маната тука е што треба да се оди околу 300 метри за да дојдете до вода до стомак, но затоа пак, е идеално за помали деца, имено, немате воопшто грижа дека може да отидат во длабокото без да ги забележите. Цената за 2 лежалки на оваа плажа е 250 денари, за разлика од лани, кога се наплаќаше 200 денари, за кои добивате, исто како и во Претор, две кафиња плус литро ипол вода. На Конект – Сливница немате опција да доплатите за нес кафе, ви следува еспресо или макијато. Ама, само за наплата доаѓа послугата, подигнувањето на платеното си го правите сами. Оттаму велат дека целиот расположлив персонал „избегал“ на работа во Хрватска и Црна Гора. Во рамки на оваа плажа, освен кафе – барот има и ресторан.

Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска
Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска
Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска
Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска
Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска
Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска
Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска

Долно Дупени е можеби најпознатата плажа на Преспанско езеро, но оваа година, поради повлекувањето на езерото, не е место кое би ви го препорачале во листата насловена „мора да се посети“. Истото важи за најмалку познатата Вајб – бич во Наколец. Еден ветар, и тие плажи веќе не се исти како од фотографиите кои ќе ги најдете на Интернет.

Вајб – бич во Наколец / Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска
Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска
Фото: Еспресо.мк / Мими Стојановска

Една од најголемите предности на Преспа е климата. Тука не ви треба клима уред, секогаш е пријатно и дувка ветре, а за навечер задолжително понесете си облека со долги ракави. И насмевка, каде и да одите. Пријатен летен одмор!

Мими Стојановска

Слични објави

(Фото) Ова ли е Меган Маркл? Облечена во маица од 60 долари и речиси беш шминка

еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ објави приватна преписка со нејзиниот татко! Овие зборови нема никого да остават рамнодушен

Еспресо

Големата парада на планетите до крајот на април: Што да очекуваат хороскопските знаци? 

еспресо

(Видео) Александра Пријовиќ направи прекршок во Белград, тројца полицајци истрчаа од станица!

Еспресо

Ава Карабатиќ доби повеќе гласови и од министерката за култура: Старлетата се огласи по изборите во Хрватска

Еспресо

(Фото) Еве како изгледа Мина Наумовиќ еден месец по породувањето: Прво јавно појавување на водителката и Огњен Амиџиќ

Еспресо
Се вчитува....