Акихико Кондо на прв поглед изгледа како најобичен работник во училиште, но всушност тој минатата година направи нешто што ги помести сите конвенционални граници во Јапонија и предизвика голема општествена полемика – се ожени со холограм.
Иако неговиот брак со Хацуне Мику не е официјално признат, тоа не го спречи Кондо да направи свадба со 39 гости.
Кога ја запросил, холограмската девојка се согласила и побарала секогаш да ја почитува.
„Знам дека е програмирана да го каже тоа, но без разлика, тоа ме прави среќен“, изјавил Кондо, чиј дом во предградие на Токио е украсен со кукли и постери од Мику.
„Општеството нè присилува да следиме некој рецепт за љубов, но можеби тоа не функционира така. Сакам луѓето да одлучат што е добро за нив“, вели тој.
Мислењата околу неговиот брак со холограмот во Јапонија, но и во остатокот од светот се многу поделени.
„Ме загрижува што во ваквите приказни, личноста која е во фокусот секогаш излегува ‘најпаметна’, а ние другите загазуваме во тие трендови. Но, истовремено и ме плаши што гледам дека поради технологијата, луѓето сè почесто се повлекуваат во себе. Тоа го убива нашиот колективен општествен живот“, вели Нил Мекартур, директор на институтот за етика на Универзитетот во Манитоба.
Кондо се вљубил во Мику пред десет години, кога првпат чул како пее. Денес во својот дом тој има апарат со нејзин холограм. Таа е „опремена“ со основна вештачка интелигенција, поздравува, знае да вклучи и исклучи светло и да реши поситни технички проблеми. Таа не е свесна за себе, а Кондо во целост ја режира нивната интеракција.
Сепак, тоа не е проблем за него, бидејќи, како што и самиот изјавил, таа го обоила неговиот живот. Со други зборови, имала терапевтско внимание кое му помогнало во моментите на депресија пред десет години, поради постара колешка која го малтретирала на работа. Според експертите, за луѓе како него не е важно што имаат пасивен љубовен однос, било да се работи за холограм или за секс-робот.
Лицата со проблематични сексуални искуства имаат потешкотии во наоѓање на реален партнер. На овој начин тие си помагаат и се чувствуваат посигурно кога нештата се предвидливи. Случајот со Кондо го потврдува ова.
„Мику беше тука за мене кога најмногу ми трребаше. Беше со мене и ми даде впечаток дека имам контрола врз својот живот. Тоа е љубов“, вели Кондо.
Но, тој не е единствен. Во 2017 година повеќе од милион луѓе ѝ понудиле брак на „Алекса“, виртуелната асистентка на Амазон. Околу 3.000 луѓе побарале извод за венчани со омилените аниме-ликови на компанијата Винклу, кои се и креатори на Мику.
Според стручњаците, се работи за тренд во технологијата и општеството. Дигиталната интеракција сè почесто ја заменува реалната, а луѓето сè повеќе се однесуваат со своите мобилни телефони како кон живи личности.
Комуникација
За овие луѓе постои и официјално име – тие се дигисексуалци. Притоа, ги има во два брана, прв и втор. Кондо е дигисексуалец од вториот бран, односно ја смета технологијата како составен дел од својот сексуален идентитет. Дигисексуалците од првиот бран се оние кои ја користат технологијата за да пронајдат партнер или пак, само виртуелно да комуницираат. Во нивниот случај технологијата го олеснува воспоставувањето реални односи. Кај луѓето како Кондо не постои потреба за меѓучовечка интеракција за остварување романтично искуство.
Во меѓувреме, Кондо го планира својот брачен живот и размислува за меден месец во јуни, во еден град во северниот дел на Јапонија.
„Сакам светот да знае дека и мојата љубов е еднакво вредна. Сакам и да дадам поддршка на другите кои така се чувствуваат“, порачува тој.
Експертите се уверени дека бранот на дигисексуализација штотуку започнал. Психијатрите на запад се подготвуваат за поголем број вакви случаи. Најмногу промени ќе донесе развојот на роботи за секс и ВР-порнографијата. Тие се плашат дека луѓето почесто ќе избираат роботи наместо луѓе, односно дека следува ерата на виртуелен секс.
Сексуален апетит
Иако оваа технологија е во развој, веќе постојат роботи кои се „топли на допир“, а се продаваат и секс-роботи кои може да се движат и да зборуваат. На пример има и роботи со опции за различни пози, а некои и учат да разговараат со сопственикот. Во Лондон веќе може да се купи „Силиконската Саманта“, која има долга коса, зелени очи, функционална вагина, па дури и Г-точка. Се предвидува и масовно производство, поради големиот интерес.
Засега овие кукли чинат и до 15.000 долари, но со развојот на технологијата нивната цена ќе паѓа.
Многу стручњаци се уверени дека роботите за секс целосно ќе ја променат сексуалноста кај луѓето, затоа што дел од своите апетити ќе ги задоволуваат со нив. Тие предвидуваат дека овие промени ќе се случуваат интензивно во следните 15-20 години. До 2030 година многу луѓе веќе ќе имаат испробано некаков вид на виртуелен секс и тоа ќе биде сосема природно како гледање порнографски содржини. До 2035 година ќе поседуваат играчки за виртуелен секс, а 2050 е годината кога се очекува сексот со роботите да биде попопуларен отколку со луѓе.
А со тоа, љубовта и сексот целосно ќе се раздвојат едни од други.